За постот

Постот е древен дар, кој не слабее, не старее, туку постојано се обновува и цути со полна убавина. Постот ја праќа молитвата на небото, како на крилја, тој ја вознесува на својот возвишен пат.

Постот е – напредок на домовите, мајка на здравјето, воспитувач на младоста, украс на старците, добар сопатник на патниците, сигурен сожител на тие што живеат заедно.

Постот ги чува децата, на младите му дава поука, на старецот му дава достоинство. Постот е украс што најмногу  и прилега на жената, узда во цветот на младоста, заштита на сопружништвото, воспитувач на детството …

Постот е многуценет дар од  Бога. Престара установа, која што се сочувала како наследство од нашите татковци и стигнала до нашите денови.

Примете го постот со радост. Примете го, сиромашни својот другар. Примете го, слуги, вашиот одмор. Примете го, богати, постот кој ве спасува од опасноста на прејадувањето и го прави вкусно тоа што од постојана употреба станува безвкусно.

Болни, примете ја мајката на здравјето. Здрави – осигурањето на вашето здравје. Прашајте ги лекарите, и ќе ви речат дека ништо не е толку непостојано и несигурно како здравјето. Затоа совесните луѓе со помош на постот настојуваат да си го сочуваат здравјето и да се ослободат од разурнувачката тежина на згоеноста на телото.

Не тврди дека не можеш даа постиш, како изговор наведувајќи болест или телесна немоќ, зашто, од друга страна, цел живот го мачиш телото со прејадување. Многу добро знам дека лекарите на болните почесто им наложуваат скудна диета и пост, отколку разновидна и обилна храна.

Освен тоа, што е полезно за телото – да помине една ноќ со лесна вечера или да легне в кревет оптоварено со многу јадење? Може ли така да се одмори или цела ноќ ќе се превртува, претоварено и измачено? Со кој брод некој капетан може полесно да управува и да го спаси во случај на бура – со оној што е претоварен или со оној што носи нормален товар ? Нема ли претоварениот брод да го потопи и сосема слаба бура ? Така и телата, кога се мачат од многу храна, лесно подлегнуваат на болестите. А кога се хранат лесно, го одржуваат своето добро здравје …

Користа од постот не ја ограничувај само на воздржување од јадење, затоа што вистински пост е оддалечување од зли дела.

 

Свети Василиј Велики