И така, каде и да сме, најважно е да ја исполниме Божјата волја, најважно е сите околу нас да го видат сведоштвото Божјо, да го исповедаат Христа, Нашиот Спасител и искрено да Му послужат. Жртвата што притоа треба да ја дадеме не е важна, претрпувајќи ги искушенијата кои треба да го изобразат Христа во нас и во другите. Нема поголема радост и овде и за небесата ако се случи тоа изобразување на образот со Праобразот, со Самиот Бог, во себе. Впрочем, кажано е Царството Небесно е внатре во вас, а каде што е царството таму е и Царот на кого треба единствено, во таа пожртвувана љубов, да Му Го принесеме народот Божји кои ни го доверил.
Односот Бог – човек е возвишен затоа што од една страна е Светиот, Божјиот, Вистинитиот, а од друга понизниот, скрушениот, малиот, кој во тој разговор љубовно Му се обраќа на Саканиот. Молитвената прозба искажана во таа љубов за себе и за сите други непречено се искачува до Божјиот престол, до Самиот Бог. А тој милозливо Го прегнува секого од нас, давајќи Му го потребното.
Возвратената љубов од страна на човекот се покажува или не се покажува преку благодарењето или неблагодарењето. Ако заблагодариме за сè што ни се случува, се искачуваме на крстот спремни да се сораспнеме со Христа и да го предвкусиме воскресението уште овде на земјата.
Со многу љубов,
Сестра Илијана (Илкова),
Игуманија на Марковиот манастир
За Архимандрит Гаврил Галев, Пастирот на словесното стадо Христово во Австралиско-сиднејската епархија по повод 20 годишниот јубилеј од неговото заветување да Му служи единствено на Бога.
- 02. 2018
Марков манастир, Скопје – Р. Македонија