Во што не помага Бог?

Кај евангелистот Лука има една епизода што зафаќа само два стиха, иако според својата содржина е исклучително важна за разбирањето на многуте ситуации во нашиот живот. Тоа е глава 12. Еден од слушателите Му се обраќа на Христос со молба: „Учителе,  кажи му на мојот брат да го подели со мене наследството!“ (Лука 12,13). За човека во тоа време било сосема природно да му се обрати на почитуваниот Учител за своите нерешени спорови и тужби. Меѓутоа, Спасителот, иако можел да им пресуди на браќата, одбива да се вмеша во спорот, велејќи: „Човеку, кој Ме постави да ви судам или да ве делам?“ (Лука 12,14)

Кај светите отци при толкувањето на оваа епизода од Евангелието најчесто се сретнува мислата дека Господ го одбил човекот зашто човекот „не Го прашал Господа за она што е полезно и нужно за спасение, туку Го замолил да биде делител на земното и привремено богатство“ (блажениот Теофилакт Бугарски).  При тоа Спасителот укажал и на духовната причина за раздорот, која се состоела од среброљубие, користољубие, желба за стекнување имотно богаство, а тоа раѓало и други страсти. За тоа пишувал св. Игнатиј (Брјанчанинов). Ако го примениме во нашиот живот толкувањето на овој евангелски текст, ќе дојдеме до заклучокот дека ние некогаш не добиваме одговор од Бога на нашите молитви зашто молиме за работи што се неполезни за нас, а можеби и штетни. Со нас не управува стремежот кон духовното совршенство, туку земната корист, која кон тоа ги подгрева нашите страсти.

Меѓутоа, кај светите отци може да се најде и едно поинакво толкување на овој евангелски текст. Свети Кирил Александриски при неговото толкување меѓу другото вели: „ Во врска со тоа, само на оние што Му се поклонуваат со покорноста на својот разум, Бог им дава заповеди и им назначува закони“. То ест Господ, според мислењето на светецот, одбива да помогне и затоа што Он не се јавува како Законодавец во животот на оние луѓе што не сакаат да се раководат според заповедите и законите што им се дадени. Таквите луѓе сами излегуваат од областа на Божјото законодавство и паѓаат во амбисот на светското законодавство. Свештеномаченикот Онуфриј Гагаљук во врска со дадениот евангелски текст напишал: „Бидејќи луѓето се оддалечуваат од Бога и од Неговите заповеди, во центарот на своите дејствија ја ставаат човечката волја, која е променлива, ограничена, а без Бога и злобна, полна со омраза и страв, тогаш за земен рај или за мир на земјата не може ниту да стане збор, сообразно со Христовите зборови: „и бидејќи безаконијата ќе се умножат, кај мнозина љубовта ќе олади“ (Матеј 24,12).

Се сеќавам на еден случај од парохискиот живот. Една жена, која имала добро платена работа во една приватна фирма, се обратила кај свештеник. Неа многу ја мачела совеста поради постојаните караници со потчинетите. Последните караници, според неа, не се случиле по нејзина вина. Од неа побарале да изврши незаконски дејствија, кон што таа ги принудила своите потчинети. Тие почнале да се противат, да негодуваат, при што дошло до караница. Морално изморена, таа решила да побара помош во црквата. Тоа е сосема оправдано. Не станува збор за материјално прашање, како во споменатиот текст од Евангелието (иако длабоко во основата се наоѓа токму тоа). Каде ќе најде човекот помош, исцеление на душата, разрешение од грижите на совеста, ако не во храмот?…

За жал, не се решаваме да ги следиме евангелските закони што нѐ повикуваат на отстапување од барањето на виновникот.

Поврзаноста на овој случај од парохискиот живот со евангелската приказна не е очигледна на прв поглед, меѓутоа коренот на постапките и на жената и на човекот од евангелската приказна лежи во истата основа. Господ одбива да му помогне на човекот зашто она што го барал не се наоѓало под раководството на Божјите закони. Христос одбил да се вмеша во спорот, кој бил чисто правен и за чие разрешување постоеле граѓански кодекс и соодветни институции, одбил да се вмеша во спор што бил обременет со скриено среброљубие. Но и жената тешко дека ќе може да смета на помош, додека нејзините душевни конфликти се наоѓаат во ситемот на човечките закони, на кои таа доброволно им се потчинила. Во основата на нејзиниот избор лежи желбата да го обезбеди својот живот од материјална гледа точка, а не од духовна. Но и ако ја отфрлиме последната забелешка и ако се обидеме да го сведеме случајот со парохијанката на меѓучовечките, природни односи, тогаш и тука ќе треба да го бараме одговорот, излезот во Евангелието (во евангелскиот опит). Исто како што и многуте наши природни конфликти во односите со роднините, пријателите, колегите произлегуваат поради тоа што се плашиме да ги следиме евангелските закони, кои нѐ повикуваат на отстапување, на неосудување, на љубов, на милосрдие, не гледајќи на лицата и не барајќи го виновникот.

Сите евангелски закони бараат од нас да дадеме несомнен приоритет на духовната полза над грижите за животот во овој свет. Сите наши обиди во односите со ближните да ја воспоставиме „правдата“ по секоја цена, да платиме со истата монета, да ги воспоставиме заемните односи исклучиво од материјални побуди- сето тоа нѐ вовлекува во стихијата на законодавството од овој свет, а тоа значи дека ние доброволно излегуваме од онаа област каде што е Бог нашиот главен Законодавец, доброволно се откажуваме од Неговата помош.

Што би можел да ѝ одговори свештеникот на жената од опишаниот случај? Да ја посоветува да ја смени работата? Да престане да постапува противзаконски и да ги принудува на тоа своите потчинети? Тоа е очигледно. Во спротивно би требало жената да се помири со раздвоеноста на душата, со нејзината болна истоштеност. Ако ги прифаќаш животните услови доброволно според законите на овој свет, тогаш невозможно е да ѝ се помогне на твојата душа, невозможно е да се излекува грижата на совеста. Токму таков одговор добила жената.

„Кој Ме постави да ви судам или да ве делам?“ – му одговорил вселенскиот Судија на човекот што се обидел да Го убеди да пресуди според законите на овој мир, според законите поставени од луѓето. Многу прашања на совеста произлегуваат од тоа што човекот, раководејќи се според сопствените мислења, живее според законите на човечкиот свет, според личното мнение. За да се исцели изморената душа, пред сѐ е неопходно таа да се извлече од потчинетоста на тие закони и да се внесе во областа каде што е Бог Законодавецот. Како што вели св. Теофан Затвореник: „Насочи ја сета грижа кон тоа да зацари Бог во тебе, и сите работи во животот ќе ја изгубат за тебе вредноста и привлечноста“.

Секако, во реалниот живот не е секогаш лесно и можно веднаш да се извлечеме од ситуацијата каде што е потребно раководство од законите на овој свет. Во таквите ситуации треба постојано да му се молиме на Господа за да влезе Он Самиот во нашиот живот и да ги измени ограничувачките околности. При тоа, ние треба да бидеме спремни да ги трпиме душевните маки, душевниот дискомфорт и штетата што ни ги носат тие околности. Не можеме да се избавиме од нив со сочувување на совеста! За целосно исцелување е потребна храброст да се раскине синџирот на реалноста, да се излезе од потчинетоста на светските закони, од законите на нашето самољубие и да се влезе во сферата каде што е Бог единствениот Законодавец. Токму тоа е довербата кон Бога, врз што се гради вечниот живот, довербата во тоа дека е благослов за човека да живее според Божјите закони, без оглед на надворешните околности.

 

                                                                                                 свештеник Роман Савчук          

 

преземено од: http://www.pravoslavie.ru/109009.html

превод: Александра Коциќ