ВЕЛИКИОТ ПОСТ – ПАТ КОН ВОСКРЕСЕНИЕТО

Кога човек се спрема да појде на пат, тој треба да ја знае целта на своето патување. Истото се однесува и на Великиот пост. Постот е пред сѐ духовно патување, а негова крајна цел е Пасха (Воскресението, Велигден), „благденот над благдените“. Постот е припрема за „исполнување на Пасхата, како вистинито Откровение“. Затоа, најнапред, мораме да ја разбереме врската помеѓу Великиот пост и Пасхата, оти таа врска ни открива нешто суштествено, нешто што е исклучително важно за целата наша христијанска вера и живот. Дали е неопходно да се објаснва дека Пасха е нешто многу повеќе од само еден од благдените, нешто многу повеќе отколку одбележување и почитување на еден настан од минатото? Секој кој барем еднаш во животот ја искусил онаа, во светот единствена радост, на пасхалната ноќ, која е „посветла од сончев ден“ го знае тоа. А во што се состои таа радост? Зошто на Пасхалната Литургија да пееме: „сега сѐ е исполнето со светлост, небото и земјата и подземјето“.? Во која смисла „го прославуваме умртвението на смртта, разорувањето на адот, почетокот на иниот – вечен живот?… Сите тие прашања имаат еден одговор: новиот живот кој засветли од гробот пред речиси две илјади години им е даден на сите кои веруваат во Христа. Тој живот ни се дава во денот на нашето Крштение, како што вели апостол Павле: „бевме сохранети со Христа, за како што Христос воскресна од мртвите, и ние на истиот начин да живееме со нов живот“.

Така, на Пасха го прославуваме Христовото Воскресение како нешто што се случило и што продолжува да се случува со нас, оти секој од нас го примил тој дар на новиот живот и примил сила за да може да го прифати дарот и да живее според него. Тој дар коренито го променува нашиот однос кон сѐ во овој свет, вклучително и кон смртта. Тој ни дава можност радосно да тврдиме: „Нема веќе смрт!“.

Но, се разбира дека со смртта сѐ уште се среќаваме лице кон лице и еден ден таа ќе дојде по нас. Меѓутоа, веруваме во тоа дека Христос со Својата смрт ја променил самата суштина на смртта, ја преобличил во премин, пасхален благден, во Пасха – премин во Божјото Царство, така преобратувајќи ја трагедијата над трагедиите во конечна победа „поразувајќи ја смртта со смрт“ (прегазувајќи ја, уништувајќи ја смртта со Својата смрт). Тој стори и ние да бидеме учесници во Неговото Воскресение. Затоа, на крајот на Воскресната (Велигденска) утрена велиме: „Христос воскресе и живот ни донесе! Христос воскресе и никој од мртвите не остана во гробот!“.

Ова е верата на Црквата, потврдена и докажана од безбројни Светии. А сепак, нели гледаме од нашиот секојдневен опит дека таа вера во суштина ја поседуваме сосема ретко, дека постојано го губиме и го изневеруваме „новиот живот“ кого го примивме како дар и дека всушност живееме така како Христос воопшто да не воскреснал од мртвите, како тој единствен по своето значење настан за нас да нема воопшто никакво значење? Сето тоа е заради нашата слабост, заради неможноста постојано да живееме „со вера, надеж и љубов“ на она ниво на кое Христос нѐ издигна кога рече: „Барајте го пред сѐ Царството Божјо и неговата праведност“ (Мт. 6, 33). Сето ови ние го забораваме. Толку сме зафатени и толку сме погружени во нашата секојдневица што ова просто го забораваме, а затоа што го забораваме духовно раслабуваме. И преку оваа заборавеност, грешења и гревови животот повторно ни станува оној „стар“, ситен, темен, лишен од секаква смисла: безначаен пат кон безначајна цел. Успеваме да заборавиме дури и на смртта и тогаш, одеднаш, среде нашето уживање во пријатниот живот таа неочекувано ни доаѓа: ужасна, неизбежна, бесмислена. Понекогаш ги сознаваме нашите различни „гревови“ и се каеме за нив но не се предаваме на оној нов живот кој ни го открил и ни го дал Христос. Живееме небаре Христос никогаш не дошол. И токму тоа е единствениот вистински грев, најголемата трагедија и тага на нашето номинално христијанство.

Доколку го сфатиме и признаеме тоа, тогаш ќе можеме да разбереме што е тоа (Пасха) Воскресение и зошто пред неа е неопходен Великиот пост. Само тогаш ќе можеме да сфатиме дека целокупната литургиската традиција на Црквата, целиот нејзин богослужбен циклус е тука, пред сѐ, за да ни помогне повторно да ја откриеме и да ја вкусиме визијата на тој нов живот, од кого толку лесно отстапуваме, издавајќи го, за повторно да се покаеме и да се вратиме во него.

Како можеме да го љубиме и да го сакаме она што не го познаваме? Како можеме да го ставаме над сѐ останато во нашиот живот нешто што не го знаеме, радоста која не сме ја вкусиле? Накратко, како можеме да го бараме Царството за кое немаме никаков поим?

Црковното богослужење од самиот почеток и до ден денес е единствен влез во  Божјото Царство, наше приопштување кон новиот живот. Црквата преку својот богослужбен живот ни го открива она „што не го видело окото, што не го слушнало увото и што не му дошло во срцето на човекот…што го приготвило Бог за оние кои Го љубат Него“ (1 Кор. 2, 9). Пасхата е самиот центар на богослужбениот живот, негово срце, врв, сонце кое со своите зраци проникнува насекаде. Секоја година дверите се откриваат во светлината на Христовото Царство, ни се дава предвкус на вечната радост која нѐ очекува, на славата и победата кои веќе невидливо ја исполнуваат целата вселена: „Смртта веќе не постои“. Сето црковно богослужење е изградено околу Пасхата: затоа годишниот литургиски циклус, распоредот на црковните благдени и постови е патешествие, паломништво кон Пасха, кон крајот кој истовремено е и почеток, кон крајот на сѐ старо, почетокот на новиот живот, постојан премин од светот во Царството, кое ни се објави во Христа.

Меѓутоа не е лесно да се победи и промени стариот живот, животот во грев. Евангелието очекува и бара од човекот труд за кого тој во своето сегашно состојание воопшто не е кадар. Нѐ повикуваат во битка против невидливото, не повикуваат кон цел, кон нов начин на живот, кој е повисок од нашите можности. Дури и апостолите кога го слушале учењето на својот Наставник, во недоумие Го прашале: „Како е можно тоа“? Воопшто не е лесно човек да се откаже од ситниот идеал на живот, кој се состои од секојдневни грижи, од потрага по сретства за безгрижно постоење, задоволства, сето она што е толку далеку од целта – совршенство: „Бидете совршени, како што е совршен вашиот Отец небесен“ (Мт. 5, 48). Светот со сите свои земни средства за пренесување ни вели: бидете среќни, живејте безгрижно, одете по широкиот пат. Христос и Евангелието ни говорат: одете по тесниот пат, по патот на борба и страдања, затоа што тоа е единствениот пат кон вистинска среќа. Без помошта на Црквата како можеме да се решиме на тој страшен избор, како можеме да се покаеме и да се вратиме кон светлото и радосно ветување, кое Црквата ни го дава секоја година на Пасха? Еве зошто ти е потребен Великиот пост. Тој е рака за помош која нам ни е пружена од Црквата, тој е школа на покајание која единствена е кадарна да нѐ подготви за да ја пресретнеме Пасхата, не толку како разрешување да јадеме, пиеме и одмараме, туку како вистински крај на старото во нас, како настапување на новиот живот.

Во првите векови на христијанството главната задача на Великиот пост било подготвувањето на „огласените“, односно, новообратените христијани за Крштението кое се извршувало за време на Пасхалната Литургија. Но дури и кога Црквата ретко крштева возрасни и самата институција на „огласени“ веќе не постои, главното значење на Великиот пост останува исто. Затоа што, макар и што сме крстени, ние постојано го губиме и го изневеруваме она што го примивме при Крштението. Ете затоа Пасхата е секојдневно враќање кон нашето лично Крштение, а Великиот пост нѐ подготвува за тоа враќање, кон постојаното и постојаното усилие кое нѐ носи кон Пасхата, кон конечен премин во нов живот во Христа. Богослужењата на Великиот пост до ден денес ја зачувуваат својата карактеристична  црта на поучување, како да станува збор за приготвување за Крштение; но тоа не се археолошки остатоци од минатото, туку нешто што е вистинско и суштествено за нас. Бидејќи Постот и Пасха за нас секоја година претставуваат ново откритие и пронаоѓање на она што ни е дадено при нашето сопствено умирање и воскресение во Светото Крштение.

Патување, паломништво! Сепак, само што ќе стапиме во „радосната тага“ на Великиот пост го гледаме – далеку, далеку напред крајот на патот. Тој крај на патот, целта на патот е радоста на Пасхата, влезот во сјајот на славата на Небесното Царство. И тоа што го гледаме од далеку, тој предвкус на Пасхата, ја осветува „Великопосната тага“ ја преобликува во „духовна пролет“. Ноќта може да биде долга и темна, но во целото време на патувањето ни се чини дека таинствената и сјајна светлина на зората го осветлува хоризонтот. „Не нѐ лишувај од нашата надеж Човекољупче!“

 

Протопрезвитер Александар Шмеман