Оваа света тајна, поради својата неизмерна важност ја сочинува суштината на најглавното христијанско црковно богослужење, светата Литургија
Светата тајна причестување или Евхаристија е всушност света Литургија која се врши во Црквата како тајна на Христос и на Неговата Црква. На светата Литургија има причестување. Причестувањето е света тајна во која христијанинот во вид на леб и вино го прима самото тело и крв на Господа Исуса Христа, се соединува со Него, добива простување на гревовите и залог на вечниот живот.
Оваа света тајна ја востановил самиот Спасител на Тајната Вечера. Зел леб, го благословил, го прекршил и им го дал на своите ученици, велејќи: „Земете, јадете, ова е телото Мое, кое се крши за вас“. Потоа ја зел чаша, му заблагодарил на Бога и им ја дал, велејќи: „Пијте сите од неа, зашто е ова Мојата крв на Новиот завет, која се пролива за мнозина, за простување на гревовите“.
Оваа света тајна поради својата неизмерна важност, ја сочинува суштината на најглавниото христијанско црковно богослужење, светата Литургија. На неа принесените леб и вино со призивот (епиклеза) и со дејстото на Светиот Дух се осветуваат и се претвораат во телото и во крвта на Господа Христа, со кои потоа се причестува верниот народ и така се соединува со Христос Бог. Затоа светата Литургија како заедница на Бога и Неговиот народ, всушност е срцето на самата Црква.
Кон светата тајна Евхаристија може да пристапи секој христијанин: од бебе до старец. Зашто во неа човечкото суштество се соединува со самиот Спасител. Соединет со Него, човекот живее со Него и со Неговиот вечен живот. Според зборовите на Спасителот: „Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него. Кој го јаде Моето тело и ја пие Мојата крв, има живот вечен и Јас ќе го воскреснам во последниот ден“. Имајќи го предвид светото причестување, Спасителот себеси се нарекува: „лебот Божји, Кој слегува од небото и му дава живот на светот“, лебот на животот од кој никогаш не се огладнува, лебот Небесен, кој на причесникот му дава бесмертност и живот вечен.
Бидејќи во светата тајна Евхаристија причесникот ги прима телото и крвта на Спасителот, неопходно е потребно причесникот да се подготви за оваа света тајна. Подготовката се врши со пост и со молитва, бидејќи постот и молитвата ја очистуваат нашата душа од секаков грев и нечистотија. При тоа човекот е должен да се испита себеси и со покајание да ја исчисти својата совест од гревовите. Само така подготвен човекот може достојно да се причести. Ако пристапи неподготвен на светото причестување, човекот врз себе навлекува страшна осуда. За тоа зборува апостолот Павле: „Но секој човек да се испита себе и потоа да јаде од овој леб и да пие од оваа чаша; зашто оној што недостојно јаде и пие, тој го јаде и пие своето осудување, бедејќи не го разликува телото Господово“.
Поради бескрајната важност што ја има светото причестување за христијаните, во првите времиња на христијанството, христијаните се причестувале на секоја Литургија, а подоцна тоа го правеле поретко, зашто почнале себеси да се сметаат за недостојни често да пристапуваат кон толку големата тајна. Црквата одредила побожните и ревносните христијани да се причестуваат повеќепати годишно. Оние што не се членови на Православната црква (нексртените, еретиците, секташите) не можат да се причестуваат.
Неопходноста од причестувањето на православните христијани
Оној што не се причестува со Светите тајни себеси се лишува од изворот на животот – Христос, се става надвор од Него. И обратно, оние православните христијани што со стравопочит и со соодветна подготовка редовно пристапуваат кон светата тајна Евхаристија, според зборовите Господови: „живеат во Него“. Ние во причестувањето, кое ги оживотворува, ги одухотворува нашата душа и нашето тело, како во ниедна друга света тајна се соединуваме со самиот Христос.
Еве што вели светиот праведен Јован Кронштатски во поуките за празникот Сретение Господово, кога Црквата се сеќава како старецот Симеон во Ерусалимскиот храм го примил на своите раце четириесетдневниот Младенец Христос: „Не сме љубоморни на тебе, старецу праведен! Ние самите ја имаме твојата среќа да го подигнме Божествениот Исус не само на рацете, туку и со устите и со срцата, како што и ти секогаш си го носел Него в срце, уште пред да го видиш, очекувајќи Го – и не само еднаш, не десетпати, туку колку сакаме. Кој не би сфатил, возљубени браќа, дека зборувам за причестувањето со Тајните на Телото и Крвта Христови? Да, ние имаме поголема среќа отколку свети Симеон; може да се каже дека праведниот старец го зел во својата прегратка Животодавецот Исус, како предзнак дека подоцна верувајќи во Христа во сите денови до крајот на векот ќе Го прима и ќе Го носи Него не само на рацете, туку и во своето срце“.
Ете поради што светата тајна Евхаристија постојано треба да биде присутна во животот на православниот човек, бидејќи ние овде на земјата треба да се соединиме со Бога, Христос треба да влезе во нашата душа и во нашето срце.Оној човек што во овоземниот живот бара соединување со Бога може да се надева дека ќе биде со Него и во вечноста.