Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја.
Еве една молитва што ја изрекле апостолите, а која е општа за сите нас. Сите ние, кои веруваме во Христа се молиме да постанеме учесници во славата на небесното царство. Сите сакаме да наследиме вечен живот и да бидеме поблизу до Христа по нашата смрт и по страшниот суд. Исто така, ние се молиме и за нашите починати отци и браќа – Бог да им дарува вечно блаженство. Тие наши молитви се наместо. Секој христијанин треба да се труди да влезе во царството небесно и да Го моли Бога да го удостои да остане таму.
Зошто тогаш Христос им рекол на апостолите: „Не знаете што барате?“
Од денешното свето Евангелие слушнавме дека Исус Христос при Своето последно патување во Ерусалим им раскажал на Своите ученици што го чека таму: прорекол дека: …Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на незнабожците; и ќе Го исмеат, и ќе Го бијат, и ќе Го плукаат, и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне (Марко 10,33-34). За Своите страдања Он кажал дека ќе биде прославен и ќе влезе во царството на Својот Отец (Јован 17,1-5). Апостолите разбрале само едно од зборовите на Христа: дека Он ќе биде прославен и дека наскоро, само по неколку дена, ќе настапи многу очекуваното Божјо царство. Јаков и Јован, најблиските ученици на Христа, сметале дека токму сега е времето да Му споменат дека тие и во идното царство треба да бидат најблиску до него како досега. Од нивната молба произлегува нивната цврста вера дека Христос е Месија и дека Он набрзо ќе го објави Своето царство. Но, како сите нивни сонародници, и тие мислеле дека Христос ќе биде цар на земјата, иако Он неколкупати им објаснувал со параболи и директно, какво ќе биде Неговото царство. Он и сега им објаснува подробно дека Он ќе биде мачен, суден и убиен, но тие, сепак, не можеле да се ослободат од општото верување дека ги очекува слава на земјата. Затоа Христос им рекол: Не знаете што барате! Ако Христос им ја исполнел нивната молба, тие требало да бидат распнати, наместо двајцата разбојници: едниот оддесно, а другиот одлево, на Голгота, таму, каде што се објавила Христовата слава. Тие навистина не знаеле што бараат.
И нас Бог честопати ни одговара дека не знаеме што бараме. Понекогаш ние многу упорно со потполна вера и со добри намери Му се молиме на Бога да ни ја исполни оваа или онаа наша желба; меѓутоа, Он не ни ја исполнува. Неговото молчење е, всушност, одговор на нашите неразумни молитви. „Не знаете што барате“, ни вели Он на секој од нас во слични ситуации. И апостолот вели: …просите, а не добивате, оти зло барате (Јак. 4,3).
Повеќето од нашите молитви се неумесни како што била молитвата на двајцата Заведеови синови. Ние се молиме за земни богатства, за раскошен живот, за слава на земјата, се молиме да бидеме поставени на први места во општеството, дури се молиме да се збогатиме и да се издигнеме за сметка на другите. Ние не забележуваме дека нашите молитви се себељубиви, дека тие се спротивни на Божјата волја. Ние сакаме нашата волја да биде, а не да биде исполнета Божјата волја.
Ако Бог ги исполнеше тие наши молитви, одамна немаше да има луѓе на земјата затоа што тие ќе се истребеа меѓусебно, ако им се исполнеше нивната волја. Исус Христос поставил услов за да може да ја исполни молитвата на апостолите. Тие требало да ја испијат чашата што Он ќе ја пие и да бидат крстени со крштавањето со кое Он ќе се крсти. Тоа значело дека, за да влезат во царството Божјо, тие требало да поминат по истиот пат по кој поминал нивниот Учител. Патот на Христа бил преку понижување и страдање кон воскресение и слава. Исто така, и неговите следбеници треба да ги принесат како жртва своите себични желби, да го жртвуваат својот живот за доброто на своите ближни и дури тогаш да седнат на небесните престоли во Христовото царство.
Апостолите го направиле тоа. Нивниот понатамошен живот на земјата бил не да владеат над другите, туку безусловно да им служат на другите. Тие дури и својот живот го жртвувале за проширување на Христовото царство. Но затоа, пак, нивните имиња остануваат во сеќавање на христијаните за вечни времиња – што е поважно – нивните имиња се запишани во книгата на животот.
Ако сакаме и ние да бидеме први во Христовото царство, треба да бидеме подготвени да бидеме последни на овој свет, треба да им служиме на другите како што служеле апостолате. Да паметиме дека патот кон славното Божјо царство минува низ понижувања и го следат жртви. Затоа што и Синот Човечки не дојде да Му служат, туку да послужи и да си ја даде Својата душа за откуп на многумина. Амин.
Протојереј-ставрофор
Ефтим Бетински
Мелбурн
25.03.2018
[1] Беседа во Петтата недела од Великиот пост – На света Марија Египетска – Марко 10,32-45.