На 11.01.2017 година, во просториите на „Шелдон ресепшн“ во Мелбурн, Австралија, се одржа редовно Генерално собрание на Австралиско-сиднејската епархија, под раководство на претседателот на истото, Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, а на кое беа разгледани повеќе прашања од животот на Епархијата. Во продолжение ви го пренесуваме во целост соопштението од Генералното собрание.
СООПШТЕНИЕ
Од редовното Епархиско собрание на Австралиско-сиднејската епархија
одржано на 11.01.2017 година во просториите на „Шелдон Ресепшн” во Мелбурн
На собранието присуствуваа делегати од 11 цркви, кои се под надлежност на Митрополитот Тимотеј, и тоа:
• „Пресв. Богородица” Мелбурн
• „Св. Ѓорѓи и Прес. Богородица” Епинг, Мелбурн
• „Св. Јован Крстител” Џилонг
• „Св. Никола” Кабрамата
• „Св. Димитриј”, Волонгонг
• „Св. Петка”, Рокдејл
• „Св. Илија”, Квинбијан
• „Св. Климент”, Канбера
• „Св. Никола”, Перт
• „Св. Наум Охридски”, Аделаид и
• „Св. Недела”, Голд Кост.
Собранието работеше по предложениот дневен ред, според кој, најпрво се усвои Извештајот за двегодишното работење (2015-2016) на Митрополитот Тимотеј во Австралиско-сиднејската епархија. Потоа беше разгледан и усвоен финансовиот извештај на благајникот на Епархијата, а се пристапи и кон усогласување на ставовите на Синодот на МПЦ-ОА и Епархиското собрание за Статутот на Австралиско-сиднејската епархија, со што се овозможува регистрирање на Епархијата во Австралија. Истите беа усогласени без некои посебни дискусии и забелешки.
Епархиското собрание ги реизбра членовите на Епархискиот управен одбор со мандат за уште две години, а, исто така, избра и делегати за Архиепископски црковно-народен собор. Делегатите на собранието искажаа искрено добредојде на црквата „Св. Петка” од Рокдејл, како црква и управа, кои најмногу претрпеле одделни непријатности во изминатиот период. Искажаа искрена благодарност и за храброто решение на црквата „Св. Ѓорѓи и Прес. Богородица” од Епинг, за целосно вклучување во редовите на МПЦ-ОА, со назначувањето на легитимен свештеник, во лицето на свештеникот Климент Станковски.
Делегатите избраа и просветен одбор, кој ќе се грижи околу просветната и издавачката дејност на Епархијата, а за доброто на Македонците во Австралија. Делегатите дадоа поддршка на Младинската организација и зедоа обврска на секој начин истата да ја поткрепуваат, како во идеи, така и материјално. Се даде предлог да се испита и можноста за организирање на свеќоливница, во организација на Епархискиот управен одбор, која би била главен добавувач на свеќи за црквите и манастирите во Австралија. Делегатите посветија сериозно внимание и на состојбата во црквата „Св. Недела” во Голд Кост, која се сретнува со економски проблеми, бидејќи и самата има малку членови. Тука се покажа солидарноста на повеќе цркви, кои одлучија финансиски да ја поткрепат оваа црква.
Делегатите на Епархиското собрание искажуваат искрена и топла благодарност и на г-ѓа Лидија Нешковска и на „Шелдон Ресепшн”, која ја отстапи прекрасната сала, а обезбеди и појадок и ручек за делегатите на собранието. На крај, делегатите искажаа и голема благодарност на црквата „Пресвета Богородица” Сиденхам, Мелбурн, кои како домаќини на собранието, се погрижија сѐ да помине во најдобар ред.
Претседател на Собранието:
МИТРОПОЛИТ
ДЕБАРСКО-КИЧЕВСКИ И
АДМИНИСТРАТОР
АВСТРАЛИСКО-СИДНЕЈСКИ
г. ТИМОТЕЈ
Преземено од: http://dke.org.mk/index.php/2954-2017-01-12-10-45-53