Златна монета

 

Пјотр Семјонович се врати од аптека со рецептите в рака: немаше доволно пари за лековите што му беа пропишани. А треба да се платат и сметките за станот со редовните поскапувања. Треба да се купат и зимски обувки. А големата желба – да отпатува кај синот и кај внуците, како и во село, кај своите предци – и понатаму остануваше неостварлива. И без обувки може да се помине зимата, и на храна може да се заштеди, и водата може да се топли на печка наместо да се троши струја, и на светлото може да се заштеди, но без лекови, стравувајќи од срцев удар, не се може…

Стариот човек, поранешен офицер на пограничните трупи на СССР, остана сосема сам. Сопругата му почина пред две години, а синот со семејството живееше во друг град и самиот одвај врзуваше крај со крај. А овде – Мајдан, „Револуција на достоинството“ и некакво помрачување на умот: омраза, војна, и најстрашното – откажување од народниот подвиг во Големата татковинска војна, а драгиот празник „Ден на победата“ почна да се нарекува „Ден на помирување“… Помирување со што?… Стариот офицер го погледна портретот на татка си, кој загинал во 1943 година во Љутешкиот плацдарм при насилниот  премин на Днепар, ја погледна фотографијата на мајка си, насликана со бела шамија, погледна во драгото лице на починатата сопруга… „Добро е што не го дочекаа овој момент“, си мислеше, заспивајќи, „можеби и за мене ова е последната ноќ…“.

Ноќта минуваше, намуртена, дождлива. Греењето не го вклучуваа, иако веќе се наближуваше крајот на месецот октоври. Старецот двапати стана, се напи корвалол и седна во кујната со греалка во рацете. Сѐ уште немаше срцев удар, но јасно ги чувствуваше симптомите. До пензијата остануваа уште неколку дена. Последните сто гривни ќе бидат доволно за млеко, леб и за кутија чај, како и за капки за срцето. Може да појде до сосетката Тамара, пријателката на сопругата, и да побара од неа пари на заем. Но за него беше животно правило да не зема пари на заем, и од тоа не можеше да отстапи во никој случај.

Стана од креветот и, нагрнувајќи ја наметката, се доближи до шкафот. Таму беше сместена семејната кутија во вид на метален посребрен ковчег со свиени филигрански ногарки и со мала клучалка на капакот. Тоа беше семејната реликвија што Пјотр ја доби  уште во младоста, на денот на свадбата, од својата покојна баба Татјана Иљинична. На кутијата беше изгравирано: „Со родителски благослов на драгиот Иљоша за денот на неговото свето венчавање. Поседот на Сидоровичи, Киевска Губернија, 1885 г.“.

„Еве, Петја, ти ја предавам во наследство нашата семејна реликвија“, му рече баба му, подавајќи му ја кутијата. „Ова остана од мојот покоен татко Иљја Прохорович, твојот прадедо. Родителите му ја подариле на денот на свадбата. Татко му, Прохор Иванович, бил дворјанин, но осиромашил во тоа време. Поседот на Сидоровичи бил заложен. А во кутијата, како што раскажуваше татко ми, имало 30 златни монети – последното од имотот му се давало на синот. Кога избувна Револуцијата, татко ми веќе не беше жив. Моите тројца браќа загинаа во граѓанската војна, а мене, уште девојче, ме одвезе во Казахстан постарата сестра Ниночка, која стравуваше да не биде уапсена. А Марусја, втората сестра, остана во село, каде што те носев во летните месеци. Таа ми ја подари оваа кутија кога се вратив во Украина и се омажив. И ми ја подари оваа златна монета со изгравиран лик на царот-маченик. Чувај ја, како благослов… Кога ќе се најдеш во неволја, продај ги монетата и кутијата. Јас ја чував кутијата и во војната, кога беше тешко… Така Бог милувал…“.

Во детството Пјотр Семјонович многупати ја слушаше оваа приказна од баба си. Таа сакаше да ја раскажува, како да ја раскажуваше првпат. Од имотот на Сидоровичи остана селската куќичка на тетка Марусја, дрвена, изваросана, покриена со слама. Тетка Марусја починала од туберкулоза, со која се вратила на село по излегувањето од затвор во 1953 година. Пјотр неа речиси и не ја помнеше. Во сеќавањето му остана живо врежана една слика: петролејка, топла печка, колач на масата, пресно млеко во бел бокал и тивкиот разговор на двете сестри – на тетка Марусја и баба му за далечното минато, за црквата, каде што се готвеа да појдат изутрина на причесна. И него, седумгодишен, го поведоа со себе.

Црквата се наоѓаше во центарот на селото, опкружена со брези. Пред црковните порти стоеја редици запрежни коли со коњи – на селаните што дошле од соседните села. Но повеќето селани доаѓаа пеш. Жените одеа боси, носејќи ги обувките в рака, и кога ќе стасаа во близина на храмот, ги обуваа чорапите и чевлите. Петја, избањат во корито, го облекуваа во сив костум и во бела кошула. Тоа празнично чувство, поврзано со посета на храм, Пјотр го сочува цел живот. Иако уште од детството не одеше нешто особено во црква. Та, како може советски офицер да оди в црква?! Само по смртта на сопругата понекогаш закажуваше панихида „за покој на душата“, стоеше со свеќа, тајно ги бришеше солзите што прокапуваа за неговата верна сопатничка и си спомнуваше за сите починати роднини, блиски и далечни, соработници и другари. „Ете, другари мои“, велеше тивко, нејасно кому. „Останав овде сам, последниот Мохиканец…“. На излегување од храмот, одеше во блиската кафеана. „За споменот на сите – сто борци“, говореше и испиваше по една чашка.

Старецот ја зеде кутијата, завиткана од покојната сопруга во црвено парче кадифе. „Изгледа, бабо, дојде неволјата…“, рече тивко. Ја однесе кутијата в соба, ја стави на маса, гледајќи го потемнетиот натпис. „Колку ли поминаа години?… Сто и дваесет ли?… Веќе шеста генерација расте… А мечтаев ова да ѝ го дадам на внуката како свадбен подарок…“.

Ја отвори кутијата. На дното лежеа две бурми, златен ѓердан од сопругата и златна николаевска монета… Старецот поседе некое време со монетата в рака. Потоа ја врати во кутијата, ја завитка кутијата во кадифеното платно и ја врати на место, затворајќи го шкафот. „Ќе почекам уште… Не се предавам…“.

Во тоа време заѕвони некој на врата. Тоа беше Николај, внукот на сосетката Тамара.

– Неволја нѐ снајде, чичко Петја!… Баба е на реанимација, имаше мозочен удар. Со мама веќе ги потрошивме сите пари на инфузии. Потребни се нови лекарства. Мајка ми Ве моли да ни позајмите пари, колку можете. Веќе прашавме кого можевме… А треба доста да се плати, една инфузија е 500 гривни…

Пјотр Семјонович збунето го гледаше момчето.

– Мозочен удар, велиш?… Тоа е лошо… Ќе остане ли жива? Што велат докторите?

– Докторите? Ништо не зборуваат. Зависи од организмот. Се надеваме…

– Да, надежта последна умира… Почекај, сега ќе дојдам.

И се врати со кадифеното платно, во кое ги завитка златната монета и бурмите.

– Вака ќе направиш: оди во заложница и заложи го ова. Заложниците работат 24 часа. Самиот видов. Се наоѓа покрај пазарот. Заложи ги на недела-две. Потоа ќе ги откупиме. И самиот сум со празни раце, ја чекам пензијата… Подобро појди заедно со мајка ти, но внимателно, знаеш, разни наркомани шетаат сега… Оди со Господ напред!…

Следната ноќ повторно беше бессона. Старецот си спомна како пред 30 години се

всели во станот, истовремено со Виктор, сопругот на Тамара, со кого заедно служеше во

пограничниот реон. Заедно ја започнаа службата, во пограничната караула во Аџарија. Виктор беше началник на караулата, а Пјотр заменик- командир. Убави времиња беа тоа… Се погоди да бидат во близина и во Киев. Виктор почина пред пет години… А пред две години другарите од караулата го пронајдоа Пјотр Семјонович. Тие се среќаваа во Мариупољ на 28 мај и го поканија и него. Но тој не можеше да дојде – тогаш сопругата беше тешко болна…

Задремувајќи, на сон ја виде баба си, го виде селото… „Кога ќе се најдеш во неволја, продај ги монетата и кутијата“, одекнуваа бабините зборови.

Изутрина повторно дојде Колја, насмеан.

– Докторите ни кажаа дека баба ќе биде подобро, ќе закрепне. Ви благодарам, чичко Петја!

– Слава Му на Бога!

По еден час неочекувано заѕвони телефонот.

– Другар мајор, овде наредникот Николаев, дали ме помните? Од Мариупољ.

– Секако, Толја, одлично те помнам! Каде си ти сега, од каде ѕвониш? – се израдува Пјотр Семјонович.

– Јас сум во Киев, ќе наминам кај Вас по еден час, може ли?

– Задолжително да дојдеш! Ќе те чекам! – и му ја кажа адресата.

Времето брзо им летна низ разговор со чај и коњак. Ги гледаа пожолтените фотографии, си спомнуваа за караулата, за другарите. И исчезна лошото самочувство! Старецот како да стана помлад за дваесет години. Радосен разговор, радосна средба.

При збогување се ракуваа.

-Другар мајор, со другарите од пограничната караула собравме мала сума пари за Вас, само под услов – да не одбиете. Познато ни е дека имате мала пензија…

И му даде плик на старецот.

Сумата воопшто не беше мала. Пјотр Семјонович ги стави парите на работната маса и се замисли. „Значи, така… Изгледа неволјата сѐ уште не е неволја…“.

Таа ноќ спиеше цврсто.

                                                                                                                      Сергеј Герук

Преземено од: http://www.pravoslavie.ru/109962.html

Превод: Александра Коциќ