За тебе се радува, Благодатна, сета твар; ангелскиот собот и човечкиот род!
И како би можеле да не се радуваат земните и небесните кога Твојата појава, Пречиста, насекаде причинува радост наднебесна?! Ете, со какви умешни и благодарствени слова би можеле ние, најмалите и недостојните, да ја искажеме сета онаа радоста сесвештена што денес Ти, Преславна, ја приреди за градот Струмица и за Татковината наша? Оти, со Твојата икона света, наречена Скоропослушница, Ти, Утешителко наша најмила, милостиво погледна на нас и нè посети од висините на славата Твоја, со љубовта Ти мајчинска, најбожествена!
Серадосното торжество за благодатното пристигнување на Богоблагодатната започна уште на саботното бдение во Нејзиниот Манастир Богопокровен (Теоскепастос) крај солунското село Сухо (Сохос), метох на Свештената Обител Дохијар од Светата Гора Атонска. Следното неделно утро, пак, со Света Литургија, и во Сухо, и во струмичкиот храм на Св. Григориј Палама – првата тајноводена од сепреподобниот јеромонах Филотеј Дохијарски, а втората од нашите многуценети Архиереи: г. Наум Струмички и г. Тимотеј Дебарско-кичевски, во сослужение со нашиот Старец Архимандрит г. Партениј – евхаристиски се благослови патот на верното изборажение на чудотворната икона на Скоропослушница од Сухо во Струмица.
Оваа чудесна икона, живописана од зографот Димитриј Аргири, е подарок од светиот игумен на Дохијарската Обител, Архимандрит г. Григориј и неговото христоподобно братство, за богочуваниот град Струмица и за целата наша Татковина, по повод исцелението што Пресвета Богородица го направи со едно момче од Струмица, исцелувајќи го од целосна немост. Но, сепак, главната причина за овој бесценет дар е огромната љубов на Старецот Григориј и неговото братство за нашиот верен народ. Токму затоа, кога Старецот лично ја испраќаше иконата од Света Гора, од своето срце порача: „Нека оваа пресликана икона ја има истата сила и благодат како првообразната, та да дава исцеленија и твори чудеса на сите што со вера и притекнуваат!“
А, кога Скоропослушница пристигна во Струмица, со неизречлива радост и благодарност, торжество и слава, беше пречекана на централниот градски плоштад од илјадниците верници и бројното свештенство, од нашето македонско монаштво, како и од монахињи од Бугарската Православна Црква…
Таму, на плоштадот „Гоце Делчев“, пред сплотеното Христово стадо, се огласи најпрво нашиот многупочитуван владика, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј:
„Ваше Високопреосвештенство, Високопреподобен Архимандрите, преподобни монаси и монахињи, сечесни отци, браќа и сестри!
Ми причинува особена чест што можам, во овој извонредно значаен и радосен миг, да се обратам во името на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот г. Наум, како и во името на свештенството и целиот народот!
Св. Јован Крстител, подготвувајќи го Израилскиот народ за дочекување на Господа Исуса Христа, порачува: Пригответе го патот на Господа, израмнете ги патеките Негови (Марко 1,3). Овој повик и денес силно одѕвонува во совеста на сите Христијани. Сите сме повикани да го израмниме патот Господов. Да го израмниме со христијанска љубов, со љубов кон Господа Исуса Христа и кон сите Христијани кои се трудат да одат по Него и кои Го имаат за свој пат.
Бог, Кој е Љубов (1. Јн. 4,8), нè поучува дека треба да имаме љубов. Но, не само кон Бога, туку и помеѓу себе. Според таа љубов ќе нè познаат дека сме Негови следбеници. Овој денешен чин на братството од Свештениот Манастир Дохијар од Света Гора, кое ја подарува оваа прекрасна копија на чудотворната икона на Пресвета Богородица Скоропослушница, ја потврдува токму таа Христова љубов; потврдува дека сме Христови следбеници и Негови проповедници во овој возмутен и разбрануван свет.
Образот на Мајката Божја нека ни послужи за утеха и за надеж. Нека ни послужи за надминување на сите препреки во манифестирањето на Христовата љубов. Па, сите што ќе ѝ се обраќаат со молитва, да најдат сила и поткрепа за да ги надминат искушенијата, недоумиците и проблемите!
Уште еднаш искажуваме длабока почит и благодарност на братството на Светата Светогорска Обител Дохијар за нивната љубов кон Струмичката епархија и кон нашата света Црква и држава.
Пресвета Богородице, помагај ни!“
Веднаш потоа, од името на Дохијарскиот Старец, Архимандрит г. Григориј, се обрати љубвеобилниот јеромонах Филотеј:
„Ваши Високопреосвештенства, достојнопочитувани и сечесни отци, возљубени браќа и сестри поклоници,
Пред 2000 години, Марија, како стана во тие дни, отиде набргу во ридскиот крај, во градот Јудин; па влезе во домот на Захарија и ја поздрави Елисавета. Штом го чу Елисавета поздравот на Марија, заигра младенецот во утробата нејзина; и Елисавета се исполни со Дух Свети, па извика гласно и рече: Благословена си ти меѓу жените, и благословен е плодот на твојата утроба! И од каде со мене ова, при мене да дојде мајката на мојот Господ? Зашто, ете, кога пристигна гласот од твојот поздрав до ушите мои, радосно заигра младенецот во утробата моја… А Марија ѝ одговори: Мојата душа Го велича Господа, и мојот дух се зарадува во Бога, Спасителот мој, оти ја погледа смиреноста на слугинката Своја, и ете, отсега ќе ме ублажуваат сите родови;зашто Силниот ми направи големи дела, и свето е Неговото име;и милоста Негова е од колено на колено за оние, што се бојат од Него. Он покажа сила со раката Своја; ги распрсна оние, што се гордеат со мислите во срцата свои; ги симна силните од престоли и ги воздигна смирените; гладните ги исполни со добра, а богатите ги отпушти празни (Лука 1,39-53).
Денес, по 2000 години, Господарката наша Богородица пристигна од Света Гора Атонска и дојде во ридскиот град Струмица. Влезе во храмот на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, и овој пат не ја поздрави Елисавета, ами Мачениците, кои, според зборовите Господови, се мајка, браќа, роднини на Самиот Господ. Во тоа време Елисавета, а сега Мачениците го слушнаа поздравот и од радост заиграа. Гласот, пак, на Мачениците сте сите вие, кои живеете блиску до нив и се восхитувате на нивниот подвиг, на нивното мачеништво, и смирено се молите за вашето спасение. Вие, всушност, го изразувате восхитот на Елисавета кон Самата Владичица Богородица, Која во она време отишла кај Својата роднина за да ѝ објави дека е бремена и ќе Го роди Господа.
Посакувам од сето свое срце, по молитвите на нашиот Старец и на целото наше братство, пристигнувањето на Пресвета Богородица на ова место да ве укрепи и, како што им беше ветила на сите што се бојат од Господа, да ви ги дарува Своите вештествени и духовни блага, да ѝ дарува мир на вашата земја; да им проговори во срцата на оние што управуваат, та да живеете во мир, и вашето општество, држава и целиот народ да можат во мир да Го слават Бога постојано, и со своите зборови, и со своите дела.
Вашите молитви да ги имаме!“
Од градскиот плоштад светата Икона на Пречистата, во раскошна молитвена литија, со учество на нашите возљубени митрополити, бројното свештенство, монаштво, лимениот оркестар на град Скопје и недобројниот верен народ, беше свечено пренесена во храмот на Светите Петнаесет Тивериополски Свештеномаченици, каде што и ќе остане засекогаш.
На христољубивото братство на Свештената Обител Дохијар, како и на сите што придонесоа за денешната духовна убавина и наслада, вечна им благодарност!
По молитвите на Пречистата Владичица наша Богородица, Христе милостиви, помилуј нè и спаси нè! Амин!
Преземено од: http://bigorski.mk/index.php?content_type=sluzhbi_bdenija&action=details&record_id=2698