Поука на свeти праведен Јован Кронштадски за празникот Сретение Господово

            Сега го отпушташ Својот слуга во мир, Владико, според зборовите Твои.

(Лука 2,29)

 

Празникот Сретение Господово го добил своето име според настанот кога праведниот старец Симеон, кој живеал во Ерусалим, Го сретнал во ерусалимскиот храм Младенецот, Господ Исус Христос (кој навршил четириесет дена) со Неговата Пречиста Мајка, Го зел в раце и рекол: „Сега го отпушташ Својот слуга во мир, Владико, според зборовите Твои; зашто очите мои го видоа спасението Твое што си го приготвил пред лицето на сите народи; светлина за просвета на незнабошците и слава на Твојот народ, Израил“ (Лука 2,29-32). Чудесен бил овој старец и по својата светост, зашто во него секогаш бил Светиот Дух,  и по своето образование, и по својата старост – зашто имал триста и шеесет години. Чудесно и над природните закони е како Божјата благодат го сочувала толку долго.

Еве што вели црковната историја за овој свет старец. Кога Птоломеј, египетскиот цар, кој живеел речиси триста години пред Христа и кој ја основал познатата Александриска библиотека, посакал да ја преведе Библијата од еврејски на грчки јазик, се обратил со молба до јудејскиот првосвештеник. Првосвештеникот избрал од родот Израелци седумдесет мудри и искусни мажи во двата јазика. Меѓу нив бил и праведниот Симеон. При преводот на книгата од пророкот Исаиј, кога Симеон дошол до делот со пророштвото: ете, Девица ќе зачне и ќе роди Син (Исаија 7,14), се посомневал, застанал и се запрашал: како може девица да роди дете? Потоа зел нож и сакал да го измени пророштвото во својот ракопис. Во тој миг му се јавил ангел Господов и, задржувајќи му ја раката, му рекол: „Верувај во тоа што е напишано. Ти самиот ќе го видиш тоа, зашто нема да умреш додека не го видиш родениот од Пречиста Дева, Господ Исус Христос“. Симеон поверувал во зборовите на ангелот и на пророкот и со ревносна желба го очекувал Христовото раѓање: живеел праведно и непорочно и постојано Му се молел на Бога. Кога родениот Спасител од Благодатната Мајка бил донесен во храмот штом навршил четириесет дена, Симеон, откако сознал дека тој Младенец е ветениот Спасител и оти Неговата Мајка е Светата Дева, над која се исполнило пророштвото на Исаија, со стравопочит и радост го зел Господа в прегратка и ги изговорил горенаведените зборови од Евангелието. Потоа, откако Му заблагодарил на Бога за утехата што Му ја дал на Израел, го испуштил својот дух. Ете зошто Господ му го продолжил животот толку необично – за да може да ја дочека годината кога Бог ќе прими плот. Ние имаме среќа и блаженство не помалку од Симеон, дури и повеќе, зашто со устата и со срцето го примаме Господа Исуса Христа, кога се причестуваме со Неговите Тајни.

Како е востановен празникот Сретение Господово? Бидејќи овој празник не е востановен веднаш по вознесувањето Господово на небото и по слегувањето на Светиот Дух, како некои други празници: Велигден, Божиќ, Водици, Вознесение и Педесетница, туку е востановен речиси по 500 години од Христовото Рождество. Тоа се случило на следниот начин. Во времето на владеењето на царот Јустинијан, во последните денови од октомври, во Константинопол и во околните земји се појавила чума која беснеела толку силно, што умирале по 10 илјади луѓе дневно, а во некои места имало толкаво опустување, што немало кој да ги погребува мртвите. А во Антиохија, покрај таа страшна беда, се појавиле и силни земјотреси, кои се повторувале по неколкупати, разурнувајќи домови и цркви, и многу луѓе загинале под урнатините. Меѓу другото, се срушил и храмот во моментот кога Еврасиј, епископот Антиохиски, принесувал во него бескрвна жртва.

Едната половина од градот Помпеопол била разрушена од земјотресите, а другата половина била проголтана од земјата со илјадници жители. За да се запре гневот Божји, по откровение на некој свет човек, било востановено свечено празнување на Сретение Господово. И штом на 2 февруари започнало сеноќното бдение со литија, веднаш престанала пакосната беда, чумата престанала, земјотресите престанале. Ете каков гнев Божји навлекуваат врз нас и врз нашата земја нашите безаконија, нашето неверие, нашата негрижа за спасението, неблагодарноста, лошиот нарав и бездушноста наша.

О страшното чудовиште – грев! О сепогубното чудовиште – грев! Со сите сили да бегаме од таа стоглава змија. Да ги убиваме гревовите во самите себеси! Постојано да се каеме. Возљубени, без пост, покајание и без молитва, како воин без оружје, христијанинот не може да го победи гревот што живее во него. Амин.

 

Превод: Александра Коциќ