По повод јубилејот – 20 години јеромонаштво на Високопреподобниот Архимандрит Гаврил (Галев)

Светиот евангелист Јован Богослов напишал: И оваа заповед ја имаме од Него: Кој Го сака Бога, да го сака и братот свој (1 Јн. 4,21).

Во една прилика, пред неколку години, на социјалните мрежи беше објавено дека Игуменот Гаврил (Галев), првиот македонски јеромонах на Австралиското тло, е одликуван од Премиерот на Австралија за неговиот несебичен труд и залагање да ги собере младите македонци и македонки – православни христијани, под крилото на Мајката Македонска православна црква. Тогаш не го познавав отецот Гаврил, но бев воодушевен од резултатите што ги постигнал во периодот откако дошол во Австралија.

Посакав да се запознаам и да го сретнам отецот Гаврил, основачот и претседател на младинската организација „Македонска православна младина на Австралија“ MOYA, (Macedonian orthodox yоuth of Australia), каде што членуваат неколку стотици млади македонци, но, од за мене несфатливи причини тоа не ми беше овозможено.

Господ Бог, според Неговата промисла благоволи, отецот Гаврил да дочека и да доживее многу тешки искушенија од неговите малодушни собраќа и претпоставените во епархијата во која богослужеше. Но, на тешкотиите им дојде крајот. Искушенијата, навредите, понижувањата и голготата на почитуваниот отец Гаврил завршија со неговата најава дека сака да богослужи во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Мелбурн, каде што според Одлуката на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и и Администратор на Австралиско-сиднејската епархија, за парохиски свештеник бев назначен јас. Со благослов на надлежниот Архиереј, почнавме заедно да богослужиме во секоја недела и на секој празник. Постепено, од ден на ден, се разгоруваше братската љубов меѓу нас и како сослужители и како собраќа.

Но, ќе згрешам ако не ја истакнам и нагласам неговата, забележителна и полна со енергија, љубов кон неговите духовни чеда, (неколку стотини) млади македонци и македонки со нивните деца кои секојдневно присуствуваат на богослуженијата. На секоја богослужба тие активно учествуваат: се молат, пеат на певница, помагаат и придонесуваат за велелепието на светиот храм, се исповедаат, се причестуваат, со еден збор под духовното раководство на отецот Гаврил тие се живи и активни членови на Светата Црква.

Отецот Гаврил со своето големо смирение ги закрилува и духовно ги води кон спасителниот Христов пат, учејќи ги да ги љубат своите ближни како самите себе си.

Љубовта кон братот свој, како и одбележувањето на 20 годишнината од замонашувањето и монашки постриг на Архимандритот Гаврил (Галев), ме поттикнаа да ги напишам овие неколку реченици за отецот Гаврил кој е вистински пример на духовник, вистински духовен родител на својата паства и возљубен брат во Христа. Младите монаси нека го имаат за поучен пример во својот монашки живот.

Честит јубилеј и за многу години отец Гавриле!

 

Со почит и љубов во Христа,

Протојереј-ставрофор

Ефтим Бетински

Во Мелбурн – Австралија,

28. 02. 2018