Кој е набожен и кој Го љуби Бога, нека се наслади од ова добро и светло торжество. Кој е верен слуга, со радост нека влезе во радоста на својот Господ. Оној што се потрудил да пости, сега нека ја прими својата награда. Кој работел од првиот час, денес нека ја прими праведната плата. Ако некој дошол во третиот час, нека празнува благодарејќи. Кој стигнал по шестиот час, да не се сомнева, зашто не ќе загуби ништо. Ако некој доцнел до деветтиот час, нека се доближи без колебање и без страв. Оној што се јавил дури во единаесеттиот час, да не се плаши поради доцнењето, бидејќи Господ е дарежлив. Он последниот го прима како и првиот; на работникот од единаесеттиот час му дава одмор како на оној што работел од првиот час; и последниот го милува, и на првиот му угодува; на едниот му дава, а на другиот му придава; го прима делото, а ја поздравува и намерата; ја чествува работата и го фали добриот збор.
Затоа, влезете сите во радоста на својот Господ; примете ја наградата и првите и вторите; богати и сиромаси, ликувајте заедно; испосници и мрзливи, чествувајте го овој ден. Радувајте се денес, и вие што сте постеле, и вие што не сте постеле.
Трпезата е полна, сите насладете се! Угоеното теле е готово, никој гладен да не си замине! Сите насладете се од гозбата на верата! Сите примете го богатството на добрината; никој да не се жали поради сиромаштвото, зашто заедничкото царство се покажа. Никој да не ги оплакува прегрешенијата, зашто од гробот зсветли проштевањето. Никој да не се плаши од смртта, зашто смртта на Господа нѐ ослободи; ја згасна Оној што беше задржан од неа. Адот го заплени Оној што слезе во него; го исполни со горчливост оној што вкуси од Неговото тело.
Знаејќи го ова однапред, Исаија извикува: Адот се огорчи, вели тој, кога те сретна под земјата; се огорчи, бидејќи се уништи; се огорчи, бидејќи беше исмеан; се огорчи, бидејќи се умртви; се огорчи, бидејќи беше згазен; се огорчи, бидејќи се врза; прими тело, и се најде пред Бога; прими земја, и го сретна небото; Го прими она што го гледаше, и падна во она што не го гледаше.
Смрт, каде ти е осилото? Аде, каде ти е победата? Христос Воскресна и ти си згазен. Христос Воскресна, и демоните паднаа. Христос Воскресна, и ангелите се радуваат. Христос Воскресна и животот триумфира. Христос Воскресна, и ниту еден мртов нема во гробот, зашто Христос Воскресна и стана првина на оние што спијат. Нему слава и моќ, во веки веков. Амин.