Ново списание во Македонската православна црква – Охридска архиепископија, во издание на Австралиско-сиднејската епархија: Излезе од печат првиот број на периодиката „КИНОНИЈА“

Излезе од печат првиот број на периодиката „КИНОНИЈА“ – посветен на големиот јубилеј „50 години возобновена автокефалност на Охридската архиепископија како Македонска православна црква (1967 – 2017)“

По милоста Божја Ве информираме дека со благослов на нашиот надлежен епархиски архиереј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј – излезе од печат првиот број, т.е. двоброј 1/2 од периодиката на  Австралиско – сиднејската православна епархија – списанието „КИНОНИЈА“.

 Др. Ананија Ананиевски – заменик претседател на Македонската православна младина на Австралија (MOYA) и член на Епархискиот црковно-просветен совет (ЕЦПС), кој воедно е член и на Уредувачкиот одбор на списанието „Православие“ и на периодиката „Кинонија“ – по повод излегувањето од печат на нејзиниот прв број упати поздравно слово до сите читатели на списанието, а истиот интегрално ви го пренесуваме:

Историја достојна за сеќавање, почит и поука

       „Ние сме Македонци. Затоа и нашето творештво

треба да биде во служба на македонската кауза“.

Никола Вапцаров, „Реферат“, 1938

Почитувани читатели,

Пред нас е месецот во кој што ќе ја одбележиме 50 – годишнината од прогласувањето на автокефалноста на нашата мајка Црква – Охридската Архиепископија во лицето на Македонската Православна Црква. Пред точно 50 години во Катедралниот храм на древните Охридски архиепископи – „Света Софија“ во Охрид – се случил настанот, кој е вовед во една нова историја, која заеднички, секојдневно ја градиме.

Речено е декa „Племето наше е пиреј, и не го ништи ни една војска. Ама ти колку сакаш кошкај ја, куби ја, таа пак не умира. Само малку да се допре до земја и пак ќе се фати, ќе оживи…“. Токму истрајноста и борбеноста како дел од генот на нашите предци за кои ни сведочат историските настани од пред 50 години  и нам денес ни се сатисфакција да го сочуваме она што сме го наследиле во аманет, но истото и да го умножиме – за да се покажеме како народ свесен и свет. На нашата генерација како на ниту една до сега ни останува задачата да останеме истрајни во борбата и идеалот за слободна, независна и демократска Македонија, за автокефалниот статут на нашата Света Помесна Православна Црква: Македонската Православна Црква – Охридската Архиепископија (МПЦ-ОА). Во таа борба, драги браќа и сестри единствено би извојувале победа доколку секого од нас да го даде најдоброто од себе во интерес на Црквата, Татковината и секако на својот народ. И така заедно кон целта да чекориме кон уште милионски годишнини и секоја да бидеме порадосни. Во овие 50 години, што е најважно самостојни научивме секако многу, справувајќи се секојдневно со проблемите, но уверен сум дека заедно можеме повеќе да постигнеме и да добиеме подобри времиња.

Добро е што ние денес  го осветлуваме минатото, но уште подобро би било кога повеќе ќе чекориме кон уште посветла иднина и тоа поучени од минатото, кое иако го осветлуваме, сепак забораваме на пораките на иделозите на истото, кои пак гледаа во нас светла иднина. Не е доволно само да се навраќаме назад, исто така потребно и дупло повеќе да пловиме напред. Тоа враќање назад кон спомените треба да е наш стимул и потсетување за тоа колку треба да се бориме и движиме кон напредокот. Треба да се бориме за она што ќе остане на идните поколенија. За тоа се бореле и нашите предци, вредните идеолози на Македонија, многубројните борци за своето право на своја самостојна држава и Црква, кои и својот живот го положиле, борејќи се за посветла иднина и тоа заедно како заедница. Таков бил и повикот во 1967 година и сега е сосема истиот Нашето единство – наша победа!

Од големината на годинешниот јубилејот се роди и полезната идеја да се создаде едно вакво полезно дело – ова значајно списание, кое го носи името Кинонија – што во превод значи Заедница. Овој прв број на списанието е посветен токму на големиот јубилеј – „50 години автокефална Македонска Православна Црква – Охридска Архиепископија“, кој се надевам дека ќе успее да нѐ обедини во една вистинска заедница.

Списанието е со православна тематика, бидејќи нас ако нешто успеало да нѐ одржи како народ – единствено нѐ одржала верата! Верата наша и на нашите татковци – Светото Православие. Списанието изобилува со разни современи теми, кои е надевам дека ќе му бидат од полза на секој православен христијанин. Ќе излегува еднаш годишно како двоброј и истото ќе биде посветувано на некои значајни теми и јубилеи за нашата Помесна Православна Црква.

Во оваа пригода сакам најнапред и особено да му се заблагодарам на мојот надлежен архиереј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј, кој го благослови и подржа ова благоугодно дело. Благодарност и до сите, кои неуморно се вложија, работејќи на најразличен начин на ова списание. А на оние, кои ќе го читаат – им посакувам духовен лет и преуспевање во животот.

И за на крај се надевам дека овој скромен труд – ќе биде само како синапово зрно, еден сосема мал подарок и придонес кон нашата Света Црква – славеничка. Дај Боже уште многу години да се радуваме на вакви јубилеи и секако подај ни набрзо уште подобри времиња и уште поголеми успеси на секое поле.

Со почит,

Др. Ананија Ананиевски,

Во овој број ќе читате:

 

Предговор:

Поздравно слово – др. Ананија Ананиевски

 

Тема на бројот

Историја на Македонската Православна Црква: 50 години автокефална МПЦ – ОА

 

По повод 250 години од укинувањето на Охридската Архиепископија (1767 – 2017) и 50 години од прогласување автокефална Македонска Православна Црква (1967 – 2017) – проф. д-р Драган Зајковски

Асномска Македонија и црковното прашање (1943 – 1945) – проф. д-р Виолета Ачкоска

За автокефалноста на Македонската Православна Црква – Охридска архиепископија – вонр. проф. д-р Дејан Борисов, ѓакон

 

Литургиско богословие:

Света тајна Евхаристија (Причест) – Павле Гумеров, свештеник

 

Житија:

Светителот на нашето време – митрополит Струмички г. Наум (Илиевски)

 

Современо богословие:

Црквата и младите – Оливер Суботиќ, презвитер

 

Светоотечко богословие:

Обожението како цел на нашиот христијански живот – отец Гаврил (Галев), архимандрит

 

Поука:

Да се биде монах – сестра Илијана (Илкова), игуманија на Марковиот манастир

 

Филм:

I now walk into the wild – Т. Р.

 

Музика:

Популарната музика – современ јазик на Христа – А. Д.

 

Поезија:

Мојот Христос – отец Андреј (Конанос), архимандрит

 

Интервју:

Јас честитам, кога луѓето често се причестуваат – Калист (Вер), митрополит Диоклијски

 

Списанието е бесплатно и можете да го најдете во храмовите на Австралиско – сиднејската епархија, на  веб – страната на епархија, како и на овој достапен линк (https://www.yumpu.com/xx/document/view/59546512/kinonija-print-so-korica-web).

Повеќе информации за списанието, како и сите Ваши забелешки, коментари, критики, пофалби да ни ги испраќате на kinonija@gmail.com.

 

Кинонија (Заедница) е списание за православна вера, култура, воспитание, образование и наука. Идејата за создавање на едно вакво дополнително списание како периодика во склоп на епархискиот гласник „Православие“ произлезе од потребата на македонските верници во дијаспората, односно во Австралиско – сиднејската епархија, кои пројавуваат интерес за православни теми и прашања, како и за важни настани од животот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ-ОА).

Со благослов на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј – ќе излегува од печат еднаш годишно како двоброј и ќе разработува најразлични современи теми.

На крај, на Редакцијата на списанието „Кинонија“ им честитаме и им посакуваме уште плодна и успешна работа во иднина.

 

Со почит,

Епархиски црковно-просветен совет

(ЕЦПС)