Нови градежни активности при храмот „Света вмч. Недела“ во Голд Кост (Квинзланд)

Уште на Епархиското генерално собрание на Австралиско-сиднејската православна епархија, одржано на 11. 01. 2017 година, во просториите на „Шелдон ресепшн“ во Мелбурн под раководство на надлежниот епархиски архиереј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, кој тогаш беше во канонска визитација на Епархијата, меѓу повеќето разгледани прашања од животот на епархијата – стана збор и за Црковната општина при храмот „Света вмч. Недела“ во Голд Кост (Квинзланд). Делегатите посветија сериозно внимание и на состојбата во црквата „Св. Недела” во Голд Кост, која се сретнува со економски проблеми, бидејќи и самата има малку членови. Тука се покажа солидарноста на повеќе цркви, кои одлучија финансиски да ја поткрепат оваа црква.

Грижата на Епархијата кон оваа општина, која е неразделна членка на епархиската јуриздикција – трае непрекинато до ден денес. Нашиот грижлив духовен татко г. Тимотеј, по чии молитви и благослов се случува и негува грижата не само кон оваа црковна општина, туку и кон останатите црковни општини, секојдневно се залага да се решат проблемите кои ја мачат оваа црковна општина, но и останатите црковни општини.

Како плод на таа грижа со благослов на Митрополитот г. Тимотеј и во соработка со Управата, во МПЦО „Света Недела“ во Голд Кост започна постепено да се активира литургиско-богослужнебиот живот, но и се започна со довршување на преостанатите градежни активности околу изгледот на храмот. Во изминатиот период од месец март се успеа да се измалтари фасадата на храмот – со што тој доби нов изглед. Наредниот период во фокусот ќе бидат уште низа активности околу конечното завршување и добивање на конечниот изглед на овој велелепен храм.

Од сите овие  активности, кои со благослов на Митрополитот г. Тимотеј се случуваат во Австралиско-сиднејската православна епархија – може слободно да се заклучи дека грижата за верниците и соработката со црковните општини е на завидно ниво, со што за брзо време се успеа да се стави крај на голем број на проблеми кои ја мачеа Црковната заедница на Македонците во Австралија.

 

Известува:

Лазар Спировски