Недела на Света Марија Египетска е петтата и последната недела на Велигденскиот пост. Со неа започнува последната недела на Светата Четириесетница; се празнува споменот на преподобната Марија Египетска, покајана блудница. После оваа недела доаѓа следи Цветната Недела, по што Црквата влегува во Страстната Седмица. Во четвртокот од оваа недела се чита целиот покаен канон на свети Андреј Критски. Доколку на тој ден се празнува Светото Благовештение, канонот се чита во понеделникот, истата седмица.
Духовно значење
Духовното значење на оваа недела се согледува на три различни начини, од три аспекти:
Прво, дека без разлика на големината на гревот и изопаченоста во минатото, ништо не може да го оддалечи човекот кој пребива во покајание од Троичниот Бог.
Второ, Самиот Христос дојде за да ги повика грешниците на покајание и да ги спаси од нивните гревови (Лк. 5,32)
Трето, преку примерот на преподобната Марија на верните им се укажува дека никогаш не е доцна во животот, (или во постот) вистински да се покајат.
Како што се чита во молитвите, Христос со радост ќе ги прими сите кои се каат, дури и оние кои се дојдени во единаесеттиот час (според познатата парабола од Евангелието).
Химнографија
Тропар
глас четврти
Силата на Твојот крст, Христе, направи чуда,
така што некогашната блудница се оддаде на живот подвижнички.
И покрај нејзината слабост, таа на ѓаволот му се спротивстави храбро.
Затоа, носејќи ја наградата за победата, се моли за душите наши.
На преподобната
глас втори
Душевните замки и телесните страсти
со мечот на воздржанието си ги посекла;
грешните помисли си ги задушила со молкот на
аскетскиот живот, а со твоите солзи пустината си ја
напоила и си ни израснала плодови на покајанието.
Затоа твојот спомен го празнуваме.
Кондак
глас трети
Порано исполнета со секакви блудни дејства, сега
со покајание се покажа Христова невеста; ангелскиот
живот подражавајќи го, со оружјето на крстот
демоните ги погубува. Поради тоа се покажа невеста
на Царството, Марие преславна.
Свето евангелие според светиот апостол Маркo
10:32-45
- Кога беа на пат, искачувајќи се за Ерусалим, Исус одеше пред нив, а тие беа уплашени, па, врвејќи по Него, се боеја. И кога ги повика повторно дванаесетте, почна да им зборува за она што ќе се случи со Него.
- Ете, се искачуваме кон Ерусалим и Синот Човечки ќе биде предаден на првосвештениците и книжниците, и ќе Го осудат на смрт и ќе Го предадат на незнабошците.
- И ќе Го исмеат, и ќе Го бијат, и ќе Го плукаат, и ќе Го убијат, и на третиот ден ќе воскресне.
- Тогаш пристапија кон Него Зеведеевите синови, Јаков и Јован, и рекоа: „Учителе, сакаме да ни направиш она, што ќе побараме.”
- Он ги праша: „Што сакате да ви направам?”
- А тие Му одговорија: „Дај ни да седнеме до Тебе, едниот оддесно, а другиот одлево, во славата Твоја.”
- Но Он им рече: „Не знаете што барате. Можете ли да ја испиете чашата што ја пијам Јас и да се крстите со крштавањето, со кое се крштавам Јас?”
- Тие одговорија: „Можеме.” А Исус им рече: „Чашата, што ја пијам Јас, ќе ја пиете и вие, и со крштавањето, со кое се крштавам Јас, ќе се крстите;
- но, да позволам да се седи од Мојата десна или лева страна, не зависи од Мене; тоа е за оние, за кои е приготвено.”
- Десетте, пак, штом го чуја тоа, негодуваа против Јакова и Јована.
- А Исус, кога ги повика, им рече: „Знаете дека оние, што се сметаат кнезови народни, господарат над нив, и управниците управуваат над нив.
- Но меѓу вас нека не биде така; а кој меѓу вас сака да биде поголем, нека ви биде слуга;
- и кој сака меѓу вас да биде прв, нека ви биде роб на сите.
- Зашто и Синот Човечки не дојде за да Му служат, но да послужи и да ја даде душата Своја за откуп на мнозина.”
Послание на светиот апостол Павле до Евреите
9:11-14
- Но Христос, кога стана Првосвештеник на идните блага, со поголема и со посовршена скинија, неракотворна, односно не онаква, каква што се прави на земјата,
- ниту со крв козја и телешка, туку со Својата крв влезе во светилиштето еднаш засекогаш и изврши вечен откуп.
- Зашто, ако крвта на јунче и јарец, и пепелта од јуница преку попрскување ги осветуваат осквернетите, за очистување на телото,
- тогаш, колку ли повеќе крвта на Христа, Кој преку Светиот Дух се принесе Себе на Бога непорочен, ќе ја очисти совеста наша од мртви дела, за да Му служиме на живиот и вистински Бог.