ОСВЕТУВАЊЕТО НА МАКЕДОНСКАТА АВСТРАЛИСКА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА „УСПЕНИЕ НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА“ – СИДЕНХАМ, МЕЛБУРН (ВИКТОРИЈА)

Македонската Австралиска Православна Црква „Успение на Пресвета Богородица“ во Сиденхам – Мелбурн беше изградена едниствено со доброволни парични даренија и доброволна работна рака од православните Македонци кои што живеат во Западните предградија на Мелбурн, по иницијатива и големо залагање на Управните Одбори кои во текот на изминатиот дваесетгодишен период се менувале на секои две години, плус две.

Со решение на актуелниот Управен одбор под водство на претседателот Владо Трпчевски, на почетокот на 2015 година за осветување на црквата беше поканет надлежниот Архиереј, Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор на новоформираната Австралиско-сиднејска православна епархија г. Тимотеј со неговиот придружник протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, кои пристигнаа во Млебурн на 13.01.2015.

Митрополитот г. Тимотеј со придружбата беше срдечно пречекан на Мелбурнскиот аеродром од Управниот одбор заедно со парохискиот свештеник протојереј-ставрофор отец Ефтим Бетински.
Осветувањето беше закажано во утринските часови на ден 17 јануари 2015 година (сабота), кога се празнува: Соборот на св. 70 апостоли; преподобен Теоктист; и св. Геновева Париска.
Парохискиот свештеник отец Ефтим Бетински ја започна Утрената богослужба, освети водичка потребна за осветувањето и го приготви „воскомастихот“, исто така потребен за извршувањето на чинот осветување на црквата.

Во 8.30 часот се огласи звукот на камбаната навестувајќи го пристигнувањето на Владиката со придружникот. Мноштво народ беше насобран да прими благослов и да му посака добредојде на надлежниот архиереј, владиката Тимотеј. Владиката, делејќи архипастирски благослов, влезе во црквата, се облече со богослужбените одејанија и го започна осветувањето. Се редеа песнопенија и молитви читани од него, од свештениците присутни на осветувањето и од протоѓаконот, а благочестивиот народ со радосни и весели лица се воодушевуваа од извршените чинодејствија ве текот на осветувањето на храмот. Се изврши и литија – обиколка околу храмот со светите мошти кои потоа беа положени во светиот престол во олтарниот дел на црквата. Се попрска со света водичка и се помажа храмот со свето миро на сите внатрешни ѕидови. Од светите двери се прочита и Повелбата за осветувањето на храмот. Во чест на осветувањето на црквата, претседателот на Управниот Одбор г-дин Владо Трпчевски беше удостоен прв да го запали кандилото што ќе гори на секоја богослужба извршена во црквата во наредниот период. По чинот на осветувањето на црквата, се раскина владичката кошула посебно приготвена за тој чин и се подели на присутниот народ за здравје.

Веднаш потоа беше отслужена прва Света Архиерјска Литургија во нашата црква а Митрополитот г. Тимотеј се обрати до присутниот народ со пригодна беседа.

По повод осветувањето на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, на самиот чин и на светата Архиересјка литургија присуствуваа сите делагати на Основачкото Епархиско собрание што се одржа ден порано.
По осветувањето, домаќините приредија свечен заеднички ручек „трпеза на љубовта“ во привремените помошни простории на црквата со општонародна веселба. И овде дојде до израз заедништвото и желбата на македонскиот народ да ја споделува радоста за постигнатите успеси на црковно и национално поле.
Нека е честито и од Бога благословено осветувањето на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Сиденхам, Мелбурн.

На многаја лета!

Протојереј-ставрофор
Ефтим Бетински