Луѓето треба да се сакаат еден со друг. Ова е труизам, речиси од никого неисполнуван и истовремено измрсен со долги разговори во врска со него. За да се љуби, потребна е благодат и готовност за жртва. Во спротивно е само егоизам и заморно празнословие. Кога ќе слушнеш за должноста да љубиш, од една стрна чувствуваш дека треба да направиш нешто мно-оо-гу повеќе. А од друга страна се јавува провокативното прашање: „А што треба, всушност, да се направи?“
Ако не се однесуваме кон љубовта како кон пријатна емоција, туку како кон поле што треба да се обработи, тогаш се потребни конкретни вежби, конкретни дејствија за приближување кон целта. На пример, пред да направиме нешто добро, треба да научиме да мислиме добро за луѓето. Сите наши јавни дела произлегуваат од нашите скриени мисли. На крајот, ние постапуваме токму онака како што мислиме. Ете, гледам оставени автомобили на патот (од сообраќајка) и може да помислам, поминувајќи покрај нив: „Ете, стигнавте сега, будали!“, а можам и да кажам: „Кутри. Помогни им, Господи!“. Тоа се два сосема различни односи кон животот и кон луѓето, зад чиј ѕид се кријат сосема различни постапки, соодветни на мислите. И јас никогаш нема да кажам лош збор за човекот, уште повеќе нема да кренам рака на него, нема да напишам клевета ако претходно не го уништам во помислата. Токму така се одвиваат работите и кај вас. Да се натераме себеси да мислиме добро за луѓето, да не ги осудуваме, да сочувствуваме со нив, да не се радуваме на нивниот неуспех и понижување- тоа се обидите за стекнување љубов, иако ништо особено не е направено. Сета работа се одвива внатре, невидливо.
Сте отишле на пикник. Правите скара, се дружите со семејството или со пријателите. Потоа доаѓа време да се вратите дома. Треба да го изгаснете огнот од скарата, треба зад себе да го соберете сето ѓубре, да ги соберете сите отпадоци од храната, да го соберете стаклото, пластиката и сл. Треба сѐ да направите така, за да можете самите по една недела да се вратите со задоволство на истото чисто место или за да можат други да дојдат на тоа место. Да не дојдат другите во нечистотата што ја оставивте вие зад себе, туку на чисто место. И ова е љубов. Ова е љовекољубие. Исто така, како човекољубие се јавува и избегнувањето да се вреви или да се слуша гласна музика доцна навечер. Лево и десно од вас, зад ѕидот, одмораат луѓе, потребно е да се почитуваат. Можеби заспале мали деца и нивните мајки се радуваат на тие неколку часа тишина. Во секој случај треба да се мисли за луѓето, зашто не живееме само ние на светот. И ако тоа не е онаа висока и натприродна љубов за која се зборува во Евангелието, тогаш тоа е нешто елементарно и неопходно, без што никогаш не може да биде ништо повеќе.
Значи, сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие и не правете им го она што не сакате да ви го прават вам. Оваа двојна заповед се забележува во секој труд да не им се причинува страдање на луѓето, туку напротив- да им се олеснува животот. Секој ден имаме можност да ја практикуваме оваа заповед. Особено чиновниците. Тие имаат соблазна да гледаат на луѓето како на додевни муви. Особено началниците. И кај нив е истата опасност. Потребно е меѓу луѓето да има граници што разделуваат, како мал прозорец на каса (во продавница), или во државните институции, зашто нивните односи ризикуваат да прераснат во форма на воздржана конфротација. „Кажете ми, ве молам…“, „Зошто дојде?“, „Можете ли вие…“, „Зборувајте побрзо“, „Јас би сакал…“. „Ништо не знам. Дојдете утре.“ Едниот е понижен, другиот арогантен. И двајцата се вознемирени. Тоа го има доста. Премногу. И разбирливо е. Човекот не е ангел. Тој се изморува. Особено се изморува при работа со многу луѓе. Тој има свои проблеми, за што никому не му е грижа. Треба да ни биде жал за тој чиновник или началник. Кај него сите постојано одат, постојано бараат, постојано додеваат. Тоа е јасно. Но, исто така, на сите треба да ни биде јасно дека сите тие ситуации се школа за заемно трпение, кроткост, братска љубов. Таква е која било редица, било во поликлиниките, било во канцелариите за патни исправи и лични документи. Таква е секоја турканица, било во метро за време на шпицот (во најголем метеж), било во гардероберот по претставата во театар. Сосема е невозможно да се движиме кон совршенство ако ги занемаруваме работните и службените должности, ако ја работиме својата работа невнимателно, како што ќе ни текне. Ти си кондитор? Врши ја својата работа со мисла на оние што ќе ги јадат твоите производи. Ти си малтерисувач? Плочкар? Мисли на оние што ќе живеат во домот што ти си го подготвил. Возач, шивач, доктор, инструктор по возење… Тоа се однесува на сите. Човекот треба да ја работи својата работа така, што ќе го благословуваат оние што го користат неговиот труд. Да го благословуваат, а не да го проколнуваат и да зборуваат лошо за него. Овде не е доволна само работата, зашто има работници што се алчни, што се лукави, што не сакаат никого. Кон работата треба да се додаде и срцето, грижата за клиентот, во клиентот да се види свој брат. Тоа е елементарна работа, но доста ретка.
Треба да мислите за луѓето и, секако, да мислите добро. Не треба да им се усложнува животот и да се навредуваат. Искрите на раздразливост треба да се гасат со благоразумно трпение. Сето тоа е љубов, која е достапна на нашата слабост. На крајот на краиштата, тоа е патот кон неа.
Тешко дека ќе имаме можност за некакви големи дела. Да бидеме задоволни со малите дела со кои секојдневно се среќаваме. Како што велел еден од Оптинските старци: „Свети Герасим беше голем – тој имаше лав. А ние сме мали – ние имаме мачка“. И ја галел мачката што му лежела во скутот.
протојереј Андреј Ткачов
преземено од: http://www.pravoslavie.ru/106667.html
превод: Александра Коциќ