Краток осврт за канонската посета на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј на Австралиско – сиднејската епархија

Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно. Тоа е како миро врз главата што се лее по брадата, брадата Аронова, што се лее по полите од одеждата негова, како роса Ермонска, која паѓа на горите Сионски, зошто таму Господ дал благослов и живот вечен.

(Псалм 132)

Откако заврши канонската визитација на нашиот надлежниот епархиски архиереј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј низ Австралиско – сиднејската епархија, сега ќе се обидам да направам краток осврт, кој намерно го започнувам со зборовите на Псалмопејачот, кои длабоко и суштински ги опишуваат плодовите кои извираа и извираат од пастирската грижа и внимание, кое високата црковна делегација на чело со Митрополитот ни ги посвети на нас верниот народ во Австралија.

Нашиот неуморлив архиереј г. Тимотеј успеа во текот на својата канонска визитација од 03 до 29 јануари 2017 година во Австралиско – сиднејската епархија да ги посети и да богослужи во скоро сите цркви низ епархијата, да претседателствува со Генералното епархиско собрание, да гостува во радио емисии и да оствари редица работни состаноци со црковните општини и заедници и средби со верниот народ. Така беа посетени црковните општини во следниве пет држави: Јужна Австралија; Викторија; Австралиска Капитална Територија; Нов Јужен Велс и Западна Австралија, а богослужеше во следните храмови: 1 – „Пресвета Богородица“ во Сиденхам, Мелбурн – Викторија; 2 – „Свети Георгиј и Пресвета Богородица“ во Епинг, Мелбурн – Викторија; 3 – „Свети Јован Крстител“ во Џилонг – Викторија; 4 – „Свети Никола“ во Кабрамата, Сиднеј – Нов Јужен Велс; 5 – „Свети Димитриј“ во Волонгонг – Нов Јужен Велс; 6 – „Света Петка“ во Рокдејл – Нов Јужен Велс; 7 – „Свети Илија“ во Квинбијан – Нов Јужен Велс; 8 – „Свети Климент Охридски“ во Канбера – Австралиска Капитална Територија; 9 – „Свети Никола“ во Перт – Западна Австралија и 10 – „Свети Наум Охридски“ во Аделаид – Јужна Австралија.

Целта на ова мое изложување е да укажам на фактот дека тврдењата во минатите години дека народот во Австралија е во раздор со сопствената Црква се тотална заблуда, која со години и години беше градена и намерно беше претставувана лажна слика, која конечно беше уништена со формирањето на Австралиско – сиднејската епархија и со доаѓањето на Митрополитот г. Тимотеј за надлежен епископ, кој администрира со епархијата. Овој краток осврт го пишувам, бидејќи сум уверен дека ова е погоден момент  да се информираат сите за напредокот на Австралиско – сиднејската епархија и за успехот и големите обиди на Митрополитот г. Тимотеј по скоро 20 години еднаш за секогаш да се стави крај на сите проблеми и раздори кај верниците на македонската дијаспора во Австралија и Нов Зеланд и со тоа да изчезнат сите лаги и заблуди, кои кружат во јавноста.

Митрополитот г. Тимотеј со неговата пастирска дејност на Австралискиот континент на сите ни даде до знаење дека верниците не се поделени помеѓу себе, дека нема раздор и никакви причини за раздор помеѓу верниците, но и помеѓу верниците и свештенството и Црквата, дека проблемот не е воопшто ни догматски, ниту литургиски, туку матријалистички. По долги години излезе на виделина дека всушност единствено и постојано раздорот го носат и е кај тие кои сакаат, безусловно и по секоја цена да раководат, манипулираат и профитираат со сосема туѓите црковни имоти, со црковните предмети и со сè друго што е поврзано околу тоа. Дека само токму тие заговараа предходно разни неосновани раздори се виде од посетата и дејноста на Митрополитот г. Тимотеј, кој покажа дека ако вистински се сака својата Мајка Црква – Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ –ОА) можат да се надминат сите проблеми и несогласувања.

Сега ќе позборувам за дејностите на најзаслужната личноста, која во рок од две години, постепено успеа да воведе ред и мир во новоформираната Австралиско – сиднејска епархија. Македонскиот народ одамна ги очекуваше и живееше за овие моменти, кога конечно надминувајќи ги проблемите ќе се соберат околу возљубениот и вистински свој духовен водич и татко, кој ние за наша радост и Божја слава го добивме во личноста на Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј, нашиот добар пастир, кој си ги знае своите чеда и кој по многу години успеаа растурените чеда Божји да ги собере во едно, во единство и соединение, а тоа може да го направи само оној човек, кој е вистински миротворец и епископ во вистинска смисла на зборот, кој во целост ги сфатил зборовите на старецот: Си се молел на Твојот Отец сите едно да бидеме, како што Си Ти едно со Отецот и Светиот Дух.

И сите ние на Австралискиот континент, навистина му благодариме на Троичниот Бог, што во овие мрачни и тешки времиња на лутања, страдања, разделби, проблеми и несреќи што особено во предходниот период нè измачуваа, еднинствено добро што нам со Божја промисла ни се случило, несомнено чисто и светло, полно со утеха и надеж, што нам нè утврдува во верата дека нас Бог не нè заборавил – е изборот на Митрополитот г. Тимотеј за администратор на Австралиско – сиднејската епархија. Плодовите на неговото пастирствување веќе им се познати и јасни на сите верници во Австралија и пошироко, а она што е најважно е тоа дека успеа постепено, но сигурно да ја врати довербата на народот во МПЦ – ОА. Резултат на тоа беше и зголемениот број на верници по храмовите и црковните општини, кои при посетите можеа да се забележат на неделните и празничните литургии. Потоа враќањето на црковната општина „Свети Ѓеоргиј и Пресвета Богородица“ во Епинг во крилото на Австралиско – сиднејската епархија при МПЦ – ОА  е еден голем чекор и пример, кој треба без страв да го следат сите останати црковни општини, чиј статус нажалост сèуште не е решен. Верувајте дека голема е радоста, која извира од единството и соборната љубов.

Навистина таков архиереј ни беше потребен, пред сè човек со пастирско чувство за реалната духовна состојба, мудар старец и татко со широко татковско срце и љубов, кој успева да ја враќа славата на МПЦ – ОА на Австралискиот континент, а тоа го прави бидејќи ја љуби својата Црква и својот народ и бидејќи како епископ најважен подвиг му е да ја сочува полнотата на Црквата и чистотата на верата. Митрополитот постојано, а особено за време на Генералното епархиско собрание ни покажа дека лидерството во Црквата не е само позиција и титула, туку дека тоа е, пред сè служење, акција и личен пример. Тој е епископот без кого нашите црковни проблеми во Австралија не би биле решени, и човек во чија дипломатско – црковна мудрост и чувство за црковна соборност – од една страна, и во чие чуство за достоинство, пастирска одговорност и црковен идентитет – од друга страна, сите ја полагаме нашата надеж дека за брзо ќе се дојде до потполно надминување на сите досега нерешени проблеми.

На крај би упатил апел до сите верници да се молат со искрена вера во Бога и да се надеваат дека набргу повторно ќе завладее потполно единство на црковните општини, свештенството и верниот народ во една епархија за Австралија и Нов Зеланд, а би завршил со дел од зборовите на старецот Софрониј, кои како молитва ги упатувам на Господа: Научи нè да се молиме еден за друг, тежината еден на друг во трпение да ја носиме и соедини не во соборот на неразрушлива љубов, во едно стадо послушни овци околу возљубениот наш духовен отец, дарувајќи ни во сестрите и браќата наши да го гледаме образот на Твојата неизлаголива слава, и никогаш да не заборавиме дека братот наш е нашиот живот. Да, Господи, Ти Кој не собра по Твоето благоволение од краиштата на земјата, направи да бидеме навистина да бидеме едно семејство што живее со едно срце, со една волја, со една љубов, како еден човек, по предвечната Твоја промисла за првородениот Адам

 

Ананија Ананиевски,
претседател на MOYA.