ЈУБИЛЕЈ 65 ГОДИНИ ОД РАЃАЊЕ И 35 ГОДИНИ АРХИЕРЕЈСКО СЛУЖЕЊЕ НА МИТРОПОЛИТОТ ТИМОТЕЈ

Црквата, според својата структура, е богочовечки организам, кој е складен само тогаш кога сите негови служби и дарови се во меѓусебна согласност. Затоа и апостолот Павле вели: „И не може окото да и рече на раката: Не си ми потребна, ниту, пак, главата на нозете: Не сте ми потребни… за да нема расправии во телото, а органите подеднакво да се грижат едни за други (1Кор. 12, 21-25). Единството на Црквата е евхаристиско, но и ерархиско. Затоа и светите отци кажуваат дека Црквата е единствена тогаш кога сите заедно, и епископите и свештениците и ѓаконите, заедно со верниот народ, се собрани заедно. И уште: следете го епископот како Христа, и не правете ништо без епископот, зашто тој е икона Христова, без кого или без чиј благослов, не може да се принесе вистински принос на Бога во Евхаристијата. Ете толку е голема улогата на епископите во Црквата. Ете сега ни станува јасно зошто Црквата толку многу внимавала и ги избирала за епископи само оние, кои од Бога биле предизбрани за оваа возвишена, но и тешка и одговорна служба.

Затоа и денеска, се собра целата Македонска православна црква, да го прослави тешкиот архиерејски крст на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј, кој достојно и несебично го носи веќе 35 години на своите плеќи. Прославата на овој голем Јубилеј 65 години од раѓањето и 35 години архиерејско служење на Митрополитот Тимотеј во Македонската православна црква – Охридска архиепископија, започна ден претходно со свечена воскресна Вечерна богослужба, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на протоерејот Никола Христоски, свештениците Кирил Јованоски, Ромео Петрески, Сашо Ристески, Горан Ставрески, Ѓорѓи Блажевски, Љупчо Бакрачески и Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ѓаконите Сашо Целески и Христијан Костоски.

Торжествата по повод овој голем Јубилеј продолжија на 06.11.2016 година, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид, каде беше отслужена света архиерејска Литургија, на која чиноначалствуваше Митрополитот Тимотеј, во сослужение на Митрополитите Петар, Наум, Агатангел, Пимен, Иларион, Јосиф и Јосиф, епископот Климент, архимандритите Нектариј и Партениј, протоереј-ставрофор Сашо Богданоски, протоереите Димче Ѓорѓиески, Стевчо Тошевски, Никола Христоски и Игор Никовски, свештениците Васко Голабоски, Љупчо Симиџиески, Димче Азески, Владо Недески и Александар Матески, протоѓаконите Ратомир Грозданоски, Саше Ристов и Николче Ѓурѓиноски, ѓаконите Дејан Борисов, Сашо Целески, Васил Ристовски и Христијан Костоски и ероѓаконот Анатолиј. По завршувањето на богослужбата, Митрополитот Струмички г. Наум се обрати кон мноштвото верни и кон Митрополитот Тимотеј со свечено слово, кое подолу во целост ви го принесуваме.

Се разбира, тоа нема да е прослава на Владиката Тимотеј, доколку на таа прослава не биде и некој друг награден и пофален. Денеска тоа беше протоерејот Димче Ѓорѓиески, кој по предлог на нашиот Митрополит Тимотеј, а со Одлука на Светиот архиерејски синод на МПЦ-ОА, беше одликуван со носење граден крст и се здоби со чинот протоереј-ставрофор. Протоерејот Димче служи на нашата црква како парохиски свештеник веќе долги години, а за сите овие години има значителни успеси и постигнувања на сите парохии на кои служел. Отец Димче е заслужен е и за многуте залагања во враќањето на црковните имоти во нашата Епархија. Митрополитот Тимотеј го пофали и за неговата улога во градбата на повеќе конаци во Епархијата, а особено за неговиот подвиг за изградбата на новиот манастир „Св. Козма и Дамјан“ во с. Опеница, Охрид. Од името на Епархијата и на сите верници, му го честитаме овој голем чин на протоерејот Димче, со желба и Господ нашиот Бог да го награди за сите негови трудови и подвизи.

Денешниот ден беше уште една потврда за доброто служење на Митрополитот Тимотеј, и за неговото постојано неуморно поучување на своето стадо. Имено, на овој голем Јубилеј, беа промовирани петте тома од книгата „Охридски источник“, кои претставуваат собрани беседи од Митрополитот Тимотеј, изговорени на многу празници, воскресни Литургии, осветувања, настани. Промотори на ова колосално дело беа Митрополитот Кумановско-осоговски д-р Јосиф и професор д-р Ратомир Грозданоски, протоѓакон. Двајцата беа согласни дека низ беседите провејува Евангелскиот дух, кој ги води верните на правиот пат на спасението. Искажани на разбирлив јазик, беседите на Митрополитот Тимотеј претставуваат духовна храна, од која мнозина се нахраниле. Промоторите искажаа и благодарност за неговиот труд, кој треба да биде пример за сите во Црквата.

 

Пo зaршувaњетo нa свеченoстите, беше приреден пригoден мaнaстирски ручек вo мaн. “Св. Нaум Oхридски” вo Oхрид, нa кoј присуствувaa претставници oд јaвниoт и привaтниoт живoт, прoфесoри, претстaвници нa Лoкaлнaтa сaмoупрaвa, претставници на дипломатскиот кор, свештеници и мoнaси, a oсoбенa чест ни причини присуствoтo нa гoлемиoт пријaтел нa Влaдикaтa Тимoтеј, кaкo и нa МПЦ-OА, гостинот од од Албанската православна црква, Негoвoтo Висoкoпреoсвештенствo Митрoпoлитoт Кoрчaнски г. Јoвaн, .

 

На крајот од овој голем ден, Митрополитот Тимотеј прими и пригодни подароци од своите браќа архиереи, од своите свештеници и монаси во Дебарско-кичевската епархија, од Комисијата за односи со верските заедници во РМ, како и од многу други негови почитувачи, пријатели и сотрудбеници. Од името на сето монаштво и свештенство, како и од името на сите верници од нашата Епархија, му го честитаме големиот Јубилеј на нашиот Владика, и се молиме на Семилостивиот Бог, Он да го обдари со здравје, долгоденственост, љубов и уште повеќе сила, та да може уште долги години да нѐ води на вистинскиот пат и да се моли за нас пред Престолот на нашиот Творец. На многаја лета Високопреосвештени Владико!   

Во продолжение, интегрално ви го пренесуваме словото на Митрополитот Струмички г. Наум.

Митрополит Струмички Наум

Дедо Тимотеј

Насловот на мојата беседа е едноставен – „Дедо Тимотеј“. Таков наслов се користи кога човек говори за свој пријател, исто како и за некој што со својата човечност ги надминал рамките на формалноста, но и за некој што со својот духовен опит и мудрост ги опфатил димензиите на одандестраното, и затоа сите почнуваат да го чувствуваат како многу близок, како вистински во Христос брат, па дури и како духовен отец. Јас, и сите ние овде собрани, именувањето „Дедо Тимотеј“ го користиме и разбираме и во првите две, но најмногу во последнава наведена смисла.

Сите во својот живот правиме грешки, така и Дедо Тимотеј, и сите имаме свое покајание – па така и тој. Но, никој не знае ништо за внатрешното покајание на другиот – така и ние за неговото; тоа само Бог го знае. Никој од нас не е сам по себе совршен; совршен е само единиот Бог во Троица – Отецот и Синот и Светиот Дух. Но, нам толку и не ни треба некој совршен човек, туку токму ваквиот и овој, наш Дедо Тимотеј – како конкретна историска личност. Совршенството на нас, несовршените, ни го обезбедува самата Црква, која е Тело Христово и чија Глава е Христос, и која, користејќи ги нашите таленти и способности, прави да си ги надополнуваме недостатоците еден на друг и да функционираме како еден совршен и свет Богочовечки организам преку кој се совршува Тајната на спасението на светот.

Токму според овие таленти, како што спомнав, кои Богочовекот Христос совршено ги всадил и однапред ги видел како ќе се развиваат во него уште од неговата младост, но кои и ние, колку што ни дал Он, можеме да ги видиме кај Дедо Тимотеј, преточени во неговите дела, токму според нив, велам, ќе биде нашата благодарност до него, за што и се собравме денес овде. И, сега, кога само општо ќе ги набројам неговите дела, ќе видите дека се многу, а камоли, пак, подробно да почнам да говорам за нив. А едно сигурно знаеме – верата без дела е мртва. А сите негови видливи дела, пред сѐ, тајно се измолени од Бог. Друг начин и нема.

Првата генерација наши епископи учествуваше во долгоочекуваното возобновување на Охридската Архиепископија, која поради посебните пастирски потреби дејствуваше во Федеративна Република Македонија како Македонска Православна Црква. Освен Кирил и Доситеј, кои беа монаси, другите епископи: Климент, Методиј и Наум, беа тоа што македонскиот православен народ во тој момент можеше да Му го принесе на Бог, и на сите нив многу сме им благодарни. Без нивната саможртва во 1967 година не верувам дека ние денес ќе ги уживавме плодовите на фактичкиот автокефален живот.

Дедо Тимотеј ѝ припаѓа на втората генерација епископи, која требаше да го организира црковниот живот од речиси ништо и на таа автокефалност да ѝ даде спасителна пастирска содржина и ефикасност. Нивниот подвиг, во тој поглед, беше пионерски, а посебно неговиот. Зошто велам посебно неговиот? Еве зошто:

Ако говориме за црковни градби и црковни храмови, а посебно за манастири – што е за Црквата најважно, со Дедо Тимотеј ниту еден епископ не може да се спореди. Ќе ги спомнам само „Свети Климент“ на Плаошник заедно со возобновениот Светиклиментов универзитет, манастирот „Свети Наум Охридски“ – за кој, и покрај сите претрпени критики, на крај го заврши како комплетен манастирски комплекс, кој блесна во целиот свој сјај, манастирот „Света Богородица – Пречиста“, а посебна приказна се манастирите „Свети Јован Бигорски“ и „Свети Георгиј“ – Рајчица. Има уште многу други црковни градби, храмови и манастири, но мислам дека доволни се тие што ги нагласив. Тоа што сакам да го истакнам, во оваа прилика, е неговата храброст во борбата за црковниот имот до судир и со самите световни, и домашни и странски власти – за коешто мене лично ми е страв и поконкретно да говорам, а камоли да го направам истото. Дедо Тимотеј е бескомпромисен борец за она во што верува, за Божјата правда и вистина, и не се плаши од оние што само на телото можат да му наштетат, но не и на душата.

Организираноста на свештенството во Дебарско-кичевската епархија е навистина на завидно ниво. Тоа што мене лично ме воодушевува е кога гледам како сите, на чело со Дедо Тимотеј, живеат како едно семејство. Очебијно е дека тој посебно внимание и труд му посветува на своето свештенство, со кое конкретно се дружи и на татковска основа, и на основа на организирање семинари за нивно дообучување и восовршување; и што е најбитно, со кое заедничари во светите Литургии. Посебно треба да се потенцира, кога е во прашање Дедо Тимотеј, неговото лично и материјално вложување во академското образование на своите свештеници, од кои утре се очекува да бидат носечките кадри во Македонската православна богословија „Свети Климент Охридски“, како и на истоимениот Богословски факултет, од кои некои веќе и се. Тој е вистински татко на своето свештенство, кое со него соработува не од страв, туку од љубов.

Ако говориме за преведувачко-издавачката дејност, тука само еден епископ донекаде може да му парира. Но, ако ја спомнеме и културно-научната и просветната дејност, како што се разните научни симпозиуми, организирани во годините наназад, како и неговите лични книжевни дела – аскетско-етички есеи и толкувања на Новиот Завет, издадени во шест тома, веќе ниту еден епископ на МПЦ-ОА не може да се спореди со Дедо Тимотеј.

Она што, пак, посебно ме восхитува кај личноста на Дедо Тимотеј е неговото чувство за монаштвото. Тој има такво чувство за развој на монашкиот живот како многу години да поминал во манастир. Тоа чувство се состои во татковската грижа за монаштвото, а посебно во духовната слобода што му ја дава. Без тоа, од Бог вдахновено чувство, ние денес ќе ги немавме двата општожителни манастирски бисери – Бигорската света обител и светото сестринство од Рајчица, најголемите украси на МПЦ-ОА. Сите ние за ова негово дело посебно му благодариме.

Со сите овие дела Дедо Тимотеј ја врати во полн сјај славата на некогашната трета по ранг Црква во христијанската икумена – Јустинијана Прима, основата на денешната Охридска Архиепископија. Дедо Тимотеј најпластично ни покажа дека лидерството во Црквата не е само позиција и титула, туку дека тоа е, пред сѐ, акција и личен пример; ни покажа како во подвигот да се сочува полнотата на Црквата и чистотата на верата, како човек духовно расте и созрева, и ни покажа дека ниту една добродетел, како и црковна цел, не се достигнува преку ноќ, туку со многу труд, трпение и саможртва.

Ако помисливте дека ова е сѐ, не е.

Дедо Тимотеј е најистакнат и најреспектабилен член на нашата црковна комисија за дијалог со останатите помесни Православни Цркви, а посебно со СПЦ, не само меѓу нас, туку како таков важи и меѓу епископите на другите сестрински Цркви. Човек без кого нашето отворено црковно прашање во овој историски период не ни може да се реши, и човек во чија дипломатско-црковна мудрост и чувство за црковна соборност – од една страна, и во чие чувство за достоинство, пастирска одговорност и црковен интегритет – од друга страна, јас лично, но и сите епископи и верниот народ на МПЦ-ОА, ја полагаме својата надеж.

Што се однесува до нашиот црковно-внатрешен, а посебно синодски живот и работење, во една реченица: со Дедо Тимотеј секогаш знаеш на што си. Не можам да ви опишам каков дар е оваа негова искреност за Црквата, и не може човек да не го почитува тоа, без оглед дали секогаш се согласува со неговиот став.

Но, каква е поточно неговата улога во нашиот соборен, синодски, црковен живот и соработка? Тука веќе не знам што попрво да истакнам и со кои зборови да го искажам мојот восхит. Дедо Тимотеј е, долго време беше, и очекувам и верувам дека уште долго време ќе биде главниот мост помеѓу помладите генерации епископи – од една страна, и постарите – од друга страна. Помеѓу едните, кои се малку нестрпливи и сакаат проблемите веднаш да се разрешат, и другите, кои по малку го губат здивот зад новите предизвици на современието и новиот начин на живот – предизвици што бараат нови, осмислени и брзи одговори. Затоа, тој е еден своевиден центар и чувар на единството во САС на МПЦ-ОА во сите такви клучни моменти. Секогаш кога првиот по чест центар на нашето единство поради разни притисоци и грижи, кои како човек го преоптоваруваат, разбирливо ќе се поколеба или затаи, веднаш се активира Дедо Тимотеј како привремена замена и сите проблеми во Црквата на најдобар можен начин се разрешуваат. Верувам дека и самиот Архиепископ знае каква потпора е Дедо Тимотеј за него и верувам дека знае тоа да го цени.

Знаете ли дека таа негова улога е најважната улога што во еден Синод епископот може да ја има? Знаете ли колкав црковен и животен опит зад ова мора да стои? Знаете ли какво расудување за успешно извршување на оваа задача е потребно – да се препознае вистинското време кога да се смири човек и да премолчи, а кога одлучно да пресече и да понуди решение? Знаете ли какво изострено чувство за Божја правда е потребно, за тоа каде Светиот Дух Господ во конкретен случај дише? Знаете ли колку понижување и смирение за ова човек треба да претрпи? Знаете ли низ кој ритам на градење личносни односи треба да се помине за тоа достоинство меѓу другите да се стекне? Знаете ли колку љубов за МПЦ-ОА за ова треба да се има? Знаете ли дека сето ова не може да се помине и без штета по сопственото здравје? Ако доловите само малку од сето ова што го говорам, тогаш веднаш ќе ви стане јасна големината на личноста и делото на Дедо Тимотеј. Тој за нас, за МПЦ-ОА, е вистински дар Божји!

Дедо Тимотеј, ми беше посебна чест и радост да ја направам оваа кратка рекапитулација на Вашиот 35-годишен епископски труд. Се чувствувам мал и недостоен за Вашата доверба јас да го направам ова скромно изложување, скромно во споредба со Вашето дело и Вашата жртва за нашата автокефална МПЦ-ОА, но го направив од синовска послушност кон Вас. Бидете ни жив и здрав уште многу години! Вие сте за сите нас, што Ве љубиме и разбираме, нашиот Ангел Чувар. На многаја лета, Високопреосветен Владико Свет!

06.11.2016 година
храм „Св. Софија“ Охрид

Преземено од: http://dke.org.mk/index.php/2937-65-35