Бог е вечна и бесконечна Светлина, неприкосновена, ниту за умот достижна, ниту со збор искажлива, неопфатна и недопирлива. Таа е просвештение за секое разумно создание. Таа е за духовниот она што е сонцето за видливиот свет. Таа го просветлува овој видлив свет и го прави забележлив за телесните очи. Доколку се осветлуваме, Таа Светлина е чувствувана од нас; доколку е почувствувана, Таа буди љубов кон Себе; и доколку е возљубена, дотолку е спознавана од нашиот разум. Тука запира секоја желба. Над Неа не може никој да се издигне, ниту, пак, некој може да Ја опфати, оти ништо не е, не било и не ќе биде повисоко и поголемо од Неа. Само Таа се познава Себеси, таква каква што е; само Таа се созерцува и опфаќа Себе, покажувајќи им малку од својата суштина и на оние што се надвор од Неа. Никој не видел ниту слушнал, ниту некој може да Го види Бога во Неговата суштина. Само Он е единствен Творец на сѐ – видливото и невидливото. Ние говориме за таа светлина, која е во Отецот и Синот и Светиот Дух. Нивното Божество е во три Ипостаси, и во едното сјаење на светлоста. Ние имаме еден Бог Отец, од Кого е сѐ, и еден Господ Исус Христос, преку Кого е сѐ, и еден Дух Свет, во Кого е сѐ.
***
Браќа, да бидеме трезвени и со чиста совест да пристапиме кон телото и крвта Божји (Причеста), без да имаме непријателство со никого; да не се сакаме со лицемерна љубов, туку еден со друг да се почитуваме од срце да бидеме синови на Севишниот и учесници во Царството небесно, во кое дојде да нѐ повика Христос, нашиот вистински Бог, Синот Божји, Кој е двоен по природа, еднакво славен во (Света) Троица.
***
Браќа, да се отрезниме и да не се именуваме христијани само по име, туку да се потрудиме со добри дела и со кроткост и пост да стекнеме смирение и љубов кон сите, зашто тие ги очистуваат душата и телото и нѐ прават рамни на ангелите, и нѐ водат на небото. И милостина давајте непрестајно, зашто таа ги мие сите прегрешенија од нас, и ги отвора небесните врати.
***
Браќа, да се потрудиме да направиме богоугодни дела, зашто преку тие дела ќе се наречеме синови Божји и, откако овој живот ќе го проживееме добро, да се удостоиме и за идните блага, славејќи ја Троица во Единица, едно Господство, една светлина во три Лица; едната природа не ја делиме на три бога, трите Почетоци ги собираме во едно Божество – во Отецот и во Синот и во Светиот Дух.
***
Браќа, да не бидеме мрзливи, и ние, кога имаме таков милостив Господ, туку да отфрлиме од себе секаква злоба, завист, клевета, срамни дела и недолични постапки, и со чиста совест да дојдеме во Божјата Црква и, со страв стоејќи во неа, да бараме прошка на гревовите и вечен живот, за да бидеме достојни да пристапиме кон пречистите тајни на телото и крвта Христови. Зашто тоа дело Божјо (светата Причест) нѐ прави достојн заедничари на Царството небесно.
***
Браќа, секогаш кога се собираме во црква, потребно е со љубов да Му оддаваме почит, поклонување и пофалби на Единствениот Бог, Кој со три својства, односно Ипостаси, што може да се разбере и како Лица, бидејќи во тие три Лица Божеството е неразделно, со една власт и сила устројува сѐ. Трите Лица имаат една и иста власт, едно царство, едно Господство, една сила и една чест, и едно поклонение оддавано непрестајно од сето создание.
Извадок од делото:
„Свети Климент Охридски – Собрани дела: Слова, поуки, житија“