Интервју со сестра Илијана по повод фрескописната, иконописната и резбарската колонија во Марковиот манастир

Разговор на Ананија Ананиевски со игуманијата на Марковиот манастир, с. Илијана и со учесниците на фрескописната, иконописната и резбарската колонија во Марковиот манастир, која се одржа претходната година

 

  1 – Почитувана игуманијо, деновиве преку фб – страницата на Марковиот манастир, како и преку дел од медиумите дознавме дека со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан се одржува интернационалната фрескописна, иконографска и иконорезбарска колонија. Од каде и кога се роди идејата за една ваква полезна манифестација?

 

Идејата се роди пред четири години, откако самата искусив колку се Богоугони и на Бога драги овие заеднички средби, на кои својата вера и љубов ги преточуваме во дела и твориме нешто, кое ни е дарувано од Бога, разменувајќи искуства и знаења, меѓусебно. Пред четири години, со уште една сестра бев поканета на една ваква колонија и се разбира, откако го известив надлежниот Архиереј за поканата и откако тој се согласи и даде благослов, со радост ја прифатив поканата и бев присутна на мојата прва колонија. Потоа следеа и други… Воглавно, колониите беа со организирана програма, секој во одредено време можеше да го изложи својот труд,- (својата икона, фреска, фрагмент, резба….) и да го објасни начиот на изработка, т.е. како го изработил делото, а и да одговори на поставените прашања од другите присутни, кои внимателно слушаа и сакаа да научат или пак да го усовршат своето знаење. Во програмата беа проследени и предавања за иконата т.е. за изобразување на образот Божји во самата икона, за големината на иконата и нејзиното значење во Православието, за борбата против иконоброците и нејзината одбрана……итн  Видов пожртвувани личности кои несебично, во детали, ја објаснуваа техниката на фрескосликарството, техниката на иконописот, резбарството…, исполнувајќи ги Божјите заповеди напишани во Библијата, -„Дарум добивте – дарум давајте.“ На колониите имав прилика да запознаам врни мајстори, професори, конзерватори, реставратори кои некогаш беа организатори и предавачи, а некогаш и почесни гости на колониите и имав можност, за што Му благодарам на Бога, директно да црпам од изворот, од овие садови, кои своите дарови ги излеваа и надвор од посудата, давајќи ни го дарум богатството на знаење, кое со години и со многу труд, го собирале во себе.

И така, посакав еден ден тоа да се случи и во нашиот манастир, а милостивиот Бог Кој ја услишува секоја наша желба, која ни е на корист, благоволи тоа да се случи и кај нас во Марковиот манастир, Свети Димитриј.

 

2 – Дали можете да ни кажете нешто повеќе за колонијата: кои и од каде се  уметниците кои земаат учество, до кога истата ќе трае и итн?

 

Да, секако. Уметниците се од Бугарија, Србија и од Македонија. Некои од нив работат поединечно, а некои се организирани групи и работат, заедно, фрескопис низ целиот Балкански полуостров. Исто така, имаме фрескописци кои сликаат на Света Гора, а за да се добие благословот и да се слика на таму, значи дека навистина станува збор за еминентни мајстори, кои се докажале во своето сликарство и чии имиња се познати. Еден од учесниците е и член ка Кралското здружение на минијатуристи и навистина, минијатурите изработени во дрво и слонова коска се импресивни. Посебно се радувам за резбарите кои се вклучија во колонијата. Резбари од еден друг вид т.е. резбари кои резбаат даски за изработка на икони, кои така изработени, посебно ја збогатуваат и облагородуваат насликаната икона.

Колонијата ќе трае до 21 септември кога се празнува Рождеството на Пресвета Богородица, а може и ден повеќе за да се доврши започнатото.

 

3 – Кои се активности ги имаат учесниците на колонијата?

 

Во зависнот од дарот даден од Бога, учесниците изработуваат најразлични техники од повеќето области како; фрескопис, иконопис, резбарство, а воскресната е и техника на изработка на окови за икони, чии стари примери ги наоѓаме кај нас, посебно во Охридските икони од средновековниот период. Се изработуваат сите техники, а учесниците се ангажираа да се дослика параклисот посветен на Светиот Апостол и Евангелист Марко при Марковиот манастир, како и доизработка на започнатиот иконостас во параклисот.

 

4 – Дали колонијата е отворена за јавноста?

 

Да, колонијата е отворена за јавноста и секој кој е љубител на било која од овие техники може да земе учество во колонијата, без разлика дали е почетник или и самиот работи некоја од техниките,  сè со цел да се разменат искуства и знаења стекнати искуствено од самата работа…

 

5 – Кои се Вашите очекувања од оваа колонија, која деновиве престојува во Марковиот манастир?

 

Моите очекувања се да се пребива во добро, да се твори добро и да се заедничари за добро.

 

6 – Дали оваа манифестација би прераснала во традиционална?

 

Оставаме на Бога. Бог е креатор на нашата иднина. Од наша страна има добра волја и огромна желба да се повтори ова заедничарење, и пред сè, повторно еден со друг да се сретнеме како Богољубиви личности, носители на Христа во срцето, а потоа и да изработиме дела достојни за нашата вера, кои, се надеваме, ќе ги красат нашите цркви и манастири овде, па и пошироко.

 

 

Прашања до почитуваните учесници на оваа интернационална колонија:

 

1 – Почитувани учесници, најнапред Ви посакувам добредојде во Македонија и успешна колонија во Марковиот манастир. Како си поминувате овие денови?

 

Добро ве најдовме! Добро поминуваме, се надеваме сестринството на манастирот ќе биде задоволно од нашето присуство овде, за кое, пред сè, му благодариме на Неговото Блаженство Архиепископ Охридски и Македонски г.г. Стефан, а потоа и на Игуманијата Илијана која нè прими со огромна љубов и ни овозможи оваа заедничка колонија да ја оствариме, баш овде, во Марковиот манастир. За нашите успеси нека зборуваат другите, ние ќе зборуваме од нашето скромно искуство преку изработените дела. Деновите поминати овде ќе бидат врежани во нашите срца засекогаш. Освен што сме импресионирани од самиод пречек, исто така, сме изненадени и од организацијата од страна на игуменијата т.е. од можноста, освен престојот, овде да се видат и другите убавини, цркви и манастири во Скопската околина, за што посебно се ангажира игуменијата. Значи, во досегашниот престој, освен Марковиот манастир од 14 век, ги посетивме и „Свети Пантелејмон“, Нерези, манастир од 12 век, потоа, „Свети Спас“, со импозантниот резбан иконостас од 19 век, Кучевиште – „Светите Архангели“, исто од 14 век, како и манастирите во кањонот Матка – „Пресвета Богородица“ 14 век и „Свети Андреј“, исто така од 14 век, потоа ,на Скопска Црна Гора живиот манастир „Свети Никола“ во село Љубанци… итн.

 

2 – Можете ли да ни се претставите поединечно од каде ни доаѓате и со што се занимавате?

 

Не би сакале да се претставиме поединечно, нека тоа остане анонимно, за пред лицето Божјо.. Нека милостивиот Бог ги запише нашите имиња во книгата на живите, тоа за нас е сосема доволно. Сепак, на Фб страната на Марковиот манастир дадени се некои информации за тоа кој ќе учествува и од каде. Благодариме.

 

3 – Кои се Вашите активности на колонијата? 

 

Нашите активности се од сите области т.е. од фрескопис, иконопис до резбарство, како и минијатури во резба, потоа, изработка на окови за икони, филигран… итн.

 

4 – Како Ви се допаѓа нашата земја и секако, Марковиот манастир?

 

Не баш лесно прашање, од причина што Македонија е богата земја со иконопис и фрескопис, нешто кое ние се обидуваме да го повториме т.е. барем да се приближиме до ремек делата кои се изработувале вековите наназад. Затоа ќе кажеме дека овде не станува збор за богатство, кое може материјално да се процени, туку за богатство кое е од непроцентлива вредност. Македонија за нас е прекрасна земја и во нас ќе остави длабоки спомени, а за Марковиот манастир го имаме истиот впечаток. Ретките фрески, како „Колежот на Витлеемските младенци“, е неповторливо насликана композиција по својата драматичност, посебно во сцената Плачот на Рахила со раширени и високо кренати раце кон Небото, во плач, заради убиените деца од страна на злочестивиот цар Ирод. Како и „Акатистот на Пресвета Богородица“ (пофална песна), насликан во сите 24 икоси и кондаци, што е нешто навистина ретко во византиското сликарство од тој период. Исто така, ќе ја споменам / ме и композицијата на Божествената Литургија насликана во олтарот, во која Христос го зазема централното место и сослужува заедно со небесната и земна Црква.

 

5 – На крај, можете ли да ни ги искажете Вашите очекувања и колку оваа колонија би донела плод за зголемување на нашето културно наследство?

 

Наше е да се трудиме и да твориме добри нешта колку што можеме, а дали Нашиот Бог ќе ги овековечи нашите дела во иднина, тоа веќе е Божја работа. Сè што правиме, не правиме за себе и за своја слава и пофалба, туку за Божја слава и Божја пофалба. Нашите очекувања, а верувам и на Игуменијата, се да се собираме и заедничариме за ДОБРО.