Господ Исус Христос го поучувал народот за царството Божјо. Проповедал дека царството Божјо нема ништо заедничко со владеењето на земното царство. Тоа не е од овој свет – не е материјално, туку духовно. Во неговата власт се наоѓаат душите на луѓето, а не материјалните богатства. За остварување на царството Божјо не се потребни ниту пари, ниту скапоцени предмети, ни земја, ни војна, ниту политичка власт над светот. Секое земно царство, колку и да е големо и силно, секогаш имало и ќе има свои граници во време на траење и постоење, па според тоа осудено е на пропаст. А царството Божјо нема никакви граници, тоа е вечно. Господар на тоа Царство е Самиот Господ Исус Христос, Синот Божји. Под Негова власт се сите човечки души, и тоа без исклучок. Народност, јазик, раса, слава, богатство – сето тоа нема никакво значење. На сите им е слободен пристапот во тоа Царство. Но за тоа наследство потребно е да се преобрази душевно, да се покае, односно да се ослободи од сите свои лоши дела и навики, злоба, завист и омраза кон другите. Треба да се сака и Бог и луѓето, треба да се помагаат ближните, да не се посакува и да не се прави на другите она што не се посакува за себе. Тогаш ќе има среќа за секој човек и за целото човештво.
За голем број на слушателите, современиците на Христа, тоа учење било сосема ново и неразбирливо. Поради тоа во главите на тогашните Христови слушатели се јавувале многу прашања. И токму заради тоа Господ Исус Христос започнал да го објаснува своето учење преку приказни, односно со прости примери земени од секојдневниот живот.
Во овој момент ќе се задржиме за приказната за Сејачот и семето (Евангелие по Матеј, 13, 1-19).
Царството Божјо е како сејач кој излегол да сее семе. Сеејќи, едни зрна паднале покрај патот; долетале птиците и ги исколвале. Други паднале на камено место, каде што немало многу земја, и набргу проникнале, оти земјата не била длабока. Но, штом изгреало сонцето, тие свенале, па бидејќи немале корен, се исушиле.
Некои паднале во трње и израснале трњето и ги задушиле. Други паднале на добра земја и дале добар плод; едни сто, други шеесет, а трети триесет.
Кога Господ Исус Христос ја кажал оваа приказна за Сејачот и семето, ниту Неговите ученици веднаш не ја разбрале што таа значи, затоа и Го прашале: „Зошто во приказна им зборуваш?” А Он им одговорил: „Затоа што вам ви е дадено да ги знаете тајните на царството Небеско, а ним не им е дадено. Вие, пак, чујте ја приказната за сејачот. Сејачот е Синот Божји, а семето е Неговата наука, која Он ја проповеда на народот заради спасение. Местата на кои, според оваа приказна, паѓаат зрната ги означуваат луѓето кои ги слушат зборовите на Синот Божји, но не ги примаат подеднакво.
Местото покрај патот – ги претставува оние луѓе површни и лесномислени, кои не се трудат за своето спасение и кон Божјата наука се однесуваат сосема рамнодушно. Тие ги слушат Божјите зборови, но веднаш доаѓа лукавиот и го граби посеаното од срцето нивно; ете, тоа го означува посеаното покрај патот.
А посеаното на камено место – ги означува неодлучните и непостојаните луѓе, кои ја слушаат науката за спасението, и веднаш со радост ја примаат, но нема во себе корен и е непостојана, па настане ли жалост или гонење заради Христовата наука, таквите веднаш се соблазнуваат и повторно започнуваат да го живеат живот како и порано непобожен.
Посеаното, пак, на местото со трње ги означува оние луѓе, кои исто така ја слушаат науката за спасението, но грижите за она што е од овој свет и минливо, како и желбите за примамливото богатство и задоволствата ја задушуваат науката и таа останува без род.
А посеаното на добрата земја ги означува оние луѓе, кои ја слушаат Божјата наука, и со добро и чисто срце живеат според неа, и таа дава плод, кај едни сто, кај други шеесет и кај трети триесет”.
Царството Божјо секогаш започнува во душата на човекот. Тоа се појавува во срцето како мало семе. На почетокот е скоро неприметливо, а потоа одеднаш ќе го измени внатрешниот изглед на човекот и како големо растение ќе постане видливо за секој еден.
протојереј Чедомир Илиевски,
старешина на храмот „Свети Јован Крстител“ во Џилонг (Викторија)