† СТЕФАН,
Архиепископ охридски и македонски
Господ Исус Христос го победи светот иго основа Своето Царство – Црквата, за која рече дека портите на адот нема да ја надвладеат .Со тоа вети дека таа, како Негово Царство – ќебиде вечна. Црквата е икона на својот Владетел и Негово вечно почивалиште. Во тоа Царство на Бог Троица, се извршува нашето спасение, нашето осветување и преобразување, нашето обожување. Црквата е домот на Добриот Отец, каде што Неговите синови делат сè со Него и сè што е Неговое и нивно.
Човекот, пак, по природа е создаден за тоа Царство, создаден да биде учесник во Божјата природа. „Надвор од Црквата нема спасение”, и самата Црква е спасението.А спасението е откровение на вистинскиот пат, и таа вистина се наоѓа и се открива само во Црквата. Полнотата на откровението постои само во тајната на воплотувањето, бидејќи овде не се открива само Бог, но и човекот. Бог, Кој владее со Своето Царство – Црквата, која ја гледа и споредува со своето Богочовечко тело, го повикува човекот да биде со Него и да биде владетел на сопствената волја и да заедничари со Него. Ако Црквата е телото на Богочовекот Христос, а Самиот Христос е нејзината Глава, тогаш сите ние кои сме повикани да бидеме дел од тој организам, сме свети, како што е Свет нашиот Возглавител.
Црквата еедна и света, како што е едно и светоБогочовечкото тело на Христа Спасителот. А ако Црквата Го има Христа Бога како Возглавител, тогаш ја има и целата полнота на знаење, на мудрост, непогрешливост, исто како Нејзиниот Бог. Од полнотата на Црквата доаѓа нејзиното трето својство – соборноста, која нема географско или квантитативно значење. Taaбила соборна и кога постоеле само неколку христијански заедници, и ќе биде соборна сè до крајот на светот. Нејзината соборност се гледа во полнотата на Светиот Дух, во тоа што таа сè има и ништо не ѝ недостасува, никогаш непогрешува. А едната, света и соборна Црква е онаа која преку апостолите беше раширена дури до краиштата на светот, која преку нив го прими Светиот Дух и го започна своето постоење на земјата, икоја преку нивните раце, сè до наши дни, ја предава својата благодат од род во род.
Оттатму, говорејќи за овие особини на Црквата – не можам сето тоа да не го препознам и во минатиот, но и во современиот историски контекст на нашиот духовен простор. Имено, ако како народ можеме да се пофалиме, тогаш најмногу можеме со славата на Охридската Архиепископија! Ништо наше не траело ни толку долго и не било толку плодоносно и спасоносно. Израсната врз проповедта на светиот апостол Павле, надградена врз темелите на Јустинијана Прима, утврдена врз мисијата на светите браќа Методиј и Кирил и врз просветното и пастирско дело на светите Климент и Наум – цели 800 години, цели осум столетија, од времето на царот Самуил , па и по забранувањето на нејзината дејност, била и останала единствен чувар и бранител за нашиот народ и пред Бога и пред туѓинските владеења и влијанија. Под нејзина грижа, нашиот народ го зачувал и јазикот, и името и душата, се зачувал себеси… И во неа ја имал сета надеж дека ќе воскреснеме во нова слобода. И даде Бог, иако само на дел од македонската земја. А нашата Охридска Архиепископија е најдобар сведок дека без народна, тешко се стекнува и уште потешко се чува духовната слобода.
На сите нам, верувам, ни се познати црковните прилики на Балканот, кои не се само идентификација на Црквите на овој простор, туку и низ целото Православие. Станавме заробеници на форми и празни дефиниции, на политики, на суети, на историски предности и некакви права, на национални желби и посакувања. Многу Цркви и народи беа и се жртви на овој неевангелски однос. А ние, во овие педесетина години црковноопстојување, а особено од незаконитото укинување на Охридската архиепископија во 1767 година, ги почувствувавме и ги чувствуваме последиците од немањето љубов, како што своевремено изјави еден помесен црковен претстојател , дека нема љубов меѓу православните народи овде на Балканот. – Штосè ние не преживеавме и што уште не доживуваме од некои наши едноверни соседи – од присвојувања, омаловажувања, провокации, закани, одземања на права, до желби да не постоиме, да нè нема… Некои тоа го темелат на својата суета и високото мислење за себе, други имаат неоправдан страв… Се сеќавам на зборовите од востоличувањето на еден поглавар од соседството, кога во својата пристапна беседа беше го посочил Охрид како непријателски расположен, како православен центар кој покажал антихристијански непријателски став .Замислете, така се изразил зашто Охрид не се согласувал со обидот на територијата на Архиепископијатада се создаде нова црковна организација. И какво е ова лицемерие? Истите кои некогаш историски барале право, иако, верувам, имале потреба и го заслужувале тоа – денес нам ни го оспоруваат?!
А што сакаме и што бараме ние? Ништо повеќе од тоа што го имаат речиси сите православни народи – своја автокефална Црква, Црква која нема да биде зависна ни од овој ни од оној центар, која ќе биде, како што била – рамноправна со сите други. Тоа го очекуваме, не заради некоја надмена потреба, тука зашто единствено на тој начин можат да се спречат сите несакани влијанија, сета омраза, сета нечија потреба да присвојува и освојува.Впрочем, го бараме тоа што сме го имале и пред нив, и тоа на што и ние имаме право како православен народ, и по каноните и според практиката во Православната Црква! Всушност, со тоа најдобро ќе можеме потполно да го изразиме заедништвото, да ја потврдиме и онаа Христова порака дека меѓусебнатаљубов е најпрепознатливиот белег на единството и дека попрви ќе бидат оние коишто со љубов им служат на другите . Само така, необременети од световното и од земните потреби и посакувања, ќе можеме да го правиме и тоа за кое постои Црквата – спасението на луѓето. Бараме да ни се признае дека сме дел од црковната полнота, со цел да се исправи неправдата и да покажеме дека за омразата кон другите и желбата да се владее со другите, нема место во Црквата. Дарот на слободата ни е даден на сите подеднакво и со љубов треба да си служиме едни на други. Зашто, според свети апостол Павле – кога страда еден орган, тогаш страдаат сите органи; и кога се слави еден од органите, тогаш со него се радуваат сите органи.
Сакаме да престанеме да ја докажуваме нашата вистина и да ги трошиме силите на тоа да покажуваме дека и по верувањето, и по служењето и по живеењето не отстапуваме и сме дел од Православието. Сакаме да учествуваме со сите, давајќи ги своите сили во прилог на сведочењето на Христа пред целиот свет, и да бидеме дел од одговорот на современите предизвици кои го обременуваат денешниот човек.
А дали го заслужуваме тоа? Неблагодарно е да се зборува за себе, но јас сум должен пред туѓиот суд да ги изнесам работите што нашата света Црква ги постигна во овавреме. Така, во овој полувековен период навозобновено самостојно црковно постоење, со Божјата помош и по молитвеното застапништво на светиите од нашиот род, но и на целото мноштво светии, се удостоивме да ја почувствуваме благодатта, но и радоста од тоа кога се работи во слава на Бога. Градевме и градиме во Македонија, но и меѓу иселените Македонци низ целиот свет – храмови, конаци и други градби за потребите на верниот народ и црковното живеење, едновремено со грижа за древните светилишта.
Го возобновивме монаштвото кое, слава на Бога, се умножува и, љубејќи ја Црквата преку својот подвиг, се жртвува за нашиот општ добробит. Се погриживме нашите образовни институции да имаат квалитетни кадри, кои се школуваа и дома, но и по странски институти, академии и факултети.
Во овој период се даде особен акцент и на издаваштвото, па веќе можеме да се пофалиме со неколку изданија на Светото Писмо, но и со комплетен превод на богослужбената литература. Не заостанува ниту издавањето на дела, преведени од разни јазици, а најмногу радува сè поголемиот број на авторски дела од нашите оддадени на наука, професори и црковни дејци. Функционираат и иконописни школи, црковни хорови, организации кои се занимаваат со хумантирана и поклоничка дејност…
Но, со милоста Божја, се удостоивме чеда на нашата Црква и во наше време да бидат вброени меѓу светиите, како маченици за верата и богоугодници и чудотворци во името на Господа Христа. Се потврди дека Бог не гледа по ниедна припадност, освен по верата, делата и вистината за кои се живее!
Сето ова, пак, има смисла само доколку ја градиме и живата Црква, ако се трудиме ревносно во проповедта на евангелската вистина и словото на спасението. Секое материјално постигнување мора да биде во служба на духовното… А на тоа поле, секако, имаме уште многу да правиме и да се трудиме.
Овие педесет години самостоен и полн црковен живот, треба да ни бидат доволен патоказ како да ги надминеме слабостите и како да се соочуваме со идните предизвици. Бог, во Својата промисла, сите нѐ поставил на некое место и ни дал улога во Црквата – па, да се трудиме таа чест да ја носиме достоинствено.Тоа е призив за сите нас: и за свештенослужителите и за народот – сите да се трудиме за нас, за нашата Црква и во слава на Бога.А тоа најдобро ќе го направиме најпрво преку личното поправање во духот на Христовото слово, преку своето зацврстување во верата и особено во љубовта.
И при оваа прилика да си спомнеме за делото на доблесните охридски ерарси, за неправдата кон Арсениј, за духовниците и народните првенци и за сите коишто се обидуваа да ја обноват Охридската столица, како и за учесниците на Собранието во Издеглавје, на свештеничките конференции, на Првиот, Вториот и, особено, на Третиот црковно-народен собор, кои едногласно и еднодушно ја прифатија одлуката на петочлениот Синод, на чело со блаженоупокоениотАрхиепископ Доситеј – завозобновување на Охридската Архиепископија како Македонска православна црква. Нека им е вечен споменот и Бог да ги награди за нивното големо дело!
Нека ни е честита 50-годишнината од возобновувањето на автокефалноста и, дај Боже, да постои вечно нашата Црква, нашиот народ и нашата Татковина –Македонија.
Нека Господ, Дародавецот, нè обдари со разум и мудрост – да знаеме и умееме да го цениме и да го умножуваме дарот што ни е даден како на народ, а тоа најмногу да го правиме во едномислие и еднодушност. Амин!
На многаја лета!
[1] Говорот на Неговото Блаженство Архиепископот Охридски и Македонски г.г. Стефан, одржан на свечената Духовна академија, на 30 септември 2017 година, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид.