Евхаристија и соборност – протопрезвитер Георгиј Флоровски

Никој да не плаче поради сиромаштија,

зашто се јави сеопштото Царство…   

 

Светата евхаристија се извршува во  спомен на Христос. И, пред сѐ, во спомен на Тајната Вечера, кога Господ ја востановил и за прв ја извршил најсветата тајна на Новиот завет со Своите ученици, заповедувајќи им: „Правите го ова во мој спомен…“. Но тоа не е само спомен. Луѓето се сеќаваат на нешто што било и што поминало, на нешто што се случило и што го нема повеќе. А Тајната Вечера не е извршена само еднаш, туку таинствено се продолжува до крајот на вековите, – „додека не дојде“… Ние тоа го исповедуваме секој пат, пристапувајќи кон евхаристиската Чаша: „Прими ме денес, Сине Божји, за учесник на Твојата Тајна Вечера“. Таа се продолжува, а не се повторува. Зашто една е жртвата, едно е принесувањето, еден е Јерејот, „Оној што принесува и што се принесува“… И овде чиноначалствува истиот тој Христос; „Оној Кој ја извршил онаа трпеза, ист е Оној, Кој ја извршува и оваа сега“, ни говори Златоуст. И додава: „Таа трпеза, за чие времетраење е востановена Тајната, со ништо не е пополна од која било по неа, зашто и денес како и тогаш Он е Тој што сѐ извршува и сѐ предава“.

Во тоа се открива тајната на соборноста, Тајната на Црквата. Апостолот таинствено зборува за Црквата, како за полнота или исполнување Христово. И Златоуст објаснил дека „полнотата“ значи дополнување – Црквата е исполнување на Христос, кој е Глава кога е совршено Телото…“. Телото Христово, Црквата, настанува, се исполнува во времето. На сличен начин и секоја евхаристија е исполнување на Тајната Вечера, нејзино остварување и откривање во светот и во времето. Секоја евхаристиска служба е целосно изображена од една голема евхаристија, која Спасителот ја извршил на Тајната Вечера во предвечерието од  Своите доброволни страдања. Како што велел Златоуст, секоја евхаристија е целосна Жртва – „неа и сега ја принесуваме“, принесена тогаш, таа, која никогаш не осиромашува (не престанува, не се троши, не се прекинува). Секогаш и секаде Христос е еден, „и таму целосен, и овде целосен…“.

Како вечен Првосвештеник, Спасителот „за нас непрестајно ја извршува таа служба“, вели проникливиот византиски литургичaр Николај Кавасила. Не како Он повторно да слегува на земјата и да се воплотува или да се вселува во осветените Дарови – „не како вознесеното Тело да слегува од небото…“. И при Своето вознесение Христос, Кој седи од десната страна на Отецот, не се одделува од земјата и „неотстапно живее во Својата Црква“. Како што велел Златоуст, „Христос својата плот и нам ни ја оставил и со неа се вознел“. Смислата на страшното и неисповедливо (неискажливо) евхаристиско претворање е во тоа дека со таинственото дејство на Светиот Дух, Кој во светот се испраќа од Отецот преку Синот, неискажливо го исполнува пречистото Тело Христово. Во тоа е и тајната. Жртвата не се повторува, не се повторува колењето (жртвувањето)… „Таа жртва“, вели Кавасила за евхаристијата, „не се извршува преку жртвувањето на Агнецот во тој час, туку преку претворањето на лебот во заколениот Агнец. По силата на молитвеното призивање од Црквата, со надоаѓањето на Духот предложените дарови се осветуваат. Со Неговата благодатна сила тие се исклучуваат од гнилежните кругови на природниот живот. Чесните Дарови се примаат на наднебесниот Божји Жртвеник и стануваат вистинско Тело и Крв Христови. Преку тоа тие се усвојуваат (влегуваат) во единството Ипостаси на Бог Логосот. Тоа е Самиот Христос – Кого го познаваме во две неслеани природи“…

„На почетокот, Он рекол: „нека израсне од земјата зеленило и трева“[1], објанува Дамаскин, „и ете до сега таа, откако ќе биде наросена од росата, произведува свои растенија, побудена и укрепена со божествената заповед. Така и овде Бог рекол: „Ова е Телото мое и ова е Крвта моја, и ова правете го за Мој спомен, и по Неговата сесилна заповед така и бидува, додека не дојде Он… И преку повикување (епиклеза) се јавува дожд заради тоа ново земјоделство – осненувачката сила на Светиот Дух“.

Тоа „ново земјоделство“, според смелиот Дамаскинов израз, е една космичка тајна, осветување на природата – преображение и препочеток на онаа голема обнова што доаѓа, кога Бог ќе биде сѐ во сѐ. Тоа е почеток на новото небо и на новата земја. Во Светата евхаристија земјата веќе овде станува небо: „Зашто сега на земјата може да се види Телото на Царот на Небесата“, забележува Златоуст. Меѓутоа, тоа не е самодоволно физичко, природно чудо, не е само преображение (преизменување) на тварноста. Зашто евхаристиското чудо се извршува заради човекот и се извршува преку човечката природа на Воплотеното Слово (Логосот). Евхаристијата е „лек на бесмртноста“, според изразот на светиот Игнатиј Антиохиски – „лек на животот, лек на нераспадливоста“. Тоа е негнилежна и бесмртна човекова храна. Евхаристијата се извршува заради опит. И тоа е, пред сѐ, Трпеза. И примајќи ги телесно евхаристиските Дарови, ние најдлабоко се соединуваме со Христос, со Христос – Богочовекот. Зашто плотта Господова, одуховена и жива преку единството на Ипостосот на Воплотениот Логос,  веќе е обожена, зашто „Телото на Бога е над сѐ што постои“, според Златоуст. По силата на неизменливото и неразделното единство на двете природи во Лицето на Богочовекот, преку евхаристијата, преку „преизменувањето на телото и на крвта“, како што се изразува Дамаскин, „ние стануваме причесници на Исусовото Божество“. И за телесно – духовното суштество, каков што е создаден човекот, нема друг пат и начин за соединување со Бога – како што открил Самиот Господ (Јован 6, 53).

Создавајќи ја Својата Црква, во таинственото испреварување на Своите спасоносни страдања, Господ на Тајната Вечера ја востановува најсветата Тајна на Новиот завет, и им открива на учениците дека тоа е Тајната на единството и на љубовта. За љубовта ги учи и ги воспитува Спасителот Своите апостоли таа ноќ. И зборува за љубовта како за соединувачка сила. Он за Себе зборува како за нов и втор Адам – како нов Адам, Господ е пат за луѓето, кои во Него и преку Него Му приоѓаат на Отецот. И таинствениот Дом на Отецот, во кој живеат мнозина, тоа е Самиот Господ, во чие Тело, Црквата, оние што веруваат во Него со благодатната сила на љубовта се соединуваат во таинствената сотелесност со Него и помеѓу себе. И се соединуваат преку тајната на Телото и Крвта – според самите Негови зборови: „Кој јаде од Моето тело и пие од Мојата крв, ќе биде во Мене и Јас во него“ (Јован 6, 56). Апостолското учење за Црквата како Тело Христово, пред сѐ го предава литургиското искуство, и ја изразува евхаристиската реалност. Бидејќи Лебот е само еден, едно Тело сме ние многуте, зашто сите сме причесници од еден Леб“ (1 Кор. 10, 17). Златоуст објаснува: „Ние сме самото тоа Тело. Бидејќи што е Лебот? Тело Христово… Не многу тела, туку едно Тело…“.

Во светата евхаристија верниците стануваат Тело Христово. И затоа евхаристијата е Тајна на Црквата, „Тајна на собирот“, „Тајна на општењето“. Евхаристиското општење не е само духовно или морално единство, не е само единство на доживувањето, волјата и чувствата. Тоа е реално и онтолошко единство, остварување (осуштествување) на еден органски живот во Христос. Самиот образ (лик, икона) на Телото укажува на непрекинатоста на животот. На верниците, според силата и мерата на нивното соединување со Христос, им се открива единствен богочовечки живот во општење на Тајната, во единство на живототворниот Дух. Древните Отци не се двоумеле да зборуваат за „природното“ и „физичко“ општење; реалистички ја објасниле евангелиската икона на Лозата. Свети Кирил Ерусалимски причесниците на евхаристиската Чаша ги нарекува „сотелесни и еднокрвни на Христос“. „Во своето единствено Тело“, вели свети Кирил Ерусалимски, „Христос, со посредство на таинствениот благослов, ги прави верниците Свои сотелесници и сотелесници едни на други, за и ние самите да влегуваме и да се мешаме во единство со Бога и меѓу себе, иако секој од нас со телото и со душата се одделува во посебна личност…“. „Заради тоа Он се помешал со нас и Своето Тело го растворил во нас“, вели Златоуст, „за да составиме нешто единствено, како што е телото, кое се соединува со главата. И тоа е знак на најсилната љубов. Јас сакав да станам ваш брат. Заради тоа зедов дел во телото и во крвта. И тие тело и крв, со кои станав сокрвен со вас, повторно ви ги давам“. Во евхаристијата се руши  (се симнува, се укинува) човечката непробојност и исклучивост. Верниците стануваат „делови“ во Христос и преку тоа – делови едни на други. Се раѓа ново, соборно човештво – род христијански… Сѐ е – еден Христос, како едно тело од многу делови“, вели преп. Симеон.

Евхаристијата е соборна тајна, тајна на мирот и на љубовта, и затоа е тајна на единството. Mysterium pacis et unitatis nostrae, според изразот на блажениот Августин. Тоа е Вечера на љубовта. Како што навистина Тајната Вечера била Вечера на љубовта кога Господ им го открил и им го покажал на учениците „најдобриот пат“, совршен во љубовта – по ликот на Неговата љубов: „Како што Ја ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг“ (Јован 13, 34). И повеќе од тоа – по ликот на Троичната љубов: „Како што Ме возљуби Отецот, и Јас ве возљубив вас. Останете во Мојата љубов!“ (Јован 15, 9). Заповедта за љубовта Господ ја води кон тајната за Троичното единство – зашто таа тајна е љубов: „И тоа име на Бога му е поугодно од кое било друго име“, забележува свети Григориј Богослов. Заклучувајќи ја Својата проштална беседа со првосвештеничка молитва, Спасителот се моли за соединување и единство на верниците во Него: „за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно… Јас сум во нив и тие се во Мене, за да бидат во сѐ едно…“ (Јован 17, 21-23). За нас, разделените и одделени, тоа соединување по ликот на Троица, едносуштна и неразделива, е можно само во Христос, во Неговата љубов, во единството на Неговото Тело, во заедницата на Неговата Чаша. Во единството на соборната Црква таинствено се одразува Троичната едносушност, и по ликот на Троичната едносушност и кружењето на Божествениот живот во мноштвото верници се одразува една душа и едно срце[2]. Тоа свое единство и соборност Црквата го препознава и го остварува (осуштествува) пред сѐ во евхаристиското таjнодејство.

Може да се каже дека Црквата е икона на Пресветата Троица, лик во тварта – затоа и откривањето на Троичноста е поврзано со основањето на Црквата. И евхаристиското општење е исполнување и врв на црковното единство.

 

[1] Види книга Битие (1 Мојсеева – Битие/Постанок).

[2] Спореди: Дела ап. 4, 32.