ПОСЛЕДЕН ПОЗДРАВ ЗА НАШИОТ МИТРОПОЛИТ ТИМОТЕЈ

Долго време се мислевме со какви зборови да го почнеме овој последен текст и достојно да го испратиме нашиот духовен отец и Владика, Митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, кој цели 43 години ја раководеше оваа благословена епархија и нашиот духовен македонски центар, балканскиот Ерусалим, градот Охрид. Што ќе биде достојно да се каже за овој наш незаборавен духовен лидер, молител, проповедник, застапник, татко, другар, справедлив раководител и верен исполнител на словото Божјо? Тешко е да се мисли и да се зборува кога умот го надвјасуваат темни облаци. Но, сепак, не смееме ниту да плачеме и ридаме како оние кои немаат надеж, зашто Христос воскресна, и стана првина за умрените, и упокоените во Исуса Бог ќе ги приведе со Него (1. Сол. 4, 13-17).

Колку, пак, зборови се потребни да се искаже едно долгогодишно четириесетлетно неуморно неимарство, и духовно и материјално? Малку се овие страници да ја искажат заслугата за сето она што оваа Епархија го доживеа во овие години, за нејзиниот процут и воскреснување, повторно, и духовно и материјално. Зборовите се малку, но делата никогаш нема да умрат. Господ е сведок, а и сите ние кои сме тука сме сведоци на сите изградени храмови, манастири, конаци, камбанарии, црковни дворови, административни згради и не знам уште на колку многу градби. Но, сведоци сме и на делата на неговата архипастирска рака, на речиси сите моментално активни свештеници, на многубројното монаштво, на многуте ученици и студенти за кои безрезервно не штедеше да ги помогне и да ги окуражи да се надградуваат во својата ука, а со цел, сите заедно да бидеме од полза на нашата света Македонска црква. Зарем има таков што ќе рече дека не е така? И ако рече, тогаш Света Софија и Канео,  Плаошник и Свети НаумПречиста и БигорскиРајчица и Кнежино, уште илјадници сведоци, живи и неживи, ќе станат и ќе го побијат. Но, и не само тие. Тогаш и нашите светии, светите Климент и Наум Охридските Чудотворци, и светиот Николај Мирликиски, кој беше негов куќен заштитник, и светиот Еразмо Охридски, и св. ап. Тимотеј, чие име достојно и верно го носеше, ќе се јават од небесата и ќе посведочат за него. Можеби сето ова изгледа и хиперболично, но да не заборавиме дека Господ е Семоќен и за Него сѐ е можно, и онаму каде што Он сака таму и законите на природата се менуваат.

Не сакаме да навлегуваме во биографските податоци за нашиот непрежален Владика, но не можеме да избегнеме да кажеме само уште неколку збора за неговата мудрост и миротворност,  а особено за неговата исклучителна способност за дипломатија. Мудро и беспоштедно се бореше со кого и да е, само ако се работеше за вистината. Не се плашеше од никого, и на никого не премолчуваше. Можеби некогаш изгледаше и премногу строг, но ретко кое срце има таква љубов и топлина. И, се разбира, на крајот, не можеме а да не си споменеме за неговото последно огромно дело, а коешто беше уште тогаш признаено од највисоките црковни достоинственици, поточно за неговата улога во помирувањето на Македонската православна црква и Српската православна црква, и добивањето на Томосот за автокефалност.

И, повторно, малку се овие недостојни зборови за таков човек, кој од срце ја сакаше својата Црква и Татковината. Ете таков човек нашиот Спасител, Господ Исус Христос, на 25 ноември 2024 година, на денот кога го прославуваме споменот на св. Јован Милостив, на преп. Нил Синајски и на св. пророк Ахиј, повика при Себе. Еден од нашите отци веднаш ми забележа: „Отче, знаеш кој ден е денеска според стариот стил? Денеска е свети Климент“. Можеме слободно да кажеме дека и свети Климент сакал токму тогаш да го повика. Го повика блиску до себе, горе на небесата, а и ние долу на земјата, го положивме блиску до него, да се изразиме охридски: в комшии.

Митрополитот Тимотеј се упокои во Господа во Скопје, а неговото тело беше донесено истиот ден во вечерните часови. По повод неговото упокојување, на 26 ноември, во ман. „Св. Климент и Пантелејмон“ на Плаошник во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто началствуваше Неговото Преосвештенство Епископот Антаниски г. Партениј, во сослужение на архимандритите Нектариј, Макариј и Кирил, протоереј-ставрофорите Никола Христоски и Димче Ѓорѓиески, свештеникот Роберт Илијевски, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски и ероѓаконот Порфириј. Телото на Митрополитот беше изложено насреде храмот, каде што беше отслужена и трисагија за покој на душата, а неизброен верен народ поминуваше да се прости од него и да земе последен благослов.

Утредента, на 27 ноември, во истиот манастир, повторно беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Брегалнички г. Иларион, во сослужение на протоереј-сатврофорите Сашо Богданоски, Кирил Јованоски и Александар Димоски, протоерејот Горан Ставрески, свештеникот Александар Матески, еромонахот Никодим и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. По завршувањето на Литургијата и трисагијата, Митрополитот Иларион се обрати со пригодно слово, во кое се прости од својот и нашиот дедо Тимотеј.

Во текот на денот повторно поминуваше верниот народ кај својот довчерашен духовен отец, а дојде и Неговото Високопреосвештенство Митрополитот на Корча г. Јован, од Албанската православна црква, кој отслужи Трисагија покрај телото на блаженоупокоениот Митрополит и се прости од него.

Според одлуката на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, опелото за Митрополитот Тимотеј беше закажано на 28 ноември, на првиот ден од Божикниот пост, во катедралниот храм „Св. Софија“ во Охрид. Најпрво беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Блаженство Митрополитот Скопски и Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима г.г. Стефан, во сослужение на Митрополитите Петар, Агатангел, Јован, Пимен, Иларион, Јосиф и Григориј, Епископите Јоаким и Марко, како и многубројно свештенство од целата црква. Наши драги гости и сослужители беа и Митрополитот Врањски г. Пахомиј и Епископот Хвостански г. Алексеј од Српската православна црква, како и Митрополитот на Стара Загора г. Кипријан од Бугарската православна црква. По завршувањето на Литургијата, беше отслужено Опелото, а во име на Синодот, на свештенството и монаштвото, како и во името на сиот верен народ, Архиепископот Стефан се прости од Митрополитот Тимотеј со прекрасно слово, слово искажано од устата на еден негов долгогодишен другар, колега и сотрудник на нивата црковна. Истото подолу ви го пренесуваме во целост. По завршувањето на опелото, Митрополитот Тимотеј, со свечена поворка составена од свештенството, беше пренесен до неговото вечно почивалиште, во Светиклиментовиот манастир, од каде сега продолжува неговата мисија, да се моли за нас и да не дозволи да отстапиме од неговиот пат, пат којшто беше Христов и спасоносен. А сигурни сме дека ќе се застапува за нас и на небесата, зашто и самиот дедо Тимотеј ги знаеше и често ги повторуваше зборовите на Митрополитот Хризостом (Војиновиќ): Запамети, мртвите се посилни од живите.

Ете, Владико, Ве испративме кај Небесниот Отец. Ве испративме онаму за каде што се подготвувавте сиот живот. Ве испративме при светите Климент и Наум Охридските чудотворци. Со нив заедно не престанувајте и сега да бидете со нас, зашто ние живите сме слаби и малодушни. Молете се за нас, водете нѐ на вистинскиот пат, та некако и ние да се удостоиме еден ден повторно да се видиме и заедно да Го прославуваме Бога во вечноста. Ќе ми дозволите за последен пат да кажам дека зборовите од Егзапостиларот на Вашето опело беа Ваши зборови: Сега се упокоив, и најдов голем одмор, зашто се претставив од распадливоста, и се преселив во животот, Господи, слава Ти.