ЛИТУРГИЈА НА ПРЕДХОДНО ОСВЕТЕНИ ДАРОВИ – ОТЕЦ ГАВРИЛ ГАЛЕВ

Литургијата од една страна e реална животна средина, а од друга страна, извор од кој ние се храниме со непропадлива храна. И заради тоа нас ни е потребно да живееме во таа атмосфера и да се храниме со таа храна. Затоа и Господ пред да биде распнат, пред да умре на Крстот, да воскресне и да се вознесе, ни ја покажа и ни ја даде таа вистинската храна – Телото и Крвта Негова. Пред да се вознесе на небесата Тој им вети на своите апостоли дека ќе им го испрати Утешителот, Духот на Вистината, и Тој тоа го исполни на Педесетница со што и ја оформи Црквата, и затоа Црквата е нашето вистинско место во кое живееме, а Светата Причест е нашата вистинска храна и пиење со кои се храниме и надвор од, и без тоа, нема  живот.

 

Литургијата е радосно собитие. Кога Го прашале Господ Христос зошто апостолите не постат, Тој им одговорил дека, додека е Младоженецот со нив тие не треба да постат, туку да се радуваат бидејќи Младоженецот е со нив. Иде таговно време, одговорил, и тоа таговно време е сегашното време, а посебно деновите на строг пост. Во тие денови светите отци определиле дека не треба да се служи света Литургија преку неделата. Затоа за време на Велигденските пости не се служи Литургија од Понеделник до Петок.

Светата Причест, како што рековме е нашето вистинско јадење и пиење од кои примаме живот вечен, и затоа требало да се најде начин верните да можат да се причестуваат и за време на тие таговни денови.

Во првите векови кога христијаните биле гонети, Литургијата се служела во Недела и на сите верни свештеникот, поточно Епископот, им давал причест од масата (тогаш немало олтар, се било откриено) и си го носеле дома и се причестувале секој ден. Кога се дозволила слобода за христијанската вероисповест, немало повеќе потреба да се зема дома, зашто секој ден можело да се служи Литургија. Подоцна само монасите кои живееле во пустина, а не мирјаните, се причестувале со причест која ја земале со себе, а пред да се причестат кажувале молитви.

Кога се официјализирала Христијанската вера, кога таа била универзално објавена во Византија како државна религија со слобода на вероисповед, тогаш и Богослужбите добиваат раскош и  великолепие, но светите отци, покрај се, сакале да ги задржат двете правила – да не се служи Литургија поради жалењето, но и да се причестат. Затоа светите отци од источната Црква го вовеле овој начин на причест, кој во суштина е вечерна служба со Причестување и заради причестниот карактер го добила и името “Литургија на предходно осветени дарови”.

Се мисли дека св. Григориј Двоеслов папа Римски го измислил овој начин на служење, но не е така –  тој само го актуализирал и прославил (фаворизирал). Кога дошол во Византија (Источното Римско царство) видел дека таму така служат и му се допаднало, па кога се вратил во Рим го вовел тој начин на молитва, затоа што до тоа време во Рим сеуште за Велигденските пости се служeла свечена Литургија. Заради тоа на предходната Литургија, во Недела, се вадат и се осветуваат толку агнеци, колку што сакаме да имаме такви Лигургији преку текот на седмицата и заради таквиот начин на осветување на агнецот тие Литургии го добиле називот “Литургија на предходно осветените дарови”. Кога се служи Литургијата на предходно осветени дарови, не кажуваме никакви молитви за осветување, туку само молитвите за Причест, зашто се е направено во Неделната Воскресна Литургија, која заради нагласениот аскетизам за време на постите, светите Отци предвиделе да се служи Василиевата Литургија како пообемна.

Литургијата на предходно осветените дарови се смета како продолжена Литургија на предходната, затоа и почнува со Благословено е царството…, но нема призив на Свeтиoт Дух како вообичаено. Кога свештеникот пред вообичаената Литугија се облекува, тој кажува молитви, но сега, тука ги нема. Кога се завршува чинот се вели:  По молитвите на свeтитe отци наши. Во триодот пишува дека среда и петок се служи Литургија, но тоа не е апсолутно правило кое забранува да се служи Литургија секој ден, затоа штo типикот вели… „и ако падне во некој од тие денови спомен на некој светител“, што значи дека е возможно да се служи и во другите денови освен Среда и Петок. Само на Благовештение, во кој ден и да се падне, може да се служи свечена Литургија.

Свeтитe отци определиле пост евхаристиски – на нејадење, односно подготовка пред причеста, и аскетски пост – кој го практикуваме секогаш за да бидеме поблиску до Бога и да се чистиме од страстите, а доминацијата на телото да ја намалиме во однос на духот. За евхаристискиот пост нема канон за колку да се гладува пред причест, туку има само правила кои ги дале локалните Цркви, и тоа од 5 до 8 часа гладување, па затоа духовниот отец, односно Епископoт, го одредува правилото, а најпрактично би било да се извлече некоја средина. Додека пак од аскетскиот никој неможе и не треба да не лиши.

Самото причестување навечер има поубава суштина – нашиот животен стремеж и копнеж го полагаме кон богосоединувањето, кој е и нашиот позив за кој и сме создадени. Се стремиме на крајот од денот, како на крајот од животот, да се соединиме со Бога. Цел ден сме постеле и воздржувале за на крајот на денот подготвени да се причестиме со Телото и Крвта Христови.

Во денешно време, често е застапена праксата оваа Литургија да се служи во утринските часови откако ќе се прочитат сите можни Богослужби до самата вечерна кога и би требало да почне Литургијата.

Според моето мислење, оваа пракса е воведена заради слабостите и урбаниот карактер на денешното време и општество во коешто живееме, а со цел да можат верниците повторно да се причестуваат, кои пак за жал не го користат ова нивно право. Како и да е, важно е да се стремиме кон богосоединување, но исто така убаво е кога го почнуваме денот и со причест, со Христос.

Литургијата почнува како секоја вечерна Богослужба, но овој пат, со возгласот Благословено е царството… што покажува, како што предходно нагласивме, дека ја продолжуваме таа Литургија од Неделата. Во почеток се е исто како на секоја празнична вечерна Богослужба, се чита 103 псалм, кој е псалм во спомен на изгонувањето на Адам од рајот, затоа свештеникот ги чита молитвите надвор од олтар пред Царските двери. Се кажува катизма од псламите кога свештеникот ги подготвува даровите на трпезата каде го носи и дискосот, се става Агнецот, се кади, се носи на проскомидијата, се полива вино и вода во путирот, се кади и се е без молитви за осветување. Потоа ја пееме „Господи Повикав“ и почнува пеењето на стихирите на денот и светителот и вход со кадилница, а кога е предвидено да се чита Евангелие, тогаш се прави вход со Евангелието.

Потоа се читаат паримиите – дел од Стариот Завет од Првата книга битие, мудростите Соломонови или од книгата за Јов. Тогаш свештеникот зема свеќник и го става врз Евангелието со што се покажува дека она што пророците од Стариот Завет го навестувале, во Новиот Завет се исполнило. Затоа свештеникот потоа вели Простум, да застанеме како некогаш архангел Михаил кога застанал пред ѓаволот и неговата војска и извикал „Премудрост“ со цел да ги собере сите ангели кои му останале верни на Бог, и ние извикуваме „Да внимаваме“, но со подготвеност дека тоа што ќе се прочита треба да го просветли нашиот живот и да го исполниме. Светлината Христова ги просветлува сите – и се клекнува. И почнува да се пее „Да се исправи молитвата моја…“

Нешто ново што се среќава на ова Богослужба се пеењето на стиховите Да се исправи молитвата моја со читање на одредени стихови од псалмите. Свештеникот чита стихови, па потоа народот пее да се исправи. Ова се прави од две певници и додека едните пеат другите прават метанија, и обратно. Тоа е убавина на православното богослужение. И ако не може подруго, тогаш главата благо се наведнува од почит. Сите клекнуваат на крајот, па сите стануваат. Потоа се кажува молитвата на огласените. Oваa молитвa останала од времето кога околу Велигден масовно се крштевале за да можат на Велигден и новокрстените да се причестат. Молитвите пак, за подготовка за причест и благодарствените молитви после причест на оваа  Богослужба не се исти како каj Златоустовата Литургија.

Кога треба да се објави “светињата е за светиите”, сега нагласуваме: “претходно осветените светињи се за светиите” и не го подигаме повторно Агнецот туку затскриен со покривките од дискосот го допираме со прстот посочувајќи за која светиња се работи, а верниот народ благо ги приклонуваат своите глави покажувајќи знак на благоговение (побожност). Во Недела, кога се благословуваат не велиме благослови ги овие лебови во множина, туку само „овој леб“ во еднина, кој всушност е само еден, зашто само еден е Христос Кој „се раздробува и не се разделува, секогаш јаден и никогаш недојаден“, а тоа е Лебот кој им го дал лично Господ Исус Христос на апостолите на Тајната вечера, и Он е Тој Кој Го дава на нас или поточно Самиот Себе се раздава. Тоа се случува таинствено, a ние необјасниво но реално, учествуваме на истата Литургија со Исус Христос и апостолите.

За време на херувимската песна, даровите се принесуваат на Господ, и тоа не е симболично туку таинствено и реално. Тогаш сите дарови, сета вселена, сета твар се принесува на Господ. Архиерејот кој е икона Божја ги прима и ги принесува овие дарови на Бога и ги полага на престолот Божји, а заедно со нив и сите нас и сета креација Божја. Тие дарови веќе се принесени и осветени на предходната Литургија, и сега јас го држам Господ цел во моите раце и заради мојата недостојност воздухот (покривката) е над мојата глава. Затоа ја нема херувимската песна туку песната: „Сега сите небесни сили со нас невидливо служат; затоа што, ете, влегува Царот на славата, ете тајната жртва е извршена и свечено се принесува.“

И на крајот откако ќе ги испееме сите песни и ги прочитаме молитвите и Оче наш, кои во ова Литургија се како молитви пред причест, на крајот од денот ние го примаме Христа и се причестуваме и затоа ја пееме песната: „Лебот небесен и чашата животна примите ги, вкусете и ќе видите колку е благ Господ; алилуја, алилуја, алилуја.“

По причестувањето се молиме: „Ти благодариме Спасителу и Боже на сите, што си ни ги дал Твоите блага, и си не причестил со светото Тело и Крв на Твојот Христос, и Ти се молиме, човекољубив Владико: запази не под покровот на Твоите крилја, и дај ни до последното наше издихание, достојно да се причестуваме со Твоите светињи, за осветување на душите и телата, и за наследство на небесното царство. Зашто Ти си осветување наше, и Тебе слава Ти вознесуваме, на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во сите векови.“

Многу е убава и задамвоната молитва што свештеникот откако ќе го повика причестениот со Светите Тајни, обожен, верен народ, со мир и просветлен со светлината Божја, повторно да излезе во светот и да ја сведочи таа дарувана светлина од Бога, да го слави и прославува Него.

Свештеникот се моли: „Владико седржителе, Кој сите творби премудро си ги створил и со Твојата неискажлива промисла и голема добрина си не вовел во овие пречесни дни, за очистување на душите и телата, за воздржување на страстите, за надеж за воскресение; Кој по четириесет дни му ги даде богонацртаните таблици на Твојот угодник Мојсеј, подари ни и нам, со добар подвиг да се подвизуваме, текот на постот да го завршиме, верата неразделена да ја зачуваме, уништувајќи ја главата на невидливата змија, да се покажеме победици над гревот и неосудно да можеме да му се поклониме на Твоето Свето Воскресение.“ И потоа тивко во олтарот пред Даровите кои сега се предложени на проскомидијата, ја завршува молитвата велејки: „Господи Боже наш, воведувајќи не во овие пречесни денови и присоединувајќи не со Твоите страшни тајни, собери не нас, Твоето словесно стадо и покажи не’ наследници на Твоето Царство, постојано сега секогаш и во сите векови. Амин.“

Литургијата на претходно осветените дарови е утврдена да се служи само за да можат верните да се причестат во неа, а денес пак, за жал никој не се причестува. Малкумина се тие што ја служат оваа Литургија, уште помалку се тие што доаѓат на неа, а пак скоро и да ги нема оние што се причестуваат. Каде е нашата вера, нашата ревност, нашата љубов…? За да се причестиме треба да имаме претходна подготовка, но ние денес неа ја немаме. Ние не правиме ништо за Бога, сме станале бесчувствителни за Бог, но и за нашето спасение.

Време на пости е. Да се покаеме и да принесиме искрени покајни солзи пред престолот на Бога за да си ги измиеме нашите срца од страстите и да можеме достојно да се причестиме и учествуваме во славното и спасително Христово Воскресение. Амин.

 

Отец Гаврил Галев

игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,

Кинглејк, Мелбурн, Австралија

18 / 03 / 2016