Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,
Првата сабота од Велигденскиот пост, нашата света Црква ја нарекува Тодорова сабота. Ова име го добила според еден немил настан што се случил во почетокот на IV век, за време на императорот Јулијан Отпадник. Како што знаеме, овој византиски император сакал христијанството да го истреби и повторно да го воведе многубоштвото,и покрај силниот отпор од христијаните. Знаејќи дека христијаните за време на Велигденскиот пост строго постат и се причестуваат, наредил на сите пазари секој производ што се продавал да биде испрскан со крв од идолски жртви и со тоа да ги обесвети христијаните. Но, семилостивиот Бог се смилувал врз христијаните и го испратил маченикот Теодор Тирон да му се јави на цариградскиот патријарх и да му каже за оваа злобна намера на Јулијан Отпадник, а цариградскиот патријарх да ги извести христијаните да не одат на пазар и да не купуваат ништо, бидејќи сѐ што се продава е попрскано со крв од идолски жртви. А оние кои немаат доволно храна од претходно да бараат коливо со мед и така да се запазат од осквернувањето што го посакувал Јулијан Отпадник. Токму во чест на овој настан е востановен овој празник и се нарекува Тодорова сабота.
Ние, пак, во денешното свето Евангелие слушнавме како Господ Исус Христос заедно со Своите ученици оди низ некое поле, а Неговите ученици кршат класје и јадат. Ова се случувало во саботен ден. Фарисеите, пак, кои го гледале сето тоа, Го укорувале и прекорувале Господа Исуса Христа, затоа што Тој и Неговите ученици не го почитуваат еврејскиот закон туку кршат класје и јадат во сабота. Но, Господ Христос настапува на нивен (фарисејски) терен, а тие се сметале за големи познавачи на еврејскиот закон, па затоа и Христос им вели: Зар никогаш не сте читале што направи Давид, кога имаше потреба и огладне тој и оние кои беа со него? Како влезе во храмот Божји… ги изеде лебовите на предложението, што не требаше да ги јаде никој друг освен свештениците, па им даде и на оние, кои беа со него! (Мр. 22, 25-26).
Господ покажува дека саботата е направена заради човекот, а не човекот заради саботата. Човекот бил направен пред да биде даден законот за почитување на саботата. Господ напомнува за самата суштина на нашата вера и за опасностите што ја запоставуваат самата суштина. Верата не се заклучува единствено во зачувувања на правила и прописи. Кога луѓето забораваат за љубовта, за простувањето, за милосрдието и за служењето, за тоа што е должно да прави нашето срце според верата и да ги исполнува сите духовни потреби, тогаш се губи секоја смисла. Луѓето за кои Господ е дојден и примил смрт имаат поголемо значење од сите закони и прописи. Никогаш саботата не била столб на светоста. Последниот збор од судењето на сите наши постапки и на сиот наш живот припаѓа на Христовата љубов, а не на законот.
Не е доволно само да одиме во храмот Божји, да ги држиме постите, да го читаме Светото писмо, да се молиме и да учествуваме во Тајните на Црквата. Правејќи го сето ова ние правиме добар труд, но само Христос може да даде обновување на духот, без кое ние не можеме да општиме со живиот Бог. Христијанската вера – тоа е служење. Тоа е љубов кон Бога и кон луѓето. Главното во неа не е слепата верност кон пишаните прописи туку суштината поради која тие правила постојат. А тоа е верноста кон Христа, Кој наместо скаменето срце ни дава срце меко, живо, способно, секогаш подготвено за секоја човечка потреба. Само тогаш нашите пости, нашите воздржувања и нашата христијанска ревност христијанска ќе има полна смисла и оправданост.
Па и ние денеска, кои сме дојдени во овој свет манастир за да се соединиме со Христа преку светата Причест, да отфрлиме од нашите срца и души сѐ што е гревовно и ниско, и да го замениме со возвишено и благородно, да правиме добри дела, и така да измолиме милост од Бога, за спасение на нашите души, сега и во сета вечност. Амин.
Тодорова Сабота
Манастир „Св. Климент и Пантелејмон“ – Плаошник, Охрид
23.03.2024 г.