БЕСЕДА ВО НЕДЕЛАТА НА СВЕТИ ЈОВАН ЛЕСТВИЧНИК – ОТЕЦ ГАВРИЛ (ГАЛЕВ)

Бог се што створил, створил добро и за вечно постоење. Меѓутоа, како што гледаме, не изгледа се така добро. А зошто не е така? Затоа што ние ја прекршивме Божјата заповед на пост и молитва, односно се одделивме од заедницата со Бог која што единствено прави сѐ да е добро, и која што единствено сѐ приведува во хармонија.

Надвор од (заедницата со) Бог е хаосот, надвор од Бога е гревот и смртта. И затоа целиот наш подвиг, откако сета оваа трагедија ни се случи, е да се вратиме повторно на нашето првобитие, да се вратиме на она за кое што Господ нас не створил и за кое што Богочовекот Исус Христос се воплоти и ни го покажа патот. Тоа се постигнува само преку смирено покајание, преку добродетелен живот, преку живот во вера, преку вера во се што Господ рекол, како и послушание и практикување на сѐ што Црквата ни заповедала како правило, меѓу кои ce постот и молитвата.

Како што гледате никој не можел да го излечи ова момче главно заради две причини. Прво, заради нивната слаба и неправилна вера, односно сите тие имале неправилен однос и заедница со Бог.

Тоа значи дека нивниот живот не бил согласен со Божјите заповеди и со животот на Христос. И второ, затоа што немале постојана молитва и пост.

Затоа светата Црква, и св Јован Лествичник во неговата „Лествица“,кому што оваа четврта недела од Великиот Пост е посветена, особено во овој период на преумување, не учат да се вратиме кон Бог и да ја зајакнеме нашата вера. Тоа ни е насушно потребно, особено сега, во овој материјалистички, капиталистички свет, во кој што сѐ се прави само да ни ја оттргне, да ја извади верата од нашите души, од нашите срца и сѐ ни заменува, и сѐ ни нуди како нeштo посигурно од верата во Христа и секако постот и молитвата.

Постот не е само воздржување од јадење и пиење, меѓутоа пост значи и воздржување од секакви лоши дела, од секакво лошо гледање, од секакво лошо слушање, од секакво лошо зборување. Да, и слушање на лоши работи, воздржување од секаквo озборување, клеветење, следење и интересирање за некои зли работи што се случуваат во светот. Од сето тоа самите себе треба да се лишиме. Самите себе треба да помислиме за себе, за нашите души и да не влегуваме во такви ситуации. Таму каде што се озборува најдобро е да не учествуваме. Таму каде што се клевети, исто така. Ако можеме да исправиме нешто на подобро тогаш е добро да се потрудиме во тоа, но ако злото преовладува, да бегаме. ТВ приемниците и социјалните мрежи да ги користиме само за добро и само за она што ни е полезно за нашите души. Да не дозволиме тие да ни го окупираат и контролираат нашиот животот.

Молитвата. Молитвата е можеби најважна од се. Од молитвата се раѓа секое добро.Молитвата е заедницата со Бог, ако не се молиме ние не сме во заедница со Бога, тоа значи сме во заедница со некој друг, а тој друг е демонот, тој е оној кој што не мрази и ни ги подготвува сите непријатности. Затоа и настануваат сите зла, затоа настануваат нашите лични проблеми и падови и затоа настануваат и општите злослучувања и страдања во светот, бидејки ја напуштивме молитвата. Кога луѓето ќе престанат да се молат, тогаш демонот си зевзема простор во нас. Молејќи се, особено со Исусовата молитва: „Господи Исусе Христе помилуј ме грешниот“, ние го славиме Исус Христос како наш Господ и Бог, како Месија, како Спасител, а потоа се исповедаме како грешници и молиме за наша прошка, а со тоа се населуваме во Неговата благодат и таа не штити.

Ако од срце ги почувствуваме овие зборови, тогаш верувајте, нашиот живот ќе се преобрази, ќе стане свет, и се друго ќе ни биде хармонично, дури и проблемите ќе бидат играчка со која што ние ќе победуваме и напредуваме од благодат во благодат.

Затоа Богочовекот Исус Христос потенцира дека треба да имаме смирение и да ја зајакнеме нашата вера, и овој род, демонскиот, со ништо не може да се истера освен, со пост и молитва.

 

Отец Гаврил Галев

игумен на манастирот „Свети Климент Охридски“,

Кинглејк, Мелбурн, Австралија

03 / 04 / 2022