Злото е состојба на крајна опаднатост од Бог, од светлината и од љубовта.
Тешко на тие што допуштиле на злото да им стане “природа”, горди, крајно помрачени, ладни, љубоморни, завидливи, злопамтиви…
Како горди и самодоволни тие се научени секогаш да се гледаат само себе се и се чуствуваат несигурни и загрозени кога ќе се појави друго лице. Најпрво ќе пробаат да го потценат, покорат и потчинат и ако не им успее тогаш ќе сакаат да го уништат клеветејки го и измислувајки невистини како причина. Кај нив нема простор за помирување и чусвтво на сожалување и за нив важи правилото:” целта ги оправдува средствата”. Се повикуваат на некои правила и закони а притоа уништуваат конкретни личности.
И во злобата има свои степени и категории.
Злото кое доаѓа преку заробеноста на чуствениот дел на душата, се случува во срцето всушност е немоќ и тоа не оди до крај. Умот кој е словесениот дел и ја води душата е до некаде слободен и со молитва и воздржание (ограничување) може да ја преобрази таа енергија од гнев и да ја претвори во љубов.
Но злото кое доаѓа преку умствениот дел на душата,
е многу полошо. Во овој случај е заробен словесниот, движечкиот дел на душата и тие мразат свесно и свесно смислуваат зло. Чувството кај нив е згаснато затоа што тие мораат да си ја задоволат својата страст, а тоа е да не се потчинат и да си ја докажат својата “правичност”, поточно суета, воображеност и самодоволност. Тоа го прават свесно со намера а тоа е веќе и хула на Светиот Дух. Такви се демоните (паднатите умови) и таквите стануваат подобни (слични) на нив па ослободувањето од овој вид на зло е скоро невозможно.
За таквите останува само да заплачеме и да се чуваме од нив.
Колку сме заробени од зло зависи од околностите и колку сме дозволиле на демонот да зазеде простор во нас.
Создадени според образот Божји, никој не е злобен сам по себе. Единство демоните се злобни по природа, а ние стануваме злобни по допуштение. Сепак одговорноста е наша, затоа што ние самите сме отпаднале од добро во зло и сме допутиле тоа да завладее со нас. Како слободни личности сами одлучуваме за нашиот избор.
Да помислиме на нашиот краток и непредвидлив живот овде на земјата и да се бориме со злото да не допуштиме тоа да завладее со нас. За злобните нема место во царството Божјо, зашто Неговото Царство е љубовна заедница. Господ нас не создал за вечна радост и вечен живот во заедница со Него и небесната Црква. Амин!