Кога царот Декиј еднаш војуваше против варварите, во неговата војска имаше еден војвода над ерменскиот полк наречен Мартензес. Тој војвода се викаше Меркуриј. Во борбата на Меркуриј му се јави ангел Божји, му даде меч во рацете и му рече дека тој ќе ги победи непријателите. И навистина, Меркуриј покажа чудо од храброст косејќи ги непријателите како трева. По оваа славна победа царот Декиј го произведе за прв војвода во својата војска. Но некои завидливи луѓе го обвинија Меркуриј дека е христијанин, а тој ова пред царот не го скри туку го објави. Беше мачен долго и тешко: од него со ножеви сечеа каиши, го гореа со оган. Но во затворот му се јави ангел Божји и го исцели. Најпосле царот изрече пресуда војводата Меркуриј да се убие со меч во Кападокија. Кога го убија телото му стана бело како снег и од него излегуваше мирис на темјан. Од неговите чудотворни мошти се исцелија многумина болни. Овој прекрасен Христов војник пострада меѓу 251 и 259 година.