Задушница е ден посветен на молитва за покој на душите на нашите починати роднини. Во црквата секогаш се молиме и за живите и за оние кои се упокоиле, оти тие во Бога се секогаш живи, зошто Господ Исус Христос е Бог на живите, и во Него се живи и оние кои се во овој свет и оние кои се веќе во рацете на Бога.
На овој ден посветен на покојните (Задушница), правиме спомен на починатите за сите знаени и незнаени браќа и сестри. Светата православна Црква, движена од науката на Христовата љубов, постојано нѐ поттикнува да се молиме на Господа за душите на покојните, знаејќи дека смртта е само една врата, преку која човечката душа преминува од животот овде на земјата, во животот на идниот век. Богомудрите и божествени отци нѐ поучуваат секојдневно да се молиме за нашите упoкоени ближни, но тие озакониле – неколку денови од годината да бидат целосно посветени на нив за правење помен на починатите. Тоа се т.н. саботи – задушници. Се нарекуваат задушници, затоа што во тие денови верните даваат милостина на сиромашните во име на покојните и се молат за покој на нивните души. Една од тие задушници е токму утрешната сабота, така наречена Велигденска задушница. Пред погледот на Црквата минуваат милијардите и милијарди упокоени отци, браќа и сестри наши, сите оние на кои не им ги знаеме имињата, кои одамна веќе немаат овде меѓу нас пријатели, за да бидат спомнати во нивните молитви. Не заборавајќи никого во овој заеднички, соборен и молитвен помен, Црквата ги спомнува своите од почетокот починати чеда, и богати и сиромашни, и мирјани и монаси, и цареви и слуги – сите оние кои веќе нѐ напуштиле.
Последувајќи го завештанието на светите отци, на утрешниот ден сите соборно ќе се помолиме, за Бог да ги насели Неговите упокоени чеда во небесните дворови. Започнувајќи го утрешниот ден со заупокоена Литургија, правиме панихида, на која сите со свеќи во рацете, ги упатуваме своите молитви кон небесниот Цар за да ги всели душите на починатите во Неговото царство на живите. Сите богослуженија имаат длабока и важна смисла и се одликуваат со своја убавина и значение на нивната содржина. Но Светата Литургија е најсуштинскиот дел од богослужбениот круг; круна на истиот и средиште на целиот верски живот на христијаните.
Меѓу другото, за време на проскомидијата (даропринесувањето) свештеникот вади честички за сите починати кои умреле со вера и надеж за вечен живот, и овие честички потоа се потопуваат во чесната и животворна крв на Јагнето – Христос, при што, на тој начин, гревовите на споменатите се бришат и нивните души се ослободуваат од идните маки. Ова е најголема милост, ова е најголема љубов, која единствено преку верата може да се разбере и прифати.
На крај ќе се помолиме уште еднаш со зборовите на светата Црква: Со светиите упокој ги Христе, душите на Твоите раби, таму каде што нема болка, ни тага, ни воздишка, но живот бесконечен.
(Тропар за упокоените)
Господи, Кој со длабока мудрост човекољубиво управуваш сѐ, и на сите им даваш сѐ што е полезно, единствен Создателу, душите на Твоите слуги упокој ги, зашто сета надеж ја положија на Тебе – Творецот и Создател и наш Бог.
отец Ѓорги Митев,
старешина на храмот „Свети пророк Илија“ во Квинбијан (Нов Јужен Велс)