За новиот човек – Иван Иљин

Современиот свет се движи во пресрет на духовна обнова. За мнозина, сето ова сѐ уште се наоѓа под превез: едни – затоа што не ги одживеале своите стари заблуди продолжувајќи истите да ги сметаат за „последен збор“ на животот и правдата; други пак – затоа што страдањата и лишувањата на нашата епоха се толку силни што од луѓето ги проголтуваат сите нивни сили. Има и такви коишто ја почувствувале неопходноста за духовна обнова, но не гледаат нов, веродостоен пат и не знаат како до го започнат… Но, се приближува тој „ден“ кога духовната обнова ќе започне самата од себе, затоа што старите правци и насоки ќе се покажат целосно исцрпени, разочараноста ќе ги обземе душите и човечката скудност и страдање ќе се станат неподносливи…

Во тој поглед станува исклучително важно да се предвиди какви ќе бидат тие поинакви, нови патишта и што би требало ние да направиме за да исчекориме без сомнеж и колебање. За човекот е недостојно да опстојува во состојба на беспомошност и пасивност предавајќи ѝ се на „судбината“ со бебешка покорност. Човекот мора да ги разбере своите грешки и заблуди, слободно да расудува за нив, а не да се предава на изживеаната психоза којашто му приредила толку многу несреќи. Човекот е повикан да владее со сопствената душа и со нејзините слабости, да се ослободи себеси од состојбата на духовна слепост и творечки да ја пресоздава пред лицето Божјо својата нова судбина.

Трагичните настани од историјата, безредијата и неволјите ни се допуштаат за да се преосмислиме и да се сосредоточиме на она што е суштинско и живототворно, за да се потсетиме на нашата творечка слобода и во самите себе да ја побараме нашата сопствена духовна длабочина, со самото тоа што од неа ќе ја извлечеме нашата обнова – слободно, мажествено и активно.

Пред сѐ, треба да се сосредоточиме и на она што го загубивме. Во текот на последните две столетија, човештвото се обиде да создаде култура без вера, без срце, без созерцание и без совест; и сѐ до сега оваа култура ја материјализира својата бессилност и го живее сопствениот пад.

 

Извадок од:

Пат кон очигледноста