Во денешнината луѓето се стремат максимално да го искористат своето време. Секој се труди да ги прочита новостите што го интересираат објавени накратко во весниците. Големи книги не се читаат. Има писатели чија работа е да ја скратат содржината на поголемите книги за да можат да ги прочитаат повеќе луѓе. Многумина не ја читаат Библијата само затоа што се плашат од нејзината големина. Тие би сакале накратко да ја знаат содржината. И ете, во денешното евангелие Господ Исус Христос го предал духот и содржината на целото Свето писмо само со една изрека: Возљуби Го Господа, својот Бог со сето свое срце и со сета своја душа, и со сиот свој разум; тоа е прва и најголема заповед; а втората е слична на неа: Возљуби го својот ближен како себеси.
Учените книжници и законици кои што Го прашале Христа која е најголемата заповед во законот, биле добри познавачи на Светото писмо. Тие знаеле точно, што и каде е запишано. Читале и пишувале цели томови во кои биле распределени Божјите заповеди посебно. Но во таа дејност тие ја изгубиле основната смисла на законот, ја заборавиле Божјата волја. Кога ќе слушнеме дека Божјата волја се состои во тоа да Го љубиме Бога и својот ближен, ние сме склони да мислиме дека Спасителот не кажал сѐ што треба да знаеме и да извршуваме како христијани. И ние, како старите Јудеи, сакаме да влеземе во Божјото царство на некој полесен начин, по некој поширок пат, а не според начинот и по патот укажан од Спасителот.
Во Стариот завет Бог на Евреите им дал десет заповеди. Исус Христос не ги изменил, а ги искажал само во една заповед: Нова заповед ви давам, да се љубите еден со друг; како Јас што ве возљубив, така и вие да се љубите еден со друг.
И денес, како во времето пред Христа, луѓето постојано говорат за љубов. Секако, треба да разбереме и да почувствуваме за каква љубов станува збор во Евангелието. Св. Јован Богослов многу јасно објаснил што е христијанска љубов. Прво, тој рекол дека Бог е љубов (Јован 13,34). За христијанската љубов тој вели: Во тоа се состои љубовта, што не ние го засакавме Бога, туку Бог нѐ возљуби и Го испрати Својот Син за да ги очисти гревовите наши (1 Јован 4,10). Според тоа, нашата љубов кон Бога треба да биде исто таква каква што е Божјата љубов кон нас. Од љубов кон нас Божјиот Син претрпел крстни маки со смрт; Он го дал Својот живот за да нѐ спаси и да нѐ избави. Што и да направиме, ние не можеме да Му се оддолжиме на Бога за Неговата љубов зашто Он нема потреба од нашиот живот ниту, пак, има потреба од спасение и избавување. Но затоа, пак, Он рекол да ја изјавиме нашата љубов кон Него овде на земјата. Тоа можеме да го направиме, ако ги сакаме своите ближни така како што Бог нас нѐ возљубил. Да бидеме готови сѐ да жртвуваме, дури и својот живот, за доброто на своите ближни!
Таквата љубов ниту е невозможна, ниту е многу ретка меѓу луѓето. Таа е цементот што ги спојува односите меѓу луѓето во семејството и во општеството. Без љубовта на мајката кон децата и без љубовта на децата кон родителите, не би можело да опстане семејството. Околностите дека постојат толку милиони семејства на Земјата, покажуваат дека љубовта меѓу членовите на семејствата е вообичаена и е многу распространета појава. Општествата, исто така, се поткрепуваат врз заемната љубов на лицата кои ги образувале. Навистина, има многу непријателства, расправии и други појави на омраза што покажуваат дека понекогаш пресушува љубовта што треба да ги поврзува луѓето меѓу себе. Но затоа, пак, членовите на Светата Црква, такаречено, сите ние што се нарекуваме христијани, треба да бидеме носители на љубовта во сите дејства на својот живот. Исто така, треба да ги помируваме другите луѓе и да ја проповедаме со зборови и со дела единствената Христова заповед: луѓето да Го сакаат Бога и својот ближен. Животот ни дава многу примери кога луѓе од љубов кон своите браќа биле спремни да се лишат од сѐ што имаат, само да можат да им прават добро на своите ближни. Еве еден таков пример.
Во едно село живееле двајца браќа и двајцата женети. Постариот немал деца, а помалиот имал четири. По смртта на татко им, тие се разделиле, ама нивите си ги обработувале заедно. Еднаш тие, откако ги ожнеале нивите, ги собрале снопјето и си ги разделиле подеднакво.
Се смрачило. Секој си се прибрал дома. Си легнал постариот брат, но не можел да заспие. Тој се замислил: Добро ли ги разделивме снопјето? Брат ми има големо семејство. За децата му е потребна храна. Ќе појдам да пренесам од моите снопје кон неговите. Нека земе тој повеќе, без да знае.
Помалиот брат, откако се разбудил преку ноќта, исто така, почнал да мисли: право ли се разделени снопјето? Најпосле решил: Ние со жената и двајцата сме млади и здрави. Децата растат и ни помагаат; има кој да работи. Брат ми е сам со својата жена и е послаб од мене. Тој треба да земе повеќе снопје. Ќе појдам да му пренесам од моите снопје кон неговите без тој да знае.
И уште истата ноќ го исполнил своето решение. Преку денот гледаат и двата дела се исти.
Се зачудиле браќата, без ништо да си кажат еден на друг. Следната ноќ пак го направиле истото.
Се гледа дека пренесувањето не се случувало истовремено, па не се среќавале. Вториот ден снопјето пак си останале со ист број. Секако, тие така продолжиле неколку ноќи додека не се сретнале. Дури тогаш браќата дознале зошто снопјето останувале исти. Тие се прегрнале и преку целиот свој живот си живееле братски и си помагале еден на друг.
Примерот на овие браќа покажува какви треба да бидат односите на христијаните меѓу нив. Како што постапиле тие родени браќа, така треба да постапуваме и ние кон сите околу нас, зашто сите луѓе се браќа, чеда на единиот наш Отец, на Бога. Христијаните од првите векови, за време на прогоните целосно ја исполнувале Христовата заповед за љубовта. Нивните непријатели, незнабожците, со чудење зборувале: Погледнете, како тие христијани се сакаат меѓу себе, како браќа.
Денес нашето општество се состои од луѓе кои се нарекуваат себе си христијани. Но можеме ли достојно да го носиме тоа име, кога не ја исполнуваме главната, единствената Христова заповед? Ако ги сакаме само своите блиски роднини и само неколку лица кои ни се пријатни, ние не правиме ништо повеќе од она што го прават незнабожците; и тие ги сакаат своите роднини и пријатели. Ако сакаме да бидеме вистински Христови следбеници, треба да ја исполнуваме заповедта што ни ја оставил Спасителот.
Треба да Го сакаме Бога со целото свое битие така како што Он нѐ возљубил. Ако Го сакаме вистински, ние никагаш не ќе смееме да направиме нешто против Неговата волја, или да го натажиме. А својата љубов кон Него можеме да ја докажеме на единствениот начин: да ја пројавиме таа љубов кон своите ближни. Така вели и апостолот на љубовта, светиот евангелист Јован: Ако некој рече: Го сакам Бога, а го мрази својот брат, лажлив е, оти, кој не го сака својот брат, кого го видел, како може да Го сака Бога Кого не Го видел? И таа заповед ја имаме од Него: кој Го сака Бога, да го сака и братот свој (1 Јован 4,20-21). Амин.
протојереј – ставрофор
Ефтим Бетински
[1] Беседа за Петнаесетата недела по Педесетница (Матеј 22, 35 – 46).