Свети Кипријан Слепченски

Синаксар

Во 17от/30от ден од месецот Април спомен празнуваме на светиот свештеномаченик Кипријан, игумен на славната Слепченска обител на чесниот Претеча, кој пострада во оган од нечестивите Агарјани во 1780 г. Во времето кога заради гревовите човечки, Бог допушти Исмаилќаните да завладеат со Балканските земји, една група од нивни арамии ја нападна славната Слепченска обител на чесниот Претеча на Велики четврток во 1780 г. Притоа свирепо го мачеа игуменот Кипријан и го гореа по целото тело, а тој, пак, поткрепен од Христа храбро застана како столб и поткрепа на доверената му обител, одбивајќи да отстапи пред заканите на иноверните. Оставајќи го полумртов, разбојниците зедоа сè што беше вредно во манастирот. Храбриот, пак, Кипријан по тридневното страдање, замина при Христа на денот на Неговото славно тридневно воскресение.

Тропар, глас 3ти: Подобен: На божествената вера…

Велик ревнител за православието, и нов маченик на Христа Бога, се покажа мудар Кипријане, заблудата агарина презирајќи ја, и сите страдања машки ги претрпе. Оче преподобен Христа Бога моли Го, да ни дарува милост голема.

Кондак, глас 8ми: Подобен: Тебе, Богородице…

Со бденија и подвиг добро утврден, од лути мачења, свет оче, не се исплаши, но посака да пострадаш ти за Господа и верните на Мухамед ги посрами и од огнот раце кон Бога подигна, затоа пееме: Радувај се Кипријане преподобен. Величанија Итајќи кон вечните одаи, и кон твојот Жених, Кого многу Го возљуби, заблеска во огнот, Кипријане славен, како сребро најчисто, принесувајќи се. Јована го подража најчесен, и за Христа Бога, крвта своја ја пролеа, пред злобните слуги на пророкот лажен, мажествено застана, како тој пред Ирода. Агара се посрами бедната гледајќи те оче, како смело за Господа, се прилепи мудар и сјајен украс стана, скапоцен камену на Сегосподарот.

„Свети Кипријан Слепченски“ – житие, богослужба, акатист“ Виктор Недески и Александар Димоски

Икона: Изработена во ателјето на сестринството од манастирот „Св. Јован Крстител“ во Слепче