СOБOР НА СВЕТИ ЈOВАН КРСТИТЕЛ

На 20.01.2017 гoдинa, нa празникот Сoбoр нa св. Јoвaн Крстител, вo хрaмoт “Св. Никoлa” вo Кaбрaмaтa, Сиднеј, беше oтслуженa светa aрхиерејскa Литургија, нa кoјa чинoнaчaлствувaше Негoвoтo Висoкoпреoсвештенствo Митрoпoлитoт Дебaрскo-кичевски г. Тимoтеј, вo сoслужение нa прoтoереј-ставрoфoр Ѓoрѓи Лaпoски, прoтoерејoт Никoлa Христoски и прoтoѓaкoнoт Никoлче Ѓурѓинoски. Пo завршувањето нa Литургијата, Митрополитот Тимoтеј се обрати кон верниoт нaрoд сo пригoднa беседa, кoјa интегрaлнo ви јa пренесувaме.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Светата Православна црква денеска го прославува Соборот на св. Јован Крстител и Претеча на нашиот Спасител, Господ Исус Христос. Овој Божји угодник се прославува повеќе пати во годината. Исто така, секој вторник е посветен на св. Јован. Божјата промисла била таква што тој, поради неговиот свет, испоснички и подвижнички живот, ќе биде удостоен, својата рака да ја стави врз главата на Месијата. Врз главата на Спасителот и Избавителот на севкупниот човечки род од грев и од секакво зло. Волјата Божја била таква што св. Јован ќе се роди на границата помеѓу двата Завети. Тој е последниот пророк на Стариот завет, а и прв проповедник, или апостол, на Новиот завет. Тој е пратеник Божји. Пратеник кој треба да го приготви Израилскиот народ за дочекување на Месијата.

Израилскиот народ, како избран народ, во долгата историја бил подготвуван да Го дочека и достоинствено да Го пречека Господа Исуса Христа. Да го пречека Месијата како Победител, Искупител и Избавител од гревот и смртта. Пред самото појавување на јавна проповед на Господа Христа, св. Јован Крстител, уште во Јорданската пустина, ќе почне да Го наговестува Спасителот на светот. Неговата проповед е содржана во овие две реченици: „Покајте се, зашто се приближи царството небесно! Направете плод достоен за каење” (Мт. 3, 2 и 8). Иако овие зборови биле изговорени во пустина, тие, со своето ехо, одѕвонувале низ цела Јудеја и Палестина. Биле слушнати и од учени фарисеи и садукеи, и од обичните прости луѓе, од стари и млади, богати и сиромаси, од силни моќници и од сушти сиромаси. Јовановата проповед имала успех бидејќи врз него била Божјата благодат која ги ловела срцата и душите на луѓето повикувајќи ги на Јованово крштение. Израилскиот народ масовно излегува да ја слуша проповедта на св. Јован, но и да се крсти од него. Покрај проповедта за покајанието, св. Јован го препознава Господа Христа, Кој, во огромната маса луѓе, доаѓа да биде крстен од раката на Јован во реката Јордан. Св. Јован ќе Го наговести и ќе Го претстави пред масовниот народ како Јагне Божјо. Јагне, Кое ги зема гревовите на светот. А себеси, пак, ќе се претстави како слуга, кој не е достоен ниту врвките на Неговите обувки да ги одврзе.

Јован за Господа Христа вели дека Он нема да ги крсти со вода туку со Дух Свети (Мт. 3, 11). Ќе им укаже на луѓето дека Он ќе ги ослободи од секакво зло и ќе ги утврди во вистината и правдата. Целокупната проповед на св. Јован Крстител се сведува на подготовка на Избраниот народ за достоинствено дочекување на Месијата. Дочекување на Оној за Кого пророкуваа пророците, а за Кого, пак, чезнееле и сакале да Го видат и дочекаат многу израилски генерации. Св. Јован од луѓето барал да ги израмнат духовните патишта, за да може Господ Христос да дојде до нив, во нивните срца, во нивните души и во нивниот живот. Порамнувањето на патиштата подразбира, да ги отфрлат од нивните срца, души, помисли и постапки сите зла, лаги, неправди, лицемерија и сите пороци коишто постојат во животот кај луѓето. Без отсекување на овие зла, формалното крштевање и потопување во вода, нема да им донесе никакво добро.

Светата Православна црква, како наша духовна мајка, нè поучува и нè повикува и ние да се угледаме на повикот на св. Јован Крстител и Претеча. Па и ние да отфрлиме од нашиот живот секакви лоши мисли и постапки и да го подготвиме патот, но не само да се сретнеме со Господа Христа, туку следејќи Го и живеејќи во Него, преку покајанието и исповедањето на нашата вера да ни биде пат кој води во царството небесно.

Ние, кои живееме во XXI век, знаеме колку е важно и колкава е потребата да се имаат добри и утврдени патишта и инфраструктура, за да можеме непречено да се движиме од еден крај кон друг без некои посебни пречки. Нешто слично е потребно и во нашите срца и души. Да отсечеме и да отфрлиме, секаков грев и престап, па така, да можеме, не само да го трасираме патот кој води кон царството Божјо, туку и да одиме и да се искачиме до тие висини, за кои сме создадени и повикани, преку покајание пост и молитва. На тој пат, ако искрено се каеме и молиме, секогаш со нас, за утврдување на верата и молитвата, ќе го имаме св. Јован Крстител и Претеча Господов.
Да ги отвориме нашите срца и души со покајание и молитва. Да ги очистиме од секакви нечистотии, па да може да се всели во нас Духот Свети и Он да нè освети и просветли и да нè запази од секакво искушение и зло и така да ја постигнеме зададената ни цел, а тоа е спасение на нашата душа.

По молитвите на св. Јован Крстител и Претеча Господов, така нека биде. Амин!

Собор на св. Јован Крстител
20. 01. 2017 год.
Храм „Св. Никола”, Кабрамата, Сиднеј, Австралија

Преземено од:http: //dke.org.mk/index.php/2958-o-a