Слово на Рождество Христово – Свети Амвросиј Медиолански (+397)

 

Добро ни е познато, колку голема радост настанува и колку многуброен народ се собира во тој ден, кога се празнува родениот ден на земскиот цар. Неговите водачи и началници, а заедно со нив и сите војници се облекле во свечени облеки, препојасани со скапоцени, златно-блескави појаси, обично сите се трудат на тој свечен настан да застанат најубаво облечени пред лицето на својот цар. Бидејќи тие знаат, дека радоста на царот ќе се зголеми, кога тој ќе ја види убавината на нивното собрание, и дека тој ќе биде уште повесел, колку повеќе тие ќе покажат предаденост за време на неговата прослава: бидејќи царот, како човек, не гледа на срцата и на расположението на оние кои го опкружуваат, туку суди според надворешните нивни дејства; па затоа, оној кој силно го љуби царот, на денот на неговата прослава и се појавува пред него во најубави облеки. Потоа, бидејќи знаат дека во денот на неговиот роденден царот е дарежлив и дели многу подароци на своите најблиски помошници во управувањето со царството, или на оние кои во неговиот дворец се сметани како луѓе незначителни или ништожни, па така претходно итаат да ги наполнат неговите ризници со разни богатства, та, доколку тој посака да ги раздели овие богатства, тоа да не се потроши и поскоро да исчезне неговата желба за дарување, отколку да исчезнат резервите од богатства. И тие ова го прават со толку поголемо усрдие, колку што очекуваат поголема награда во иднина за нивната трудољубивост.

Браќа! Ако синовите од овој век, заради привремена слава и чест, со такви подготовки го пречекуваат роденденот на својот земен цар, тогаш со каква внимателност сме должни ние да го чекаме денот на рождеството на нашиот вечен Цар Исус Христос, Кој за нашето кон Него усрдие дарежливо ќе нѐ награди не со привремена слава, туку со вечна, и ќе нѐ удостои со почест не од земската власт, која преминува на наследникот, туку ќе ни подари достоинство на Небесното царство, кое нема наследник? Каква ќе ни биде наградата во тоа Царство, за ова зборува пророкот вака: „Што око не виде, уво не чу, ниту на човека на ум му падна, тоа Бог го приготвил за оние, кои Го сакаат“ (Иса. 64,4; спореди со 1.Кор. 2,9).

Со какви облеки треба да се украсуваме? Зборувајќи овде за себе, јас ги разбирам нашите души, бидејќи нашиот цар Христос изискува не великолепни облеки, туку расположение на душите, не гледа на украсувањата на телата, туку гледа на срцата на оние кои Му служат, не се восхитува од блесокот на распадливиот појас, кој ги украсува слабините, туку се восхитува од душевното и телесното целомудрие, кој ги ограничува желбите до совршена непорочност. Затоа да се трудиме да се покажеме пред Него испитани во верата, украсени со милосрдие, прекрасни во нашите навики и карактеристики. И кој поискрено Го љуби Христа, тој посветло нека се украсува себеси со запазување на Неговите заповеди, та Он да види, дека ние вистински веруваме во него, па затоа во такво велелепие се појавуваме за време на Неговиот празник, та Он повеќе да се радува, колку почисти нѐ гледа нас. Затоа, пред да настапи денот на Неговото рождество, да ги оцеломудриме нашите срца, да ја очистиме совеста, да го осветиме духот и во чистота и непорочност да започнеме да го пречекуваме доаѓањето на сесветиот Господ, та денот на рождеството на Оној Кој се роди од Пречистата Девојка, да биде отпразнуван од чистите и непорочни Негови слуги. Кој во тој ден ќе остане нечист и валкан, тој не го почитува дојденото Рождество Христово. Навистина, со телото тој и присуствува при празникот Господов, но со својот дух далеку стои од Христа, бидејќи нечистиот не може да има општење со светите, среброљубивиот со сострадалните, извалканиот со девствените, и ако недостоен стапува во такво општење, тогаш тој причинува толку поголема навреда, колку што помалку се знае себеси. Сакајќи да се покаже услужлив, тој всушност се покажува дрзок, како оној кој се спомнува во Евангелието, човекот кој бил поканет на свадбена веселба, се осмелил да влезе во собранието на светителите, без да има свадбена облека; и додека еден блескал со правда, друго со вера, трет со целомудрие, тој самиот, имајќи порочна совест, при блесокот на сите, предизвикал само одвратност со своето ужасно движење. И колку повеќе блескала светоста на присутните тука праведници, толку поочигледна била скверноста на грешникот кој, можеби, не би предизвикал таква одвратност, доколку не би се појавел во соборот на светите. Затоа царевите слуги, откако му ги врзале рацете и нозете, го зеле и го фрлиле во најмрачната темнина (Мат. 22,2-14), не само затоа што бил грешник, туку и затоа, што, како грешник, си присвоил награда определена за светоста.

И така, браќа, подготвувајќи се да го пресретнеме Рождеството на нашиот Господ, да се очистиме од секоја скверност на гревовите, да ги наполниме ризниците со дарови од секаков вид, та во тој свет ден со било што да ги утешиме туѓинците, да ја олесниме тагата на вдовиците, да им даруваме на бедните. Бидејќи, добро ли е, ако во еден и ист дом, меѓу слугите на еден господар, еден да се весели, облечен во скапи облеки, а друг да тагува, одејќи на буништата, еден да се прејадува со храна, а друг да трпи глад и студ, едниот да страда од вчерашното опивање, а другиот од вчерашното гладување, поради недостаток од храна? И какво дејство ќе има нашата молитва, кога ние бараме да се избавиме од лукавиот, а самите ние не сакаме да се однесуваме милосрдно и со љубов кон нашите браќа? Да почнеме да го следиме примерот на Господ. Ако Нему Му било угодно да ги направи, заедно со нас, учесници во небесната благодат и бедните, тогаш зошто тие да не можат да учествуваат со нас и во земните добрини? Браќата според таинствата не треба да бидат туѓи еден на друг во средствата за живот; освен тоа, ние посигурно ќе најдеме застапници за себе пред Господа, кога со свои средства ги храниме оние, кои на Бога Му принесуваат благодарност за тоа. Сиромашниот, кој Го благословува Бога, му принесува полза и на оној, при чија помош се благословува Господ. И како што вели Писмото: тешко на оној човек, преку кого името Господово се хули; така се вели: мир на оној човек, преку кого се благословува името на Господ нашиот Спасител (Мат. 10; Лука 10; Рим. 2). И колку е голема заслугата на добротворот, кога тој во својот дом покажува помош самиот, а во црквата од устите на многумина е умолуван Господ, и она што тој самиот никогаш не би се осмелил да го побара од Бога, тоа, по застапништвото на многумината, неочекувано ќе го добие. Прославувајќи го таквото наше меѓусебно помагање, блажениот апостол вели: надевајќи се, дека ќе бидеме избавени од Господ, па со помошта и на вашата молитва за нас многу луѓе да Му благодарат на Бога за даровите што ни се дадени поради вас (2.Кор. 1,11), и на друго место: та приносот, осветен од Светиот Дух, да биде благопријатен (Рим. 15,16). Амин.

 

Превод од руски јазик: Свештеник Јани Мулев

 

 

Изворник: Слово на Рождество Христово. Иже во святыхъ отца нашего Амвросія, епископа Медіоланскаго. // Прибавленія къ Церковнымъ вѣдомостямъ, издаваемымъ при Святѣйшемъ Правительствующемъ Сѵнодѣ. Еженѣдельное изданіе. № 51-52. — 18 Декабря 1899 года. — СПб.: Сѵнодальная Типографія, 1899. — С. 2109-2111.

http://tvorenia.russportal.ru/index.php?id=saeculum.iv.a_02_0009

http://azbyka.ru/otechnik/Amvrosij_Mediolanskij/