Секое искушение, од големо до мало, правилно го надминуваме секогаш на истиов начин:
-прво го прифаќаме како дар Божји;
-второ, Му благодариме на Бог за тоа;
-трето, се осудуваме себеси како заслужни за уште полошо од она што веќе ни се случува;
-четврто, не му покажуваме (надворешно) на демонот, ни на лице, ни со збор, ни со некоја постапка дека се наоѓаме во искушение;
-петто, ја продолжуваме молитвата, ама не како борба против искушението, туку како градење на заедница со Бог.
* Како изгледа правилното соочување со искушението или на кој начин се случува нашиот пад при едно искушение? Прво, не го прифаќаме како дар Божји; второ, не му благодариме на Бог за тоа; трето, не се осудуваме себеси како заслужни за уште полошо од тоа што веќе ни се случува; четврто, му покажуваме (надворешно) на демонот, на лице, со збор или со некоја постапка дека се наоѓаме во искушение; петто, ако и воопшто ни текне на молитва, молитвата ја сфаќаме како борба против искушението.
* Секако, за да научиме правилно да дејствуваме во часот на искушението потребно е и време и подвиг на самопринудување, затоа што сме духовно болни, односно лошата навика ни станала втора природа. Значи, вообичаено добродетелта не се стекнува одеднаш и тоа не треба да не обесхрабри.
* Што согледуваме преку правилниот начин на надминување на искушенијата? Прво, дека тоа ни носи покајание и плач како и духовна радост, а не прелест (очај или еуфориа, итн). Потоа: дека проблемот не е никогаш надвор од нас, туку тој е секогаш во нас – во нашиот став или однос кон се што се случува; дека правилното надминување на искушенијата е исто што и барање Божја правда, а не човечка; дека само преку правилното надминување на искушенијата, нам ни се случува процес на преобразување на страстите, а не нивно потиснување или нивно задоволување; дека на овој начин не му даваме материјал и право на демонот да ни пречи во молитвата; дека на овој начин го избегнуваме самооправдувањето, а го усвојуваме самоосудувањето; дека единствен начин да го промениме светот околу нас е прво себеси да се промениме. И на крај, на овој начин се избегнува замката на себенабљудувањето (дали се чувствувам добро или се чувствувам лошо) кое е производ на нашето себељубие и кое го одредува нашето самољубиво однесување, а нашето постоење и дејствување се насочува само во слава Божја. Постапувањето или непостапувањето според правилниот начин за надминување наискушението треба да биде содржина на нашата исповед, како и начин на наше преиспитување.