Сеќавање од посетата на Австралија – Интервју со игуманијата Илијана: Нашето поклоничко патување

Интервју:

Нашето патување во Австралија

 

Разговор на др. Ананија Ананиевски (заменик претседател на Македонската православна младина на Австралија и член на Епархискиот црковно – просветен совет на Австралиско – сиднејска епархија) со сестра Илијана, игуманија на Марковиот манастир Свети вмч. Димитриј – Скопско

 

  1. Игуманија Илијана, како игуманија на Марковиот манастир – Свети Димитриј, Вие од неодамна бевте на поклоничко патување во Австралија. Како дел од МПЦ Охридска архиепископија бевте во Австралиско- сиднејската епархија при МПЦ – ОА. Како ќе го опишете Вашето патување и Вашиот престој таму?

 

Му благодарам на Бога што ми го отвори патот да ја посетам далечната Австралија, да го посетам Македонскиот народ при Австралиско – сиднејската епархија и да се поклонам на светите места и светињите на тие простори.

Можам да кажам дека тамошниот престој како и средбата со тамошниот македонски народ беше многу љубовен, многу топол и со голема радост од обете страни. Бевме многу далеку, но далечината исчезна со тоа што се најдовме меѓу свои кои толку многу се потрудија да се чувствуваме како дома во нивната нова домовина.

И навистина беше така, бевме опкружени со Македонци кои редовно ги полнеа црквите и редовно присуствуваа на Божествената Литургија и часовите по веронаука, каде што и се држеа при тоа.

Отец Гаврил беше домаќинот кој татковски не прими и пречека и кој ни овозможи понатака да ги видеме не само нашите храмови изградени од заложбите на Македонскиот народ, туку и од сите други православи Цркви како што е Руската, Руско – задграничната, Српската, Грчката и Антиохиската Црква.

 

  1. Најпрво би сакале да ни кажете малку поопширно за нашите цркви при МПЦ ОА – Австралиско – сиднејска епархија?

 

Мојот прв впечаток за тамошниот македонски народ, тргнувајќи од тоа дека Австаралија е нова – млада земја, е дека направил многу а тоа зборува за народ кој го љуби Бога, за народ кој силно верува во Бога и за народ кој дал и повеќе од тоа што можел за да си го сочува своето (својата вера, идентитет), вредности кои му се дадени од Бога и кои ги наследил од своите родители и понел во своето срце од родната земја.

Значи таму можете да видите огромни храмови како  храмот „Пресвета Богородица“ во Центар или нешто близу Соборниот храм кај нас во РМ, изградени сали за разни свечености (крштевки, венчавки…), а на повеќето места и пензионерски домови  плус  дворни места, помали и поголеми а за толку кратко време за само две до три генерации Македонци кои решиле да живеат таму.

За мене тоа е ГОЛЕМ успех и јас им се воодушевувам на нивната  големината, на нивната вера преточена во дела и верувам дека се ГОЛЕМИ и пред Бога.

 

  1. Дали МПЦ Охридска Архиепископија има намера да отвори женски манастир во Австралиско – сиднејската епархија со оглед на тоа дека вие бевте во неодамнешна посета?

 

Верувам дека еден ден со сигурност ќе има женски манастир таму. Тамошните верници тоа го посакуваат и не само што го посакуваат, туку е и многу потребно за тамошниот народ, но, нашата посета не беше со таква намера, не сме зборувале со Неговото Блаженство г. г. Стефан за такво нешто, ниту пак со администраторите на двете епархии во Австралија, митрополитите г. Тимотеј и г. Петар. Во Црквата со благослов може да биде сѐ, а без благослов ништо, инаку има готови, спремни манастири,  во кои може да се отпочне монашки живот, како за братство, така и за сестринство. Услови за тоа има.

 

  1. Дали Вие би прифатиле да живеете во некој од тие манастири?

 

Како што спомнав, во Црквата сѐ бидува со благосоов и ништо без тоа. Ние во Црквата сме како војска, но војска Христова. Да не ме сфати некој погрешно, нашето оружје е бројаницата со која се молиме и силата е во молитвата и како Христова војска функционираме војнички а тоа значи дека, – ако мојот дотичен Владика благослови во договор со тамошните владици мое е јас да кажам,- нека е благословено Владико и да го следам благословениот пат изречен исто како од Самиот Бог. Значи ние функционираме на тој начин и преку тоа ја гледаме Божјата волја и Божјата промисла за нас.

Еве, ќе споменам дека нашето патување започна на 14 мај време кога ситуацијата во РМ беше на работ на војна барем такви тензии имаше и навистина беше многу неизвесно. Пред да одиме луѓето со кои се среќавав (наши блиски кои помагаат во манастирот) молкум како да велеа вие ќе заминете и нема да се вратите, а некои одете и не се вракајте овде, но, нас тоа не не испаши, барем јас за себе можам да кажам, дека ниту во еден миг не помислив дека ќе одам за да заминам од Македонија. Не, мојата мисла беше во склад со благословеното да одиме и да се вратиме и така бидна на 16 јуни ние веќе бевме во РМ.

Ние сме монаси и не се базираме на моменатлната ситуација, на овдешната ситуација, па макар тоа било и војна, туку се базираме на  благословот и на Бога и не го бараме подоброто и посигурното за нас, туку ја бараме Божјата волја и промисла за нас.

Убаво е, што можам да го кажам ова јавно, затоа што многумина од таму сакаа да останеме и да не задржат за таму, а со многумина и се поврзавме  толку силно што ги носиме секојдневно во срцата, како дел од нас, но, ако Бог сака, за нивна утеха, ќе биде и тоа.

 

  1. На поклоничкото патување бевте со монахињата од Вашиот манастир, с. Ефремија која е Македонка и која долго време живеела во Австралија. Како с. Ефремија од Австралија дојде да живее во Марковиот манастир – Свети Димитриј?

 

Чудни се Божјите патишта. Како што спомнав во Црквата сѐ се прави со благослов така и сестра Ефремија со благослов на Владиката Наум и Неговото Блаженство г.г. Стефан од Струмичкиот манастир „Свети Климент и Наум Охридски“ во Хамзали дојде во Марковиот манастир „Свети Димитриј“, во Скопска епархија. Можеби ова прашање најдобро е да го одговори самата, но, еве јас ќе се обидам да го кажам раскажаното од неа.

Сестра Ефремија, во тоа време со мирско име Д. С. како жена во години, редовно одела во манастирот „Свети Прохор Пчински“ во Донибруг, машки манастир, каде што игуменуваше отец Гаврил Галев.

Кажуваше дека многумина доаѓале во манастирот да го видат монахот Гаврил затоа што чуле дека дошол монах од Македонија, а и таа отишла  заради тоа и кога го здогледала како да видела  ангел. Веднаш кај неа се појавила чувството беше  да остави сѐ и веднаш да тргне по него и да го следи.

Го посакала монашкиот живот и отец Гаврил станал нејзин духовен отец. Под негово раководство ја направила и првата исповед и го започнала и исполнила и  првиот целосен пост пост. Византиското пеење, ја привлекло и посакала да го научи и да го пее, набрзо тоа и се случило. Така да за кратко време се нашла на певница и доста време му помагала со пеењето на отец Гаврил.

Во продолжение, и оставам простор на сестра Ефремија сама да се претстави и да кажи нешто повеќе за себе и патот до Марковиот манастир:

Служевме литургии, правевме бденија (со полна певница певци), со верниците правевме доста акции околу средувањето на манастирот и со Божја помош се изгради голема Црква и се градеше цел манастир посветен на „Свети Прохор Пчински“ и тоа за мене беа денови кои се повеќе ме утврдуваа на патот и животот кој го посакував,  така и се случи, јас веќе бев сигурна во себе за вистинскиот живот во Бога и животот што сакам да го живеам.

После 4 години живеење во манастирот „Свети Прохор Пчински“ и на послушание готвач јас дефинитивно се одлучив за да го направам чекорот и да заминам во женски манастир. Сакав тоа да биде во мојата родна земја во Македонија. Таа година отидов за Македонија и останав подолго. Го посетив  женскиот манастир „Свети Георгиј“ во  Рајчица и се зближив со сестинството таму. Го запознав и братството како и отец Партениј во Бигорскиот манастир и сите беа прекрасни и сѐ беше добро, но таму некако не се отворив и не ја кажав мојата намера.

Потоа бев во манастирот „Воведение на Пресвета Богородица“ во с. Велјуса во Струмица, ја запознав игуманијата Сара како и сестинството од манастирот, го запознав и Владиката Наум и Божјата волја била да останам таму. Му ја кажав намерата на Владиката и го добив благословот. Првично останав во манастирот Велјуса и бев вброена во искушеничките со ставање на метанија за искушеник, но престојот во Велјуса не беше долг.

По 1 година ме префрлија во манастирот „Свети Климент и Наум Охридски“ во Хамзали близу Берово во Струмичката епархија, затоа што таму имаше потреба од сестра. Во тој манастир под раководство на Игуменијата Наума го примив Ангелскиот образ и бев замонашена, добивајќи име и монашка облека, а по пет години ме префрлија во „Свети Димитриј“ во Марковиот  манастир, во Скопска епархија и до денес сум таму.

За мене самата, патот Божји, за од Австралија да дојдам и да живеам во манастир во родната земја, Македонија, беше чудесен и Му благодарам на Бога за изборот затоа што од Бога избраниот пат е најспасителен за мене и најдобар за мојата душа гледано од перспектива на Царството Небесно.

 

  1. Освен нашите Цркви спомнавте дека ги посетивте и другите православни Цркви како Руската, Руско – задграничната, Српската, Грчката и Антиохиската. Дали можете да ни кажете нешто повеќе за тамошните средби и како бевте примени од нив?

Како што спомнав Австралија е нова – млада земја и како таква за потребите на своите верници секоја од православните Цркви, значи сите, се трудат да направат нешто повеќе и за својата Црква и за својот верен народ кој им е од Бога доверен. Некои од нив имаат и женски и машки манастири како што е случајот со Руската и Руско – задграничната Црква и доста имаат направено на секое поле.

Можам да кажам дека и нашата Црква добро котира. Новиот манастир на Отец Гаврил, „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк, со двајцата искушеници, чие замонашување се чека, заедно со паствата собрана околу него, која е во огромен број е за пофалба. Ние таму, имаме не само големи изградени Цркви, туку и полни Цркви со верници кои работат на себе, на своето подобрување, восовршување, кои редовно доаѓаат на Богослужбите и кои постат и се причестуваат значи имаме жива Црква.

Но, тоа на што требаше повеќе да се задржам е средбата и приемот со другите православни Цркви, која можам да ја опишам како средба на взаемно почитување, взаемно снисходење, средба полна со радост и љубов и обратно и љубов и радост затоа што кажаното од Бога, – каде што се двајца и тројца (би додала – за мир) таму сум и Јас, е вистинско!

И што да ви кажам, има ли поубаво од тоа да добиете МОШТИ! Без да побарате да добиете и тоа не нешто (икона, темјан…), туку МОШТИ и тоа од Света Елисавета Руска и од 44 маченици монаси од Манастирот Лавра од Палестина убиени од Арапите.

За нас немаше поголем благослов и поголема радост и признание и сѐ сѐ…  од тоа, да, при нашата прва средба, по еден кус разговор со старецот Јоаким (голем молитвеник) од Скитот на „Свети Јован Крстител“ каде што бевме во посета, да добиеме МОШТИ!

Се случи така што, старецот Јоаким нешто се задржа во Олтарот, без претходно да ни каже за неговата намера, за тоа дека сака МОШТИ да ни поклони. Јас дури излегов од Црква малку да го разгледам местото, околината, кое гравитираше во таква длабока шума каде што навистина си одвоен од сѐ и сам си со Бога. И така, ме викнаа, ми кажаа дека ме бара Старецот, а кога влегов тој веќе ги беше приготвил моштите и на секој коверт ми беше напишал кои мошти од кој светител, светителка се. Изненадена и без зборови ја целивав неговата десница и го примив непроценливиот дар за мене, за нас…

Старецот Јоаким е еден од Старците кој го носам во моето срце и кој ни причини голема радост не само нас, туку и на целата наша Црква таму и овде во РМ.

Голема благодарност пред сѐ на Бога, зашто без Бога не се случува ништо, а потоа и на Руската Црква, Руската Задгранична Црква а посебно на старец Јоаким, преку кого Бог го благослови овој дар за нас.

Исто така сакам да ја споменам и незаборавната средба со многупочитуваниот игумен Сергеј од манастирот Преображение во Бомбала, Руска задгранична Црква каде што престојувавме неколку дена и бевме дел од братството не одвојуваќи не од ништо.

Манастир кој е под духовно раководство на познатиот иконописец отец Алексеј, место, каде што можевме да видиме како се изработува икона, со земјени бои, земени од природата, во големи парчиња, кои треба да ги толчиш и направиш прав, за да можеш да работиш. Таму можеше да се види древниот начин на сликање каде што целата постапка на византиското сликарство (иконопис) трпеливо се запазува.

Монасите што ги видов и запознав таму, за мене, засекогаш, ќе се редок и добар пример за тоа како треба да се подвизуваме во Христа.

Морам да  кажам и за игуменијата Вирџинија од Антиохиската Црква за топлиот пречек и за средбата со неа.

Старица на 81 година со ангелски лик и душа на која иако телото и беше слабо, но сепак, со бодар дух, не прошета низ целиот манастир комплекс, качувајќи се по високите скалила за сѐ да ни покаже. Манастирот беше прекрасен со огромно дворно место во богато со шума опкружување.

Го посетивме и Српскиот машки манастир „Свети Сава Освештен“ каде срдечно бевме примени од монахот Теодор кој постојано ни повторуваше: „ја много волим Македонце, Ви сте народ благословен од Бога! Ја вас пуно волим…“ и итн.

На крај, остана да го споменам и Грчкиот манастир, каде што бевме во посета со наша верничка, од таму, по име Ставрула, а која е по потекло од Егејска Македонија и која добро го зборува и македонскиот и грчкиот јазик.

Игуменијата на манастирот нѐ прими преубаво покажувајќи ни ја Црквата која е во фаза на привршување како и подготовките за нејзино фрескописување,  ни го покажа и параклисот, како и другите простории од манастирскиот комплекс. Од таму понесовме многу спомени а посебно нови идеи, нови ракоделија, кои со Божја помош можат и за верниот народ во РМ да се изработуваат. Кај нив акцентот е ставен на воцркување на детската популација и имаше многу поучни изданија како храна за детската душа.

Од таму се роди и идејата за детското списание од Марков манастир, кое, со Божја помош, а за многу кратко време, се напиша.