Еден од седумдесетемина. Бил епископ во Дамаск. По Божјо јавување (Дела 9) го крстил Савле – апостолот на народите Павле. И покрај сите гонења, храбро го проповедал Евангелието, поради што бил каменуван и убиен во градот Елевтеропол. Неговите свети мошти се пренесени во Дамаск, а подоцна во Цариград.
Житие
Свети апостол Ананија, еден од седудесетемина, беше епископ во градот Дамаск. Познат е и по тоа што го крстил апостолот Павле. Зашто му се јави Господ во видение и му рече: „Ананија! Стани и оди по улицата што се вика Права, и во домот Јудин побарај го човекот од Тарс, по име Савле; ете, тој сега се моли“. Но Ананија се противеше на тоа, знаејќи колку зла им направил Савле на ерусалимските христијани, и дека во Дамаск дошол со намера да ги врзе во окови сите оние што го исповедуваат името на Господа Исуса Христа. А Господ го посоветува, велејќи му: „Оди, зашто тој ми е избран сад, за да го изнесе името Мое пред народи и цареви и синовите Израилеви; и Јас ќе му покажам колку треба тој да пострада заради името Мое“. Ананиј веднаш постапи според Господовите зборови: отиде кај Савле и откако ги положи рацете свои над него, рече: „Брате Савле, Господ Исус, Кој ти се јави по патот, по кој доаѓаше, ме прати за да прогледаш и да се исполниш со Дух Свети“. Савле веднаш прогледа и Ананија го покрсти (Дела 9,10-18).
По некое време, кога Евреите се договорија да го убијат Павле зашто од гонител станал проповедник на името Христово, Ананија, заедно со другите ученици Господови, го спушти Павле во кошница преку градскиот ѕид (Дела 9,23-25). Самиот Ананија одеше на еврејските собири и смело го проповедаше името Господово. И не само на Евреите, туку и на незнабошците им ја благовестеше верата Христова. Од Дамаск тој отиде во Елевтеропол и таму, покажувајќи им го на луѓето патот на спасението и исцелувајќи болни, мнозина воведе во верата Христова.
Во тие денови во Елеветропол беше областен управник Лукијан, кој се поклонуваше на идоли, а не на Творецот. Него ѓаволот го поттикна против христијаните и му потшепна по целата своја област да разгласи наредба: „Оној што ќе го признае Христа и ќе му се поклонува на Распнатиот, наредуваме да се стави на лути маки, а оној што ќе се одрекне од Христа и ќе принесе жртва на бесмртните богови, ќе биде удостоен од нас со дарови и почести“.
Кога ваквата злобна и лукава наредба беше издадена, свети Ананија беше во таа област, просветувајќи ги луѓето со Евангелието и исцелувајќи секоја болест: зашто со него беше Господ и правеше многу чуда со рацете негови. Идолопоклониците го фатија и го доведоа пред игемонот Лукијан. Игемонот на разни начини го принудувал да им принесе жртва на идолите. Но свети Ананија не сакаше да го послуша, велејќи: „Нема да им се поклонам на лажните богови; јас му се поклонувам само на Единиот Вистински Бог мој, Исус Христос: Него со свои очи Го видов и разговарав со Него лице в лице – не само додека Он живееше како човек на земјата, туку и по Неговото вознесување на небо. Зашто кога се наоѓав во Дамаск, Он самиот ми се јави и ме испрати да го исцелам Савле, кого Он со чудесната Своја премудрост и сила го обрати кон познанието на вистината. Он сите нѐ избави од рацете на ѓаволот и нѐ воведе кај Својот Отец. Затоа Му се поклонувам Нему, а не на демоните што сакаат да го погубат сиот човечки род“.
Тогаш управникот почна да му се заканува на Ананија со маки ако не ја изврши наредбата. Но тој како непоколеблив стоеше во исповедувањето на Христа. Ги подигна рацете свои кон небото и рече: „Господи, Исусе Христе, Сине на благословениот Отец, слушни ги молитвите мои и удостој ме во уделот на блажените апостоли во идниот живот. Како што си го спасил Савле со светлината на вистината, спаси ме и мене од овој безбожник што се противи на вистината: да не се оствари неговата волја над мене, да не ме улови во замките на своето лукавство; и Ти да не ме лишиш од Царството небесно, подготвено за сите оние што го сакаат патот на вистината Твоја и ги исполнуваат заповедите Твои“.
Но игемонот, не можејќи повеќе да ги слуша зборовите на апостолот Ананија, наредил да го легнат на земја и да го тепаат. И додека слугите силно го тепаа светиот апостол, судијата му викаше: „Послушај го игемонот, не противи се на неговата наредба, принеси им жртва на боговите, на кои им се поклонува целиот свет“. А кога престанаа да го тепаат светителот, игемонот му рече: „Барем сега сожали се над себе, послушај ме и одрекни се од Распнатиот за да не те ставам на уште полути маки“. На тоа свети Ананија му одговори: „Она што ти го кажав на почетокот, не престанувам да го говорам и сега – нема да се одрекнам од мојот Бог, и нема да се поклонам на безживотен камен и на дрво, кои вие ги почитувате како богови“.
Гледајќи дека е упорен светителот, управителот нареди со железни нокти да му го корнат телото и со свеќа да му ги горат раните. А светителот, трпејќи ги маките, ги подигнуваше очите свои кон небото и усрдно се молеше. По тие маки, мачителот му рече: „До кога ќе бидеш тврдоглав? Зарем нема да се сожалиш над себе и да им се поклониш на големите богови? Зарем ти е попријатно залудно да истрпуваш страдање за некојси Христос, кого Евреите го распнале, отколку да бидеш здрав и жив? Ти се колнам, нема да те пуштам жив ако си и понатаму толку упорен“. Светителот му одговори: „Прави што сакаш, непријателу Божји и пријателу на ѓаволот. Та ти многупати од мене слушна дека нема да им се поклонам на твоите богови, туку ќе му се поклонувам само на Единиот Бог – Отецот и Синот и Светиот Дух, Творецот на небото и на земјата и на сѐ што е во нив. Во Него поверував, и Он ми даде сила цел ден цврсто да стојам пред тебе и јуначки да ги трпам овие маки. Зошто си задаваш толку труд? Ете, слушна дека нема да се покорам на волјата твоја; прави брзо што си наумил“.
Разгневувајќи се силно, мачителот му нареди на народот да го земе светиот Ананија, да го изведе надвор од градот и го затрупа со камења. Безаконите луѓе го зедоа светителот, го одведоа на губилиштето и го засипаа со камења како драгиот Стефан. А тој силно извика: „Господи, Исусе Христе, во Твоите раце го предавам својот дух“.
И така го заврши животот по сите мачења и отиде во небесата. А народот, откако виде дека е веќе мртов, го остави незакопан и си замина. Во тоа време се погоди на тоа место да поминат некои христијани од Дамаск; тие го зедоа светото тело на Христовиот апостол, чесно го пренесоа во Дамаск и го погребаа во родниот крај.
Химнографија
Тропар
Апостоле, свети Ананија, моли Го милостивиот Бог, да ни подари прошка на гревовите на душите наши.
Кондак
Во молитвите топол застапниче и на оние, кои те молат брз помошниче, прими ја нашата молитва, свети Ананија, и моли Го Господа Христа да се смилува над нас, Единствениот Кој почива во светиите.