Повторно радост за верните чеда на Австралиско – сиднејската епархија: Излезе од печат вториот број од епархиското списание „ПРАВОСЛАВИЕ“

Повторно, по милоста Божја Ве информираме дека со благослов на нашиот надлежен епархиски архиереј, Неговото Високопреосвештенство, Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор Австралиско – сиднејски г. Тимотеј – излезе од печат веќе вториот број од епархискиот гласник на  Австралиско – сиднејска епархија при МПЦ-ОА – списанието „ПРАВОСЛАВИЕ“.

Пред три месеци со особена радост и восхит го објавивме излегувањето на првенецот – првиот број, кој како што знаете беше посветен на неодамнешната посета на Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј, како надлежен архиереј на оваа епархија, додека овој втор број на црковниот гласник е посветен на нашиот просветител и првоерарх Свети Климент Охридски, а со особен осврт на празникот Успение на Пресвета Богородица.

Во ова ново издание направивме и мали измени, а додадовме и новитети. Покрај вообичаените рубрики, овој пат отворивме уште една рубрика – репортажи, во која со секој нов, нареден број ќе биде опфатена репортажа за еден манастир или црква во Македонија. Целта ни е да не ги заборавиме нашите корени, да се потсетиме и да ги истакнеме нашите духовни богатства, па на тој начин да оствариме поблизок контакт со Татковината, а кога ќе ни се понуди можност, и да ги посетиме.

Во овој втор број на црковниот гласник на нашата епархија, заради потребата пред сѐ на младите и на тие што се родени во Австралија, а на кои македонскиот јазик им станал втор јазик после англискиот, поместивме поголем број текстови на англиски јазик.

Исто така, отстапивме простор на нашите страници и за нашите сегашни и идни помагатели и спонзори – нашите страни секогаш ќе бидат отворени за вашите реклами.

А на крај секако, и простор за вашите критики. „Православие“ го издаваме за вас драги наши пријатели, браќа и сестри. Токму затоа ни се потребни и вашите коментари (позитивни и негативни) за да знаеме по кој правец да се движиме и како да се подобриме, а „Православие“ да го направиме Ваше омилено списание. Затоа, искрено Ве молиме, сите ваши забелешки, коментари, критики, пофалби да ни ги испраќате на pravoslavie@mpcaus.org. Некои од нив ќе бидат и јавно објавени.

Првиот број на „Православие“ беше дочекан со многу коментари, но пред се усни и што за нас е најважно – позитивни. Најголемиот пак број на забелешки беше во смисла на јазикот на кој гласникот се печати и издава: македонски или англиски. Токму затоа, како што веќе споменавме, веќе во овој број поместени се повеќе текстови на англиски јазик.

Нека овој наш скромен труд биде во наследство и чест на светиот Климент, Охридскиот чудотворец. Тој самиот беше и за нас остана просветление со слово. Неговиот просветителски труд кој неуморно го вложил за просветлението на својот народ со што не задолжил и нас, ако сме негови наследници, да го продолжиме неговото дело. Ви посакувамe духовно насладување и просветление, читајќи го вториот број на „Православие“.

Списанието е бесплатно и можете да го најдете во сите храмови на Австралиско – сиднејската епархија, како и на  веб – страната на епархија (http://mpcaus.org/wp-content/uploads/spisanie/Pravoslavie%20magazine.pdf) и на следниот достапен линк: http://go.epublish4me.com/pravoslavie_no2/10094633#.

„Православие“ претставува православно списание, кое сoдржи најразлични современи духовни теми, кои се поврзани со православната вера, култура и образование, кои се најнеопходни во црковната мисија за просветлување на православниот човек во Австралија. Исто така списанието содржи најнови вести од епархискиот живот. Тоа е плод на веќе низата проекти на Епархискиот црковно – просветен совет при епархијата.

На крај, на Редакцијата на списанието „Православие“ им честитаме и им посакуваме уште плодна и успешна работа во иднина.

 

Со почит,

Епархиски црковно – просветен совет