Постот како средство за борба со злото

Секој човек посебно, и секое општество води борба со злото. И филозофите и политичарите предлагаат свои средства за намалување на злото во светот. Најчесто употребуван начин за борба со злото е насилството. Меѓутоа,  Светото евангелие ни предлага друг начин што единствено може, и го уништува коренот на злото и може да го отфрли, ако луѓето го усвојат со љубов. Денешното прочитано евангелско четиво ни го истакнува случајот кога Господ Христос го уништил злото во неговиот најстрашен вид.

Додека Господ Исус Христос со Своите тројца ученици бил на Таворската Гора каде што се преобразил пред нив, останатите Негови ученици останале во подножјето на планината. Околу нив се собрал многу народ. Еден човек, пак, го донел својот болен син за да го излекуваат затоа што бил обземен од нем дух, поради што синот честопати припаѓал.

Апостолите пробале да го излекуваат момчето, меѓутоа не успеале. Тие биле збунети. Спасителот, кога се вратил, се приближил до нив и прашал за што се расправаат. Никој не Му одговорил. Апостолите не смееле да си ја признаат својата слабост, а книжниците биле збунети од појавувањето на Христа.

„И им кажав на учениците Твои да го изгонат немиот дух, но тие не можеа“ (Марко 9,17-18). Исус одговорил и рекол:„ О, роде неверен, до кога ќе бидам со вас? До кога ќе ве трпам? Доведете го при Мене!“ (Марко 9,19). Кога го довеле болното момче, духот го стресол и тоа паднало наземи и се валкало запенето. Таткото раскажал каква е неговата болест и дека уште од детството страдало од неа. „Ако можеш, смили се над нас, и помогни ни!“ – ја завршил тој својата молба.

Христос му рекол: „Ако можеш да поверуваш? Сè е можно за оној што верува!“ (Марко 9,23). Верата кај таткото не била цврста, меѓутоа татковската љубов проговорила и тој со солзи на очите извикнал: „Верувам, Господи, помогни му на моето неверие“. Исус Христос се сожалил над таткото и го излекувал момчето.

Кога потоа Христос се оддалечил во една куќа, учениците Го прашале насамо:  „Зошто ние не можевме да го истераме?“ Спасителот им одговорил: „Тој род со ништо не може да се истера, освен со молитва и пост“ (Марко 9,29).

Еве какви средства препорачува Спасителот за борбата со злото. Молитвата и постот, според зборовите на св. Јован Златоуст, се „две крилја со чија помош душата се воздигнува кон Бога.“ Ползата од неа и нејзината сила пред Бога се јасни за секого од нас. Во денешно време е неопходно да знаеме дека и постот има исто таква сила како и молитвата.

Постот не е цел самиот по себе, туку е средство за постигнување на посовршен духовен живот. Вистинскиот пост не се состои само во тоа да не јадеме мрсно; најважно е: да не си допуштаме да грешиме.

Црквата уште од почетокот на постот нè повикува да постиме не само телесно, туку и духовно. Постот  е воздржување. Телото треба да се воздржи од мрсни јадења и воопшто од многу јадење. Но поважно е душата да се воздржува од гревови. Меѓутоа, едното без другото е невозможно.  Меѓутоа, ние сме наклонети да се грижиме повеќе за своето тело, а малку внимание им посветуваме на барањата на душата. Затоа и стануваме против сè што го лишува нашето тело од задоволства и измислуваме оправдувања за таа наша слабост.

Многумина, кои не сакаат да постат, тврдат дека постот во нашата православна црква бил многу долготраен и строг. Но оние кои ги востановиле постовите знаеле многу добро и од свое сопствено искуство, и од искуството низ вековите дека токму така треба и да биде. Црквата го има во предвид не само нашето телесно здавје туку, пред сè, нашето душевно спасение. Човекот не може да биде добар и да биде достоен за вечно блаженство, ако не се бори против своите гревовни страсти и ако не се труди да го намалува злото околу себе и во светот. А како тој ќе се бори со злото во себе и во општеството? Спасителот вели дека тоа можеме да го направиме само со пост и со молитва.

Сега, кога помина повеќе од половината на Великиот пост, Црквата нè потсетува дека нашиот пост треба да го следи искрено покајание и смиреност за своите гревови, а Бог ќе ни даде сили да ги победиме и да ги изгониме бесовите и лошите духови од нашиот живот. Тие бесови се: зависта, злобата, раздорот, развратот. Без пост ние не можеме да се бориме против нив. Тој род на бесови, како што вели и Христос, со ништо не се истерува, освен со молитва и со пост. Амин.

Протојереј-ставрофор

Ефтим Бетински

18.04.2018

Мелбурн

Беседа во Четвртата недела од Великиот пост – На свети Јован Лествичник – Марко 9,17-31.