Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимитеј, на покана од Македонската Австралиска Православна Црковна Општина „Успение на Пресвета Богородица“ од Сиденхам, Мелбурн, во периодот од 13.01.2015 до 1.02.2015 година, во придружба на епархискиот ѓакон, протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, престојуваше во Австралија, во канонска визитација на црковните општини што Светиот Архиерејски Синод на МПЦ – ОА по донесената одлука во месец декември 2012 година ги прифати да бидат под канонска јурисдикција и директна надлежност на Светиот Архиерејски Синод на МПЦ – ОА.
Во Програмата предвидена по повод првата официјална канонска визитација, по низа години, од страна на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско-кичевски и Администратор на овие Црковни Општини г. Тимотеј, покрај веќе договореното осветување на Црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Сиденхам, Мелбурн, беше закажано и Основачко Собрание на новоформираната Македонска Православна Епархија за Австралија.
На 16 јануари, 2015 година – петок (ден посветен на св. пророк Малахиј; св. мч. Гордиј и св. Геновева), во организација и под покровителство на Македонската Австралиска Православна Црковна Општина „Успение на Пресвета Богородица“ од Сиденхам, Викторија, во просториите на Taylors Lakes Convention Centre на Melton Road, во Taylors Lakes, Vic. се одржа Основачкото Собрание на Македонската Православна Епархија за Австралија (МПЕА) под раководство на надлежниот Архиереј, Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј.
На Собранието зедоа учество делегати од 13-те Македонски православни Црковни Општини од цела Австралија, коишто Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија ги прими под своја канонска јурисдикција и директна надлежност.
Собранието помина во позитивен христијански и братски дух и се направија историски први чекори за конечно регистрирање на Македонска Православна Епархија за Австралија во согласност со Чл. 172 од Уставот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија. И покрај крајно сложената сосотојба на тие Црковни општини што е плод на 16 – годишните спорови околу управувањето со Македонските православни храмови во Австралија, сите различни мислења беа конструктивно надминати со братски конструктивен дијалог на делегатите. Меѓусебното разбирање и покажаната добра волја од страна на Митрополитот Тимотеј и делегатите допринесоа да се донесат многу важни и клучни одлуки насочени кон општото добро на МПЦ-ОА, Македонскиот православен народ и Македонската заедница во Австралија.
На Собранието беше усвоен Епархискиот Статут кој што треба да го одобри Светиот Архиерејски Синод, како и Архиепископскиот Управен Одбор на МПЦ-ОА, со седиште во Скопје, Република Македонија.
Делегатите на ова Собрание едногласно донесоа Одлука да се започне процедура за регистрација на новофрмираната Епархија како правно лице, а во согласност со Уставот на МПЦ-ОА и Австралиските закони за регистрирање на непрофитни, вклучувајќи и верски организации.
На Собранието беше избран и привремен Епархиски Управен Одбор со членовите:
1. Митрополитот г.Тимотеј (Претседател);
2. Г-дин Љупчо Стефановски (потпретседател);
3. Протојереј Станко Јовановски (в.д. Архиерејски заменик);
4. Протојереј-ставрофор Ефтим Бетински (член);
5. Протојереј-ставрофор Ѓорѓија Лапоски (член);
6. Г-дин Митко Николовски (член);
7. Г-дин Јовица Ѓоргоски (член);
8. Г-дин Зоран Јанев (член);
9. Г-дин Јоте Ќандовски (благајник);
10. Г-дин Крис Ангелков (секретар) и
11. Г-дин Игор А. Александров, правен секретар
Покрај позитивните Одлуки и решенија, Собранието заедно со ноформираниот Епархиски Управен Одбор подготовија и испратија Соопштение за јавноста за медиумите во Република Македонија и во Австралија.
На Основачкото Собрание на МПЕА зедоа учество делегати и претставници од следните Црковни општини и храмови:
1 – „Пресвета Богородица“ во Сиденхам, Мелбурн (Викторија) – со парохискиот свештеник;
2 – „Свети Георгиј и Пресвета Богородица“ во Епинг, Мелбурн (Викторија) – без парохиски свештеник;
3 – Манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк, Мелбурн (Викторија) – без настојател;
4 – „Свети Јован Крстител“ во Џилонг (Викторија) – со парохискиот свештеник;
5 – „Свети Кирил и Методиј“ во Розбери, Сиднеј (Нов Јужен Велс) – без парохиски свештеник;
6 – „Свети Никола“ во Кабрамата, Сиднеј (Нов Јужен Велс) – со парохискиот свештеник;
7 – „Свети Димитриј“ во Волонгонг (Нов Јужен Велс) – со парохискиот свештеник;
8 – „Пресвета Богородица“ во Њу Кастел (Нов Јужен Велс) – без парохискиот свештеник;
9 – „Свети Климент Охридски“ во Канбера (Австралиска Капитална Територија) – со парохискиот свештеник;
10 – „Свети Илија“ во Квинбијан (Нов Јужен Велс) – со парохискиот свештеник;
11 – „Свети Никола“ во Перт (Западна Австралија) – со парохискиот свештеник;
12 – „Свети Наум Охридски“ во Аделаид (Јужна Австралија) – без парохискиот свештеник; и
13 – „Раѓање на Пресвета Богородица“ во Бризбејн (Квинзланд) – без парохиски свештеник.
По одржувањето на Собранието, во просториите на црквата „Успение на Пресвета Богородица“, во Сиденхам, Мелбурн, сите делегати од црковните општини присуствуваа на заедничкиот свечен ручек „трпезата на љубовта“ каде што надлежниот Архиереј, Митрополитот Тимотеј и претседателот на црковната општина „Успение на Пресвета Богородица“, г-дин Владо Трпчевски, одржаа поздравни говори и искажаа голема благодарност за присуството и за конструктивните дискусии во текот на Собранието.
Протојереј-ставрофор
Ефтим Бетински