Беседа за чествувањето на Обрезанието Господово и свети Василиј Велики (14 јануари)

Во името на Отецот и Синот и Свeтиот Дух!

Драги браќа и сестри,

Во книгата Мудрост Соломонова се вели: „Праведниците живеат до века. Нивната награда е во Господа, за нив се грижи Севишниот” (Муд. Сол. 5, 15). Божјите угодници се луѓе кои својот живот го поминале во овој свет во подвижништво и во исполнување на волјата Божја. Па, затоа, Бог е нивниот заштитник и во Него се наоѓа нивната надеж и нивното живеење.

Да претпоставиме дека доаѓа еден ангел Божји и ни нуди илјада и педесет години живот. Но, истиот овој период го поделува на два дела. Едниот, е педесет години, во мака и страдања и разни непријатности, а другиот, е среќен, блажен и удобен живот во времетраење од илјада години. Секој еден од нас има можност да избере една од овие понуди. Се надевам дека најголемиот дел од нас ќе избере да живее педесет години во мака и страдање, за да живее илјада години во благосостојба. Тоа значи дека нашиот живот, во оваа долина на плачот, треба да го поминеме во разни стеги, притисоци, ограничувања, воздржувања, па и страдања, за да спечалиме вечен и блажен живот и слобода во Господа Исуса Христа. Но, и овој пример е ништожен ако имаме во предвид дека старозаветниот пејач вели дека животот е како цут, прецутува, ќе дувне ветар и го нема. Нашиот живот, овде на земјата, треба да го сфатиме како времен, преоден, но, кој ни е даден да го живееме и преку нашата слободна волја да спечалиме вечност.

Царството небесно, пак, не може да се спореди со никакви овоземни убавини и богатства. Најмоќните цареви и владетели, со сите нивни раскоши и привилегии, не можеле да се облечат и да бидат поубави од Божјите кринови. За тоа Христос вели: „Но ви велам дека ни Соломон, во целата своја слава, не се облече како еден од нив” (Мт. 6, 29). Во Св. писмо, за праведниците се вели дека Бог приготвил такво царство, што ние не можеме ниту на сон да сонуваме, ниту на човек на ум да му падне тоа што е приготвено од нашиот Отец Небесен.

Св. Јован Богослов опишува едно видение на островот Патмос. Поради неговиот свет и возвишен живот, Бог го удостоил да види дел од царството Божјо, каде што вели дека видел Град изграден од злато и сребро, со многу бисери и други скапоцености, каде што нема ниту сонце ниту месечина, бидејќи таму Светлината е Бог. За Горниот Ерусалим, исто така, ни зборува и старозаветниот евангелист Исаија: „Ќе се вратат избавените од Господа, ќе дојдат на Сион со радосни извици; и вечна радост ќе биде над нивната глава; тие ќе најдат радост и веселба, а жалоста и воздишката ќе се оддалечат” (Ис. 35, 10).

Денеска прославуваме еден голем праведник Божји, а тоа е светиот Василиј Велики. Тој се здобива со епитетот Велики, епитет со кој се здобиле само неколку светила на Црквата Христова. Живее во IV век и на православната теологија $ е познат како продолжувач на отците од Првиот вселенски собор, односно, ќе ја дефинираат догмата и учењето за Третото Лице од Светата Троица, учењето за Светиот Дух. Св. Василиј, во Кесарија Кападокиска, ќе развие строг монашки живот. Ќе собере голем број монаштво и за истите ќе напише монашки правила, според кои и денес се ползува Православната црква. Како голем учител и проповедник на словото Божјо, ќе напише и една Литургија која и денес, во Православната црква, се служи 10 пати, односно Литургијата која ја служевме денеска. Таа ќе биде основа за Литургијата на св. Јован Златоуст, во V век, кој, поради практични потреби, истата ќе ја скрати. Заради севкупното негово просветителско и учителско дело, Црквата го прославува како голем учител на нашата вера.

И ние денеска, собрани во овој храм, да се обратиме со искрена молитва кон св. Василиј. Да го запали нашето кандило на верата, за да ни го осветлува патот. Па и ние да се надеваме на милоста Божја и да спечалиме вечен и блажен живот. Амин!

 

Св. Василиј Велики
14. 01. 2017 год.
„Св. пророк Илија”
Квинбијан, Австралија