Божјиот благослов на Марковиот манастир неизмерно му се дарува преку светите мошти на светители, кои по Божјата промисла го наоѓаат своето пребивалиште во светоста на манастирот на светиот великомаченик Димитриј.
Духовната ризница и овој пат е збогатена со последното поклоничко патување на Игуменијата на Марковиот манастир, Илијана. На патувањето во Австралија, Игуменијата Илијана заедно со една од сестрите, го посети рускиот скит посветен на Свети Јован Крстител, каде што моштите беа подарени на Марковиот манастир, од страна на старецот Јоаким, монах со австралијанско потекло.
Марковиот манастир се здоби со мошти од света Елисавета Руска и од 44 монаси маченици од манастирот Лавра во Палестина, кои пострадале за Христовата вера со маченичка смрт, од страна на Арапите.
Во близина на скитот, монахињите ја посетија пештерната ќелија на старецот Гури, основачот на скитот, а сега упокоен во Господа, како и женскиот руски манастир посветен на Казанската икона на Мајката Божја, каде што игуманијата Марија топло ги прими и пречека.
На вчерашната неделна Божествената Литургија во Марковиот манастир, верниците имаа можност да се поклонат на моштите на светителите, кои во нашите молитви, ќе ги призиваме, како светители кон кои ги упатуваме нашите молитви за нивно застапништво пред Бога и закрилата за добросостојбата на манастирот и сите кои притекнуваат кон него.
Светите мошти, ќе бидат изложени во параклисот на Светиот Апостол и Евангелист Марко, вброени во богатството од мошти на светители, кое по Божјата милост се зголемува и достапни на сите верници кои притекнуваат со верба, во силата и благодатта која Бог ја излива преку нив.