Неделата на блудниот син е втората подготвителна недела за Великиот пост. Нејзе ѝ претходи Неделата на митарот и фарисејот, а по неа следи Неделата на Страшниот Суд.
Во оваа подготвителна недела, Црквата се сеќава на Христовата парабола за големината на Божјата љубов и проштевање, односно параболата за блудниот син (Лука 15,11-24). Секој христијанин треба да увиди дека е далеку од домот на својот Отец, да се покае и да појде кон него, кадешто и припаѓа. Параболата нè уверува дека Отецот небесен ќе нè прими во Своите прегратки со голема радост, особено доколку истраеме на патот на Великиот пост којшто претстои.
Химнографија
Кондак
глас трети
Од Твојата татковска слава се оддалечив безумно,
на зло го потрошив богатството што ми го предаде.
Затоа како блудниот (син) Ти се обраќам: Згрешив
пред Тебе, Оче Штедар, мене покајникот прими ме и,
како еден од Твоите наемници, направи ме.
Икос
Секој ден Спасителот ни зборува, за да нè
научи со Својот сопствен глас. Да слушнеме што
вели Писмото за блудниот (син), и со вера да
го подражаваме неговото добро покајание. На Оној
што ги знае тајните на сите, со смиреност на срцето
да извикаме: Ти згрешивме, Оче Штедар, и никогаш
не сме достојни да се наречеме чеда како порано. Но,
бидејќи си човек по природа, прими ме Ти и направи
ме како еден од Твоите наемници.
Евангелие, апостол и поука
Евангелие на денот: Свето евангелие според светиот апостол Лука 15:11-32
- И рече: „Еден човек имаше два сина.
- Помладиот од нив му рече на татка си: »Татко, дај ми го делот што ми припаѓа од имотот!« И таткото им го раздели имотот.
- По неколку дена, помладиот син, кога собра сe, отиде во далечна земја и таму го потроши својот дел, живеејќи блудно.
- И откако потроши сe, настана голем глад во таа земја и тој се најде во мака;
- па отиде при еден човек во таа земја и се погоди, и тој го прати во своето поле да пасе свињи.
- И страден беше да го наполни својот стомак со рокчиња што ги јадеа свињите, но никој не му ги даваше.
- А кога дојде на себеси, рече: Колку наемници при татка ми имаат леб во изобилие, а јас, пак, умирам од глад.
- Ќе станам и ќе отидам при татка си и ќе му речам: »Татко, згрешив против небото и пред тебе,
- и не сум веќе достоен да се наречам твој син; но прими ме како еден од своите наемници«.
- Па стана и отиде при татка си. И кога беше уште далеку, го виде таткото негов и се сожали на него, па потрча, го прегрна и го целива.
- И синот му рече: »Татко, згрешив против небото и пред тебе, и не сум веќе достоен да се наречам твој син!«
- А таткото им рече на слугите свои: »Изнесете најубава промена и облечете го, и дајте му прстен на раката негова и обувки на нозете;
- Па дотерајте и заколете угоено теле: да јадеме и да се веселиме,
- оти овој мој син мртов беше и оживе, изгубен беше и се најде«. И почнаа да се веселат.
- А постариот негов син беше в поле; и на враќање, кога се приближи до куќата, чу песни и извици.
- Па, како повика еден од слугите, го праша: »Што е ова?«
- А тој му рече: »Брат ти си дојде и татко ти закла угоено теле, оти го виде здрав.«
- Тој се налути и нејќеше да влезе. Тогаш излезе татко му и го молеше.
- А тој му одговори на татка си и му рече: »Еве, те служам толку години и никогаш не ја прекршив твојата заповед; и мене не си ми дал ни едно јаре, за да се провеселам со моите пријатели;
- а кога дојде овој твој син, што го упропасти својот имот со блудници, за него ти закла угоено теле.«
- А он му рече: »Синко, ти си секогаш со мене и сe мое е твое;
- но требаше да се зарадуваме и развеселиме, оти овој твој брат беше мртов и оживе, изгубен беше и се најде.«“
Апостол на денот: Прво послание на светиот апостол Павле до Коринтјаните 6:12-20
- Сe ми е позволено, но не е сe полезно; сe ми е позволено, но ништо не сакам да завладее над мене.
- Храната е за стомакот, а стомакот за храната; но Бог и неа и него ќе го уништи. Телото, пак, не е за блудство, а за Господа, и Господ – за телото.
- А Бог и Господа Го воскресна, и нас ќе нe воскресне со силата Своја.
- Зар не знаете, дека телата ваши се Христови членови? Ќе ги земам ли членовите Христови и да ги направам членови на блудница? Тоа никако!
- Или, пак, не знаете, дека оној, кој со блудница се соединува, станува едно тело со неа? Зашто е речено: „Обата ќе бидат едно тело”.
- А кој се соединува со Господа, еден дух е со Него.
- Бегајте од блудството! Секој грев, што го прави човекот, е надвор од телото, а блудникот греши против своето сопствено тело.
- Или не знаете дека вашето тело е храм на Светиот Дух, Кој живее во вас и ви е даден од Бога и дека не припаѓате само на себеси?
- Скапо сте купени. Затоа прославете Го Бога во своите тела и во своите души, кои се Божји.
Поука на денот: Свети Серафим Саровски
Бог е оган, кој ги затоплува и разгорува срцата. Кога во нашите срца го чувствуваме студот што доаѓа од демонот, – бидејќи демонот е студен, – да Го призовеме Господа и Он ќе дојде и ќе го затопли нашето срце со љубовта кон Него и кон ближниот. И пред топлината на Неговото лице, ќе биде истеран студот на непријателот.
Во неделата кога се чита Евангелската парабола за блудниот син, помеѓу другите специфичности на богослужението е и пеењето на овој 136 псалм. Размислувајќи за него отец Александар Шмеман вели: „Тоа е псалм на прогонството. Го пееле Евреите во вавилонско ропство, кога си спомнувале за својот свет град Ерусалим. Тој засекогаш станал песна на човекот што осознава дека е во прогонство, оддалечен од Бога, и сфаќајќи го тоа, станува нов човек, човек што не може да биде исполнет со ништо во овој паднат свет, затоа што, по природа и по призив, секогаш, како поклоник, го бара Совршенството.“
136 Псалм: Тагување на заробените во Вавилон
1. Крај реките вавилонски – таму седевме и плачевме, кога ќе се сетевме на Сион;
2. на врбите, среде Вавилон, ги закачивме нашите харфи.
3. Зашто таму, оние што нè заробија и кои нè одведоа, побараа од нас радосна песна, велејќи ни: „Пејте ни од песните сионски!”
4. Како да зепееме Господова песна на туѓа земја?
5. Ако Те заборавам тебе, Ерусалиме, – нека ме заборави мојата десница,
6. нека се залепи јазикот мој за непцето мое, ако не те помнам, ако не го поставам Ерусалим над секоја моја радост.
7. Сети се, Господи, на синовите Едомови, во денот на Ерусалим, кога тие говореа:„Разрушете, разрушете го до темелите негови!”
8. Ќерко вавилонска, опустошителко, блажен е оној, што ќе ти врати за делото што ни го направи!
9. Блажен е оној што ќе ги заграби и ќе ги разбие од камен децата твои.