Вчера на 27. 03. 2018 година, Митрополитот Дебарско-кичевски, Плаошко-струшки и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј заедно со црковната делегацијата од Р. Македонија пристигна во далечна Австралија во доцните вечерни часови, слетувајќи на Сиднејскиот аеродром, каде свечено беше пречекан од неговите духовни чеда, кои во голем број дојдоа да му посакаат топло добредојде и пријатен престој во Австралија.
Освен свештенството од Сиднејското архиерејско намесништво и членовите на Епархискиот управен одбор, и многу верници од Австралиско-сиднејската епархија му посакаа топло добредојде и успешна канонска визитација на својот надлежен Архиереј г. Тимотеј и на останатите членови на делегацијата.
Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Дебарско – кичевски и Администратор на Австралиско – сиднејската епархија г. Тимотеј, во придружба на протојереј-ставрофор Димче Ѓорѓиески и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски, при оваа третата канонска визитација ќе престојуваат на Австралискиот континент во следниот периодот од 27.03.2018 до 22.04.2018.
Митрополитот г. Тимотеј заедно со придружниците и парохиските свештеници ќе отслужи свети архиерејски литургии во храмовите, кои што се под негова надлежност и ќе се сретне со некои од Црковните одбори.
Во рамките на програмата, Митрополитот г. Тимотеј ќе одржи редовен состанок на Епархискиот управен одбор (ЕУО) и редовно Епархиско собрание со членовите на Епархискиот управен одбор и делегатите на Црковните општини.
Уште еднаш од името на Епархискиот управен одбор на Австралиско-сиднејската епархија, Управните одбори на црквите, парохиското свештенство и монаштвото, македонските верници во Австралија и од име на Информативната служба, на Делегацијата им посакуваме добредојде и успешно остварување на зацртаните цели, како и пријатен престој меѓу нашинците во далечна Австралија.
Информативна служба