Света Божествена Литургија во манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк, Мелбурн (Викторија)

На 18. 03. 2018 година, во четвртата недела од Великиот пост – Недела на свети Јован Лествичник, кога Светата Црква ги празнува Светиот маченик Конон Исавриски; Светиот маченик Конон Градинарот; Преподобен Исихиј Постник; Преподобен Марко Подвижник, во манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк, игуменот на манастирот, архимандритот Гаврил (Галев) отслужи Света Василиева Литургија.

На Светата Литургија, верниот народ се причести со Светите Христови Тајни.

 

Послание на светиот апостол Павле до Евреите

 

6:13-20

 

  1. Бог, кога му ветуваше на Авраама, бидејќи немаше ништо поголемо, во што би се заколнал, се заколна во Себеси,
  2. велејќи: „Навистина ќе те благословам и преблагословам, ќе те размножам и преумножам”,
  3. и така, со долго трпение, тој го доби ветеното.
  4. Луѓето, пак, се колнат во погорно од себеси, и клетвата како потврда на секоја нивна препирка тура крај.
  5. Затоа Бог, кога на наследниците на ветувањето сакаше нарочно да им ја покаже Својата неизменлива волја, посведочи со клетва,
  6. та преку две неизменливи работи, во кои не е можно Бог да излаже, да имаме голема утеха и ние, кои што прибегнуваме да се прифатиме за надежта, што ни е дадена,
  7. а која е за нашата душа цврст и сигурен ленгер, и кој влегува дури зад завесата,
  8. каде што Исус за нас влезе најнапред, откако стана вечен Првосвештеник по чинот Мелхиседеков.