На 08. 12. 2017, кога Светата Црква го празнува патрониот празник на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, Светиот Климент Охридски, во манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк, игуменот на манастирот, архимандритот Гаврил (Галев), во сослужение на свештенството од Мелбурн, протојереј –ставрофор Ефтим Бетински и на ереј Климент Станковски отслужи Света Златоустова Литургија со што свечено беше прославена манастирската слава.
На Литургијата учество зеде мноштво народ, кој се причести со Светите Христови Тајни.
Радоста беше голема кај свештениците и кај сите верници, кои дојдоа на едноцрквието торжествено да го прослават својот закрилник светиот Климент Охридски. Верните едносушно собрани околу своите пастири заедно ги упатија своите искрени молитви кон Бога – за благослов и преуножување на монашкото братство во манастирот, каде моментално, покрај игуменот, архимандритот Гаврил (Галев) има уште двајца искушеници.