Краток историјат

Конституирање на новоформираната Австралиско – сиднејска православна епархија

Вовед

Австралиско – сиднејска православна епархија е една од 12-те епархии на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Таа е една од четирите епархии надвор од Македонија и има јурисдикција за дел од територијата на Австралија.

За почеток на оваа епархија се смета 2012 година кога беше регистрирано Здружение на граѓани, кое не ја признавала администрацијата на митрополитот г. Петар.

Причини за создавање на епархијата

Австралиско – сиднејската епархија потекнува од Австралиско – новозеландската епархија. Причини кои беа повод да се создаде Австралиско – сиднејската епархија и да се подели Австралиско – новозеландската епархија беа големите недоразбирања околу концептот и мислењето на црквите, парохиите и црковните општини, односно поради недоразбирањата меѓу црковните општини, клирот и менталитетот на верниците во врска со концептот на управување со имотите. Поради тоа голем дел од црковните општини не го признаваа митрополитот г. Петар за свој надлежен епархиски архиереј. Поради тоа, Австралиско – новозеландската епархија на Епархиското собрание свикано во 2012 година донела одлука епархијата да се подели на две посебни епархии.

На тоа Епархиско собрание се одлучило првата епархија да го задржи своето име како МПЦ – Епархија за Австралија и Нов Зеланд, додека другата епархија да би се именувала како МПЦ – Епархија за Канбера, Австралија и Тасманија. На собранието дошло до ментална, а не до територијална поделба која е со по 12 црковни општини. Била донесена и одлука во однос на функционирањето на епархијата, дека и таа ќе функционира целосно како и првата епархија, односно ќе важи уставот на МПЦ и светите канони. Единствена разлика е прашањето околу имотите. Се одлучило седиштето на новата епархија да биде во Сиднеј, додека на Австралиско-новозеландската – Мелбурн.

Подоцна овие одлуки на Епархиското собрание на Австралиско – новозеландската епархија биле прифатени од Светиот Архиерејски Синод на Македонската Православна Црква, при што била донесена одлука новоформираната епархија, која потоа ќе се именува како Австралиско – сиднејска да биде управувана од Синодот, а за координатор бил определен митрополитот Дебарски – кичевски г. Тимотеј.

Основачко собрание на Австралиско – сиднејската православна епархија

На 16-ти јануари 2015, во Мелбурн, Австралија, се одржа основачкото собрание на Македонска православна епархија за Австралија (МПЕА), предводена од митрополитот г. Тимотеј. На Собранието учествуваа делегати на 13 Македонски православни храмови во Австралија, кои во декември 2012 година Светиот Архиерејски Синод на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија ги прими под своја директна надлежност.

Собранието помина во позитивен дух и направи историски чекори за конечно регистрирање на Македонска православна епархија како правно лице во Австралија, во согласност со член 172 од Уставот на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија. И покрај крајно сложената состојба произлезена од 16-годишните спорови околу управувањето со Македонските православни храмови во Австралија, сите различни мислења беа надминати со тежок, но конструктивен дијалог. Меѓусебното разбирање и добрата волја на Митрополитот и делегатите произведоа едногласност по сите клучни одлуки, насочена кон општото добро на МПЦ, Македонскиот православен народ и Македонската заедница во Австралија.

На Собранието беше усвоен Епархиски статут, кој треба да го одобри Светиот Архиерејски Синод и Архиепископскиот Управен Одбор на Македонската православна црква – Охридска Архиепископија, со седиште во Република Македонија. Донесена беше и Одлука да се започне процедура за регистрирање на Епархијата како правно лице во Австралија, во согласност со Уставот на МПЦ-ОА и Австралиските закони за регистрирање на непрофитни, вклучувајќи и верски организации.

Избран беше и привремен Епархиски Управен Одбор, кој го сочинуваа:

1-Митрополитот г.Тимотеј (Претседател);
2-Г-дин Љупчо Стефановски (потпретседател);
3-Протојереј Станко Јовановски (в.д. Архиерејски заменик);
4-Протојереј-ставрофор Ефтим Бетински (член);
5-Протојереј-ставрофор Ѓорѓија Лапоски (член);
6-Г-дин Митко Николовски (член);
7-Г-дин Јовица Ѓоргоски (член);
8-Г-дин Зоран Јанев (член);
9-Г-дин Јоте Ќандовски (благајник);
10-Г-дин Крис Ангелков (секретар) и
11-Г-дин Игор А. Александров, правен секретар.

На Основачкото Собрание на МПЕА зедоа учество делегати и претставници од следните Црковни општини и храмови:

1 – „Пресвета Богородица“ во Сиденхам, Мелбурн (Викторија) – со парохиски свештеник;
2 – „Свети Георгиј и Пресвета Богородица“ во Епинг, Мелбурн (Викторија) – без парохиски свештеник;
3 – Манастирот „Свети Климент Охридски“ во Кинг Лејк, Мелбурн (Викторија) – без настојател;
4 – „Свети Јован Крстител“ во Џилонг (Викторија) – со парохиски свештеник;
5 – „Свети Кирил и Методиј“ во Розбери, Сиднеј (Нов Јужен Велс) – без парохиски свештеник;
6 – „Свети Никола“ во Кабрамата, Сиднеј (Нов Јужен Велс) – со парохиски свештеник;
7 – „Свети Димитриј“ во Волонгонг (Нов Јужен Велс) – со парохиски свештеник;
8 – „Пресвета Богородица“ во Њу Кастел (Нов Јужен Велс) – без парохиски свештеник;
9 – „Свети Климент Охридски“ во Канбера (Австралиска Капитална Територија) – со парохиски свештеник;
10 – „Свети Илија“ во Квинбијан (Нов Јужен Велс) – со парохиски свештеник;
11 – „Свети Никола“ во Перт (Западна Австралија) – со парохиски свештеник;
12 – „Свети Наум Охридски“ во Аделаид (Јужна Австралија) – без парохиски свештеник; и
13 – „Раѓање на Пресвета Богородица“ во Бризбејн (Квинзланд) – без парохиски свештеник.

Конечна одлука за формирање на Австралиско – сиднејската епархија

Во февруари 2016 година Светиот Архиерејски Синод на МПЦ-ОА реши и конечно донесе одлука да го прифати Статутот на новоформираната Австралиско – сиднејска епархија (САС бр: 37/ 23. 02. 2016) и за нејзин Администратор да го постави митрополитот Тимотеј (САС бр: 38/ 23. 02. 2016). Со овие одлуки конечно беше конституирана Австралиско – сиднејската, со што се реши спорот кој траеше 20 години.

Регистрирање пред Австралиските власти и признавање

На 23 февруари 2017 година беше регистрирана  епархијата како правно лице пред Австралиските власти и признаена како Црква под следното име: Македонска Православна Црква – Охридска архиепископија – Австралиско – сиднејска епархија (Macedonian Orthodox Church – Ohrid Archbishop – Diocese of Australia-Sydney).

 Јурисдикција

Австралиско – сиднејската епархија под своја јурисдикција има 11 храмови и 1 манастир. Поточно во нејзин склоп се следните црковни општини:

1 – „Пресвета Богородица“ во Сиденхам, Мелбурн – Викторија;
2 – „Свети Георгиј и Пресвета Богородица“ во Епинг, Мелбурн – Викторија;
3 – „Свети Јован Крстител“ во Џилонг – Викторија
4 – „Свети Никола“ во Кабрамата, Сиднеј – Нов Јужен Велс
5 – „Свети Димитриј“ во Волонгонг – Нов Јужен Велс
6 – „Света Петка“ во Рокдејл, Сиднеј – Нов Јужен Велс
7 – „Свети Илија“ во Квинбијан – Нов Јужен Велс
8 – „Свети Климент Охридски“ во Канбера – Австралиска Капитална Територија
9 – „Свети Никола“ во Перт – Западна Австралија
10 – „Свети Наум Охридски“ во Аделаид – Јужна Австралија
11 – „Света Недела“ во Голд Кост – Квинзланд
12 – манастир „Свети Климент Охридски“ – Кинг Лејк, Мелбурн – Викторија