Поука за родителите: Ќе одговарате пред Бога за своите деца – Свети Лука Кримски

…зашто секое словесно поучување или педагошко умеење не е ништо, тоа е празно во споредба со примерот кој децата го гледаат во своите родители…

 

„Гледајте да не презрете едно од овие мали“ (Мт. 18, 10). Дали сте размислувале за тоа овие Христови зборови да се однесуваат директно и непосредно на вас? Зарем вие немате од тие малите кои треба да ги чувате? Зарем има малку развратни ќерки и синови- крадци и мангупи поради кои пролевате горчливи солзи? Зошто е така? Затоа што не сте сѐ сеќавале на мудрите Христови зборови. Дури кога ќе ви стане тешко поради однесувањето на вашите деца вие плачете и му се молите на Бога да ви помогне. Меѓутоа, вашата молитва останува бесплодна зашто не смејат на Бога да сѐ префрлуваат родителските обврски и грижи околу воспитувањето на децата. Ако слугата не води грижа за својата работа и ако чека господарот тоа да го направи, зарем господарот ќе работи за него, зарем нема да се прогневи на неработливиот слуга? Што сакате од Бога?

Свети Јован Златоуст строго рекол дека немарните „родители што го занемаруваат христијанското воспитување на своите деца се поголеми безаконици од чедоморците, зашто чедоморците го разделуваат телото од душата, а немарните и душата и телото ги фрлаат во огнениот пекол“. Тежок одговор ќе даде пред Бога секој лекомислен родител.

Во Првата книга од Царствата се зборува за побожниот еврејски првосвештеник Илија кој педесет години бил судија на израелскиот народ. Нему му служел св. пророк Самуил, тогаш уште дете. Еднаш на тоа дете (Самуил) му се јавил Господ и му заповедал да му јави на првосвештеникот Илија и да му каже дека го очекува страшна Божја казна поради негрижата кон своите деца. А нечесните деца на Илија биле свештеници и со своето однесување го навредувале народот, го одвраќале од Бога: кога Евреите принесувале животинско месо како жртва на Бога, слугите на овие свештеници ги одбирале најдобрите парчиња месо од котелот во кој се варело месото заради принесување жртва и им го давале месото на свештениците. Земале дури и сурово месо, а на барањето на луѓето што го донеле месото со цел прво да го спалат салото на жртвеникот одговарале: „Ако не го даваш, ќе го земам насила“ (в. Цар. 2, 12-17; 3, 10-14).

Поради таквата нечесност Господ не ги казнил само овие свештеници туку и самиот Илија. Во времето на суровата борба со Филистимците кои ја нападнале израелската земја, овој 98-годишен старец седел пред храмот очекувајќи го исходот од битката. Кај него дотрчал вознемирен и прашлив гласник со лоши вести: „Твоите синови се убиени, а Ковчегот Божји е заробен“. Кога го слушнал тоа Илија, паднал ничкум, го скршил ҆рбетот и умрел во тешка смрт. Господ рекол дека сиот род на првосвештеникот ќе биде казнет поради тоа што Илија не ги спречувал своите деца да прават тешки гревови (в. 1 Цар. 4, 11, 13-21).

А ова му се заканува и на секој што нема да води грижа за сопствените деца. За оние  што со сето срце се стремат кон тоа да ги воспитуваат своите деца во побожност, на секоја утрешна ги слушате во сто и третиот псалм следните благослови: „Но милоста Господова останува во век и веков на оние што се плашат од Него и правдата Негова. На синовите на синовите што ги држат Неговите заповеди, да ги извршуваат“ (Пс. 103, 17-18).

Размислете колку тешка одговорност ќе носите пред Бога ако не ги виспитувате деца според христијанските обичаи. Кажете што ќе се случи со вашата несреќна ќерка ако во младоста се предаде на разврат, а потоа се омажи и роди деца? Дали врз неа и врз целото нејзино семејство ќе биде Божјиот благослов?  Не, од неа ќе потекне непобожен род одбивен на Бога.

Како треба да ги воспитуваме децата? Онака како што ги воспитувале своите деца христијаните во првите векови. Тие од најраното детство ги учеле децата на молитва, на храмот, на пости, на црквените Тајни, ги учеле да читаат и да пишуваат според книгите на Светото писмо. Никогаш не му дозволувале на детето да седне на маса и да почне да јаде  без молитва: на децата им зборувале дека секоја работа, секој чекор на христијаните треба да почне со крсниот знак и со молитва.

Иако првите христијани ги учеле своите деца филозофија, музика и уметност, притоа се раководеле со длабокото свето правило: „Сметај го за несреќен оној што знае сѐ, а не знае за Бога. Блажен ѐ оној што знае за Бога, дури и кога не знае ништо друго“. Немојте да мислите дека на децата им забранувале да ги изучуваат светските науки. Нашите најголеми отци и учители на Црквата и самите во младоста многу усрдно ги изучувале сите светски науки. Светите Василиј Велики, Григориј Богослов, Јован Златоуст биле високообразовани луѓе.

И вашите деца треба да бидат образовани, да станат учени. Но не треба нивната обука и воспитување да се оганичуваат само на световната мудрост на овој свет. Исклучително е важно заедно со тоа да ја спознаат и највисоката правда и вистина за да го проучуваат Божјиот Закон и Христовите заповеди. Притоа да се навикнат и на постојана побожност. Тогаш и само тогаш нема да се изгубат на патот на човечката мудрост, кога спознанието за Бога ќе биде ставено на прво место.

А како да се посади во децата христијанскиот морал? Пред сѐ со својот живот, зашто секое словесно проучување или педагошко умеење не е ништо, тоа е празно во споредба со примерот што децата го гледаат во своите родители. Кажете ми, ќе израснат ли во добри луѓе децата што во своите родители гледаат најлоши примери на неморал? Ќе биде ли чиста и целомудрена ќерката ако мајка ѝ, самата ѝ даде пример за прељуба? Зарем нема да се научат на крадење децата ако од тој грев не ги одвраќате уште од најмала возраст? Кога вашите синови ги крадат и ги пустошат нивите, кога го берат туѓото, кога не оставаат да созреат плодовите и кога доаѓаат да се жалат поради нив, мајките мирно одговараат: „Нема врска, тие се деца, ништо не знаат“. Господ ќе бара одговор од вас! Страшно ќе бара одговор: „Зошто сте им дозволиле на вашите деца да крадат од најмлада возраст, зошто не ги учевте на заповедите Божји, зошто не им всадувавте одбивност кон крадењето?“ Страшен одговор ќе дадете пред Бога за секоја соблазна што вашите деца ќе ја видат во вас, за сите караници, пцовки, тепања, што сѐ случуваат пред нивните очи. Ако самите така постапувате, на истото ќе се научат и вашите деца.

Свети Јован Златоуст, вселенскиот учител и најголемиот црковен оратор за недостојните родители рекол: „Зашто вие како намерно да се трудите да ги упропастите децата, им наредувате да го прават само она со чие правење нема да можат да се спасат. Кажано е: тешко на оние што се смеат- вие на децата им давате многу поводи за смеа; тешко на богатите ако вие само се трудите тие да се обогатат; тешко вам кога ќе почнат сите луѓе да зборуваат добро за вас (в. Лк. 6, 24-26), а вие често го губите својот имот поради човечката слава. И пак: „Оној што ќе го нарече својот брат будала, ҆виновен е за во пеколот“ (в. Мт. 5, 22) додека ги сметате за слаби и кукавици оние што со молчење ги поднесуваат навредливите зборови од другите.

Христос заповедува да се одвраќаме од караници и расправии, а вие постојано ги занимавате своите деца со овие лоши дела. Кој го сака живот свој (на руски: душа), рекол Господ- ќе го изгуби (Јн. 12, 25), а вие на секој начин ги вовлекувате децата во таа љубов.
Ако ли пак, вие не простувате, и вашиот Отец, Кој е на небесата, нема да ви ги прости грешките ваши (Мк. 11, 26), а вие дури и ги прекорувате децата кога не сакаат да им се одмаздат на оние што ги навредиле. Христос рекол дека оние што ја сакаат славата, без оглед дали постат, дали се молат и даваат милостина, сето тоа го прават бескорисно; а вие само се трудите вашите деца да добијат слава.

И не е лошо само тоа што ги советувате децата спротивно на заповедите Христови. Туку лошо е и тоа што хулите на доброто, што скромноста ја нарекувате необразованост, кроткоста- плашливост, праведноста- слабост, смирението- сервилност, незлобливоста- слабост. Ги наговарате децата на дела за кои Христос одредил неизбежна погибел.  Не водите грижа за нивната душа, како тоа да е нешто непотребно, а за она што е навистина излишно се грижите како за нешто неопходно и многу важно.

Сѐ правите за вашиот син да има слуга, коњ и најдобра облека, а не сакате ниту да помислите дека треба самито тој да биде добар. Во грижата за дрва и камења во толкава мера, ниту со најмал дел од таа грижа не ја удостојувате душата. Сѐ правите за да стои на куќата прекрасна статуа и покривот да биде златен, а не сакате ниту да помислите на другата скапоцена статуа- на душата- таа да биде златна“.

Овие праведни зборови на св. Јован Златоуст кои се изговорени пред илјада и половина години, можат и сега да се повторат. Зарем вие не ги воспитувате своите деца исто толку лошо ако притоа не им влевате страв Божји? Зарем не ги вложувате сите грижи во тоа да им дадете на децата што подобра позиција во животот, да ги ставите во редовите на оние што се на власт, што се богати и силни? Зарем не им говорите на децата дека силата е во парите, дека треба да стекнат големи знаења заради имотен, слободен живот? Потребно е сето тоа?! Не, туку сосема спротивното.

Со воспитувањето на децата треба да се започне од пелени, зашто децата од мали нозе лесно го усвојуваат секое учење. Нивната душа е мека како восок, во неа се врежува сѐ што ќе посакате. Вашиот лош пример, и побожните зборови, и сѐ најсветло и најчисто. Ги заборавате едноставните зборови на св. Тихон за детската душа: „Малото дрвце, во кој правец ќе се свитка, натаму ќе расне. Новиот сад ќе мириса на она со што ќе го наполните, налевајќи во него смрдлива течност или миризлива и чиста“. Значи, ако во душата на малото дете ја налеете секоја смрдеа, таа секогаш ќе биде смрдлива. А ако во неа го налевате мирисот на Христовиот миромирис, вашите деца секогаш ќе бидат миромиризливи пред луѓето. е ви бидат утеха и радост.

Денес често се вели: „Зарем се способни децата да читаат Свето писмо и псалми? Тоа е за монасите и за старците, а на децата им се потребни веселба и радост“. Со добриот пример ги воспитувате децата. На славниот руски проповедник, Харковски архиепископ Амвросиј му припаѓаат зборовите што ја трогнуваат душата: „Кога ниту еден член од семејството не може да остане без вечерна и утринска молитва, кога таткото не излегува од дома за на работа без да се помоли пред светите икони, а мајката ништо не почнува без да се прекрсти, кога на малото дете не му дозволуваат да ја допре храната пред да се прекрсти, зарем на тој начин не се учат децата во сѐ да молат за Божјата помош и да веруваат дека без Божјата помош нема сигурен живот, а без Неговиот благослов нема утеха во човечките дела?“.

Не може да остане бесплодна за децата верата на родителите кога тие во случај на нужда и сиромаштво со солзи во очите велат: „Што да се прави?  Нека е волја Божја“; во опасност: „Господ е милостив“; во тешки околности: „Бог ќе помогне“, во успех и радост: „Фала на Бог, од Бога е“. Овде секогаш и во сѐ се исповеда Божјата благост и Божјото правосудие.

Мајката, кон која се наосечени сета љубов и нежност на детето со свештен страв стои пред иконата на Спасителот и се моли, а детето гледа ту во неа, ту во иконата и нему не му се потребни други објаснувања што значи тоа. Тоа е првата нема лекција на богопознание и најважната лекција за побожност. Такви лекции можете и треба секогаш и за сѐ да им давате на своите деца.

Треба да ги чувате децата од сѐ што е лошо, да не им дозволувате на ќерките да читаат развратни, страстни романи, да барате од нив да читаат со разбирање, да не им дозволувате да се забавуваат и постојано да трчаат во кино и во театар.

А уште не треба да го заборавите ниту тоа дека детето не може да се воспитува ако никогаш не се казнува. Најголема грешка прават оние родители кои ги обожуваат своите мали деца, им се восхитуваат и се им простуваат кога ќе згрешат. За таквите во Светото писмо се вели: „ Разгали го твоето дете, тоа ќе те вчудовиди“ (Сир. 30, 9). Рускиот светител Тихон Задонски ги поучува родителите: „Младите, ненаучени, кога ќе созреат, стануваат како незауздани и нескротливи коњи. Затоа, христијанину, сакај ги своите деца и казнувај ги. Сега, додека се млади, нека ја почувствуваат болката во телото, за подоцна да не те боли срцето поради нив. Нека плачат од тебе за да не плачеш ти од нив. Впрочем, умереноста е пофална и потребна во се“. Децата не смеат да се казнуваат со лутина, со злоба и со омраза. Треба да се советуваат мирно и со љубов. Само тогаш децата, чувствувајќи ја таа љубов, ќе сфатат дека заслужуваат казна и таа ќе им биде од корист и ќе ги поправи.

Гледате ли колку огромни задачи стојат пред нас во делото за воспитување на децата!? Гледате ли колку се свети обврските на мајката!? Нема поголема обврска, нема поголема одговорност пред Бога за мајката, од доброто воспитување на децата. Ако го занемарите воспитувањето на своите деца, ќе се мачите и ќе плачете гледајќи ги. Пред Бога ќе дадете одговор и врз целото потомство ќе го навлечете гневот Божји. Значи, секогаш грижете се за своите деца, секогаш давајте им чист, свет пример на побожност и тогаш благословот Господов ќе биде во век и во векови врз вашите деца и врз вас самите. Амин.